„Метлата" на Заев почна од СДСМ, во Владата го подготвува теренот

Со разрешување на 78-те претседатели на општинските организации на СДСМ од 80 општини премиерот и лидер на партијата Зоран Заев ги почна ветените промени со т.н „метла".

Тој почна со промените во партијата, терен каде што има директна надлеженост, со увереност дека изборот на новото раководство во партиските организации ќе овозможи обнова на потенцијалот за решавање на проблемите на граѓаните.

Почнатите партиски промени треба да продолжат на почетокот на следниот месец, како што најави Заев, во општествениот сектор, односно јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции. Верувам дека сето ова ќе предизвика едно возобновување на севкупниот амбиент на луѓе кои што се доста експонирани и постојат да бидат добра алка на премостување и решавање на проблемите на граѓаните, се со конечна цел сите да учиме од своите слабости и да бидеме уште подобри во периодот кој што претстои пред нас, изјави Заев.

За идните одлуки Заев завчера имаше средба со коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети, од каде пак истовремено промовираа концепт за промените со ветинг.

Разговорите на Заев и Ахмети, според најавите, ќе продолжат по консултации во двете политички партии. Целта на тие иницијативи, како што рекоа од Владата, е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните.

Неговиот коалициски партнер Ахмети, претходно изјави дека останува на барањето за проверка на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност и, како што вели, бара совети за примена на ветингот, со што ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето лажни вести.

Според пратеникот од ДУИ Артан Груби, ветингот што ДУИ го предлага, нема врска со метлата на Заев. Партијата планира да има двоен ветинг, еден партиски со кој ќе се проверуваат кандидатите за членство во ДУИ, и еден институционален.

– Било да е пратеник, министер, директор или кој било треба да биде проверен пред да се именува. Да се гарантира дека човекот кој ќе го изгласаме во Собранието е кристално чиста личност без дамка во кариерат, изјави Груби.

Во коментар на неговата изјава Заев рече дека сите коалициски партнери имаат право да даваат свои коментари, но и да знаат што ќе се случи со реконструкцијата на Владата.

– Јас сум мандатар, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и сл., рече Заев, одбивајќи да лицитира со имиња.

На трибина по првиот круг од претседателските избори на 21-ви минатиот месец Заев обраќајќи се на поддржувачите кои останале дома и се незадоволни од власта најави дека ќе има „чистка" на функционери на локално и на централно ниво, а актерот Драган Спасов – Дац му подари метла. Главни критериуми за „метлата", според Заев, ќе бидат ароганцијата, неисполнувањето на очекувањата, неагилниот однос и непотизмот. По неговата најава поголемиот дел од министрите од СДСМ оценија дека ќе ја почитуваат одлуката ако бидат дел од смените во Владата, а дел од министрите од ДУИ изјавија дека работат според програмата, а за кадровските смени одлучува лидерот Ахмети. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати упати критики до Заев за целиот процес со порака дека „метлата" треба да почне од него./МИА

Ангеловска-Бежоска на средба со директорот на ММФ Камер

 Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. 

Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4 проценти, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30 проценти во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната.

Ова, како што информираа денеска од Народната банка, било посочено на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, што се одржува во Порторож, Словенија.

Камер истакнал дека претпазливите политики на Народната банка биле клучни за соодветно надминување на кризниот период и важно е да се продолжи на тој начин. Ова ја нагласува важноста од зачувување на независноста на централната банка.

Гувернерката посочила дека, во период од една година, инфлацијата петкратно се намалила и се свела на пониски едноцифрени стапки, додека јазот меѓу домашната и инфлацијата во еврозоната значително се намалил.

- Истовремено, и покрај затегнувањето на монетарната политика, стабилноста на домашниот банкарски сектор беше зачувана, а истовремено беше зголемена отпорноста со преземањето на макропрудентните мерки од страна на централната банка. Во изминатите неколку кризни години, показателите покажуваат дека адекватноста на капиталот е на највисоко ниво во изминатите 17 години, додека нефункционалните кредити се блиску до историски најниското ниво. Кредитната активност, иако во еден период забави, и натаму претставува значителна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор, рекла гувернерката.

Ангеловска-Бежоска изразила благодарност до Камер за значајната поддршка што ММФ и ја дава на Народната банка во справување со неодамнешните незапаметени шокови.

Рејнолдс сам се грижел за своите четири деца еден ден: „Никој не умре, што е убаво“

Холивудскиот актер Рајан Рејнолдс откри дека еден ден се грижел за своите четири деца, кои ги има во брак со убавата Блејк Лајвли.

Водителката на „Today Show“ го прашала мегапопуларниуот актер како изгледало тоа.

- И знаеш. Самохран татко. Сè направив сам. Сите ги однесов во парк. Им кажав дека мајка им ги напуштила кога биле многу мали. Беше добро. Никој не умре, што е исто така убаво. Со четири деца едноставно преживуваш – се пошегува тој.

Инаку, Рејнолдс и Лајвли се во брак 11 години, а познати се по тоа што често се задеваат на социјалните мрежи.

Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати на 133. сесија на Комитетот на министри на Совет на Европа во Стразбур, при што ја подвлече улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.

-Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од различна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите-членки ја носиме одговорноста за неговата ефикасност, истакна Османи.

Според него, на 75-годишнината од постоењето, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото.

Министерот го поздрави денешното усвојување на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.

-Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ при решавање на заедничките проблеми е од особено значење, додаде Османи.

За време на престојот во Стразбур, Османи ќе има средби со негови колеги од различни земји.

притисни ентер