„Магичниот македонски триаголник“ – омаж на Прличев, Миладинов и Чинго во Софија - Канал 5

„Магичниот македонски триаголник“ – омаж на Прличев, Миладинов и Чинго во Софија

 Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржало едно историски значајно и научно предавање, односно Првото македонистичко предавање насловено „Магичниот македонски триаголник“. 

„Магичниот македонски триаголник“ – омаж на Прличев, Миладинов и Чинго во Софија

Настанот бил посветен на тројцата великани на македонската книжевност – Григор Прличев, Константин Миладинов и Живко Чинго, по повод 195 години од раѓањето на Прличев и Миладинов и 90 години од раѓањето на Чинго. Вечерта била празнична посвета на македонскиот јазик, книжевност и културна самобитност, исполнета со емоција, достоинство и љубов кон словото.

Настанот го отворила македонската амбасадорката Агнеза Руси-Поповска, која ги поздравила присутните дипломати, претставници на културните институции, студенти и љубители на македонската култура.

Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски ја истакнал симболиката на ова предавање - како чин на почит, но и како почеток на нова практика на културни и академски средби, преку кои македонскиот јазик и книжевност ќе заземаат заслужено место во културниот дијалог на Балканот.

Како што информираат од Македонскиот културно-информативен центар во Софија, „Магичниот македонски триаголник“ ги обединува тројцата автори кои ја обликуваа нашата книжевна оска низ времето – Прличев со својата визионерска борба за достоинство, Миладинов со поетската т’га и љубов кон јазикот и Чинго со човечноста и симболизмот на современата проза. Тие се три светилници кои го осветлуваат патот на македонскиот дух, три точки што ја држат живата геометрија на нашата културна меморија.

Главниот беседник на вечерта бил проф. д-р Димитар Пандев, еден од најистакнатите македонисти, универзитетски професор, книжевен критичар, писател и истражувач на македонската литература. Со својот голем авторитет и длабочина на знаење, проф. Пандев ги поставил во меѓусебна поврзаност тројцата писатели, како подлога на македонскиот книжевен и национален континуитет.

Тој истакнал дека Прличев, Миладинов и Чинго имаат заедничко потекло во Охридското книжевно наследство, но дека секој од нив се развил во оригинален книжевен профил. Од школата на Димитрија Миладинов произлегла Охридската школа на македонската преродба, додека Живко Чинго, прв професор по македонски јазик и литература во Охридската учителска школа, го продолжил патот на современото книжевно образование.

Проф. Пандев ја нагласил нивната фолклорна заинтереснираност: Миладинов е еден од првите научници фолклористи, Прличев е претходник на македонската учителско-револуционерна поезија, а Чинго е професионален фолклорист, извесно време вработен во Институтот за фолклор. Сите тројца биле и критичари на своето време: Прличев ја критикувал европската поразија, Миладинов унијатството, а Чинго социјализмот и колективизмот. Тие се полиграфи и полистилисти – поети, филолози, преведувачи, раскажувачи, романсиери и драмски автори, чие дело продолжува да живее и инспирира.

Во неговото излагање проф. Пандев го објаснил „магичниот триаголник“ на македонската книжевност: од светот на магичните ритуали и народната поезија кај Миладинов и Прличев до магичниот реализам на Чинго. Миладинов, со преминот од ритуална во љубовна поезија, ја создава основата на литературниот јазик преку дијалектни и поетички вкрстувања. Прличев, инспириран од охридската граѓанска и трубадурска поезија, преку своето творештво го артикулира духовното непокорство на својот народ. Чинго, пак, создава мал универзум на човечност, метафора и современа сензибилност, во кој зборот станува и маченик и спасител.

Предавањето било надополнето со читање на избрани стихови и прозни извадоци, кои ја оживеале топлината и човечноста на зборот. Публиката ја почувствувала длабочината на секој од трите автори и значењето на нивното дело за македонската културна меморија. Во дискусијата, присутните истакнале дека вакви настани ја афирмираат македонската култура и ја зацврстуваат нејзината видливост на европската и балканската културна сцена.

На крајот, било потврдено дека „Магичниот македонски триаголник“ е симбол на трајноста на македонскиот дух – три имиња, три гласови, три епохи кои ја испишале истата приказна за љубовта кон родното, кон зборот и кон човекот.

Настанот завршил во пријателска и топла атмосфера, со разговори, и искрена гордост што од Софија започнува нова традиција, серија македонистички предавања кои ќе ја продлабочат соработката и разбирањето меѓу народите преку јазикот и уметноста.

Со овој настан, Македонскиот културно-информативен центар уште еднаш ја потврдува својата мисија - да биде чувар и промотор на македонскиот културен идентитет, простор за дијалог, култура и пријателство и да го афирмира македонскиот јазик како жив, современ и универзален израз на духовноста.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишени од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор за „безобѕирно управување возило“

Еден возел под дејство на алкохол, а останатите без возачка дозвола.

Лишени од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор за „безобѕирно управување возило“

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода 14 возачи и со двајца малолетници е извршен службен разговор поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Од нив, 13 управувале возило без положен возачки испит и тоа: З.Т.(39), М.Л.(22), Х.В.(23), Б.Ф.(24), сите од Скопје, Х.Д.(19) од с.Морани, скопско, М.Т.(29) од Прилеп, В.И.(18) од Битола, Р.Н.(47) од с.Брезница, општина Македонски Брод, И.Ѓ.(42) од Кочани, Г.Н. (46) од Кавадарци, Ш.Р.(34) од Тетово, Б.А.(26) од Гостивар и Л.Ф.(22) од с.Чегране, гостиварско, кој удрил во паркирано возило. Исто така, со двајцата малолетници од Велес, во присуство на родител е извршен службен разговор затоа што управувале мопеди без возачка дозвола. Додека пак, под дејство на алкохол управувал Д.Ј.(39) од Делчево. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија заедно со Словенија и Србија се кандидира за домаќин на ЕП во ракомет во 2034.

Српската ракометна федерација објави дека, заедно со федерациите на Словенија и Македонија, официјално поднела кандидатура за организација и домаќинство на Европското првенство во ракомет во 2034 година.

Македонија заедно со Словенија и Србија се кандидира за домаќин на ЕП во ракомет во 2034.

Како што е наведено, кандидатура за домаќин поднеле и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Шведска и Турција, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе донесе одлука следната година на својот редовен Конгрес.

- Заедничката кандидатура ќе претставува проект кој, покрај спортскиот сегмент, ќе вклучува и институционална поддршка од владите на Србија, Словенија и Македонија, а во текот на следниот период, трите федерации и надлежните институции ќе работат на подготовка на комплетна кандидатура, која ќе ги вклучува сите потребни организациски, инфраструктурни, логистички и други аспекти важни за организацијата на еден од најголемите европски спортски настани - соопшти Српската ракометна федерација.

Се додава дека за Србија, Словенија и Македонија, заедничката кандидатура претставува и потврда за намерата трите земји дополнително да го поврзат својот спортски потенцијал и да настапат заедно на европската спортска сцена.

- Српската ракометна федерација, како и федерациите на Словенија и Македонија, ќе продолжат интензивна соработка во подготовката на кандидатурата во наредниот период, со цел заедничкиот проект да се претстави пред ЕХФ како сериозна и сеопфатна кандидатура за домаќинство на Европското првенство во 2034 година - соопшти Српската ракометна федерација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Серафимовски потпиша девет договори за промоција на домашното производство и развој на руралните средини

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес потпиша девет договори за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. 

Министерот Серафимовски потпиша девет договори за промоција на домашното производство и развој на руралните средини

Вкупната вредност на договорите изнесува 1.283.889 денари.

Поддржаните манифестации се посветени на промоцијата на домашните земјоделски производи, подобрувањето на нивната препознатливост, непосредното поврзување на производителите со потрошувачите, како и афирмацијата на локалната традиција, гастрономијата и руралниот туризам.

„Најкраткиот пат од нивата до пазарот понекогаш започнува на локалниот плоштад, место каде што производителот може лично да застане зад својот производ, да го понуди и да му овозможи на потрошувачот да ја препознае неговата вредност. Со оваа поддршка отвораме простор локалните заедници да го претстават најдоброто што го создаваат, а манифестациите да донесат конкретна придобивка за изложувачите и локалните производители“, истакна министерот Серафимовски.

Поддршка за организирање манифестации добија:

-„Еко кам мед“ од Македонска Каменица за „Денови на медот во Македонска Каменица“;

- „Ума Сто“ од село Умин Дол за „Есенско пазарче“;

- „Слоу фуд Лихнидос“ од Охрид за „Вкусови на ферментацијата – органско производство на храна“;

- Општина Босилово за „Ајверијада во Општина Босилово 2026“;

- Општина Василево за „Ден на празот“;

- Општина Ново Село за „Костенијада“;

- Општина Чучер-Сандево за „Традиција на Скопска Црна Гора“;

- Општина Ресен за „Преспански јаболкобер“;

- Општина Кочани за „Денови на кочанскиот ориз“.

Избраните манифестации ќе се реализираат во периодот од 10 септември до 31 декември 2026 година. Преку нив ќе се промовираат производство на мед и органска храна, локални земјоделски производи и традиционална гастрономија.

Со реализацијата на оваа мерка, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја продолжува поддршката за здруженија и единици на локалната самоуправа во организирањето манифестации што ја зголемуваат видливоста на домашните производители, ја поттикнуваат локалната економска активност и придонесуваат за развој на руралните средини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер