Култура„Кармен свита“ и „Болеро“ - современа интерпретација на балетската класикаЕнергијата што се чувствуваше во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ уште еднаш потврди дека јазикот на театарот и воопшто на уметноста немаат граници.На репертоарот на „Охридско лето“ синоќа се одиграа балетските претстави „Кармен свита“ и „Болеро“ од Жорж Бизе и Морис Равел, во изведба на маестралните уметници од Опера и Театар „Мадленијанум“ од Србија, а во кореографија на Александар Илиќ. „Кармен свита“ адаптирана според Бизеовата опера „Кармен“ ја долови стравствената приказна за Кармен, симболот на слободата и судбината, а „Болеро“ во вториот дел од вечерта донесе динамична кореографија полна со драмски тензии. Енергијата што се чувствуваше во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ уште еднаш потврди дека јазикот на театарот и воопшто на уметноста немаат граници. Идејата за настанување на овие две балетски претстави е на поранешниот уметнички директор на Операта и театарот „Мадленијанум“ Никола Мијаиловиќ со цел да се одбележат 150 години од раѓањето на Морис Равел и 150 години од смртта на Жорж Бизе. Оваа година почина и Родион Шчедрин, така што претставите ги слават токму овие тројца големи уметници. Кореографот Илиќ, класичните музички дела ги поставува во современ контекст, спојувајќи ја виртуозната игра, силната драмска експресија и авторски препознатливиот кореографски израз. -Оваа претстава носи спектакуларна танцова верзија на двете дела, „Кармен“ и „Болеро“. Според мене, секако „Кармен“ е една од најубавите музички партитури, а исто така и „Болерото“ од Равел. Сакам да кажам дека се работи за две потполно различни продукции. „Кармен свита“ е правена во еден неокласичен стил кој носи класика и сè што навистина е кореографски јазик за класичен балет. „Болерото“ е правен на еден потполно современ кореографски вокабулар, појаснува Илиќ. Современата игра, според него, бара дијалог со публиката, просторот и времето. -Сметам дека современата игра е можеби единствена гранка во уметноста која најбрзо се развива од сите останати уметнички гранки, нешто слично како технологијата. Во денешно време кога зборувате за современа игра, таа отишла толку далеку што сè е возможно. Кога ги споменувам овие три фрази мислам на тоа дека е важна партиципацијата на публиката во сите претстави. Тоа вечерва го почувствува и публиката на „Охридско лето“. Дали претставата е наративна или не, не е воопшто прашање, туку работата е како можете да допрете до гледачите, да ја почувствувате не само играта на уметниците, туку и текстурата на претставите која секако е во синергија со музиката, појаснува Илиќ. Опера и театар „Мадленијанум“ за балетите „Кармен свита“ и „Болеро“ е добитник на бројни признанија од српските стручни здруженија и фестивали. Тагови: Охридско лето Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЖивотПовторно се појавија европските „камења на гладот“ : Ако ме видиш, заплачи Со векови, заедниците покрај реките во централна Европа бележеле екстремно ниски нивоа на водата со резбање ознаки во карпите што се издигале над површината.Резултатот е необичен и траен запис за условите што би можеле да ја загрозат навигацијата, земјоделството и егзистенцијата, според Смитсонијан. Се појави порака од 1707 година Овие предмети се познати како „камења на гладот“ и претставуваат некои од најнеобичните преживеани физички записи за големи суши во централна Европа. Камењата се обележани со години што се протегаат од 15-ти до 20-ти век, додека некои карпи биле обележани повеќе пати, со децении помеѓу различни периоди на суша. Еден таков „камен од глад“ покрај реката Елба во германското село Оберпост, околу 15 милји југоисточно од Дрезден, повторно се појави овој месец. На него има повеќе натписи што означуваат години на ниски нивоа на вода, од кои најстариот датира од 1707 година. Каменот е „еден од најпознатите и најголемите од ваков вид“ во Германија. „Обично гледаме иницијали и години“ Неколку други слични примери неодамна станаа видливи. Тие биле забележани во Леверкузен, во близина на устието на притока на Рајна, како и во Долни Жлеб, чешко село во близина на германската граница. „Камењата на гладот“ се разликуваат по големина, старост, локација и содржина на натписот, но некои мотиви се повторуваат. „На нив обично ги гледаме иницијалите на името и годината. Понекогаш има врежана ознака на нивото на водата“, изјави Властимил Пажурек, директор на Регионалниот музеј во Дечин, Чешка, за Властимил Пажурек во 2022 година. Референцата на годините на суша имаше и практично значење, бидејќи го привлече вниманието кон ризиците што би можеле да следат во иднина. Предупредувачкото име „камен на гладот“ укажуваше на недостатокот на можности за заработка за сиромашните дневни работници кои влечеле и работеле на бродови во време на суша. Исклучително ниво на прецизност Еден од најморничавите натписи е врежан во летото 1904 година. Бродер и гостилничар од Дечин, Ф. Мајер, го имал следниот натпис врежан во парче песочник покрај Елба: „Ако ме видите, плачете“ (Wenn du mich siehst, dann weine). Според истражувачот Бернд Грос, кој пишувал за „камењата на гладот“ во Европа, пораката можеби намерно потсетувала на натпис на близок камен: „Плачевме - плачеме - и вие ќе плачете“. Натписот што го изрезбал Ф. Мајер не е единствениот во Дечин. Различни ознаки на карпите сведочат за ниско ниво на вода во текот на неколку векови, и тоа со исклучително ниво на прецизност. Студија објавена во 2020 година во списанието „Клима на минатото“ покажува дека 11 мерења врежани во камен помеѓу 1868 и 1957 година многу добро се совпаѓаат со податоците снимени на друго место.Тагови: Камења Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаИ утре многу топло време со температура до 35 степени, наместа со дожд и грмежи Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, информираат од УХМР.МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА 22 Попова Шапка, 28 Крушево, 31 Берово, Лазарополе, 32 Маврови Анови, 33 Охрид, Претор, Прилеп, 34 Крива Паланка, 35 Тетово, Битола, Гевгелија, 36 Штип, Виница, 37 Скопје Петровец, Струмица, 38 Скопје Зајчев Рид, Велес, Кавадарци, 39 Демир Капија. ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ Времето денес беше сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните погранични предели имаше слаба нестабилност проследена со краткотраен пороен дожд, ретки грмежи и засилен ветер. Дуваше слаб до умерен ветер од југозападен правец. До крајот на денот ќе топло и тивко, а во текот на ноќта ќе биде ведро. ВРЕМЕТО УТРЕ Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со силен ветер, пороен дожд и појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 35 степени. Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за формирање на краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер, грмежи и можна појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 35 степени. ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ Времето утре и задутре претпладне ќе биде сончево и многу топло, а во попладневните часови ќе има појава на нестабилност со засилен ветер, пороен дожд, грмежи и услови за појава на град. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со силен ветер, пороен дожд и појава на град. До почетокот на следната седмица времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во четврток и петок ќе дува засилен до силен ветер, претежно од северен правец.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаДОМ: За дата-центрите мора да има јасни правила, а не двосмислени изјавиПремиерот Мицкоски постојано ги повторува изјавите дека дата-центрите се „неповратен процес“ и дека преку нив ја води Македонија кон напредок и иднина. Но, напредокот не е само во тоа да се гради. Напредокот е да знаеме што градиме, каде градиме, по која цена за граѓаните и природата и какви ефекти ќе има тоа врз целокупниот квалитет на живот. Ако навистина сакаме да гледаме што прави светот, тогаш треба да ја видиме и другата страна на приказната. Токму во САД и Европа, државите и локалните власти сè почесто воведуваат мораториуми и ограничувања за вакви проекти поради огромната потрошувачка на струја и вода. Њујорк воведе едногодишен мораториум, Тексас го стопираше приклучувањето на нови дата-центри на мрежата, Амстердам воведе ограничувања за нови дата-центри и нивни проширувања до 2030 година, а Данска предлага дата-центрите да имаат најнизок приоритет за приклучување на електроенергетската мрежа. ДОМ не е против дигитализацијата, високите технологии и инвестициите. Напротив. Но, не може Македонија да се натпреварува во привлекување дата-центри, а притоа прво да не одговори на основните прашања: од каде ќе дојде електричната енергија, колку вода ќе се троши, кој ќе ја финансира потребната инфраструктура и кој ќе ја плати цената доколку системот не може да го издржи товарот? Затоа, наместо да се убедуваме дали „светот оди напред“, време е да разговараме како треба да изгледа одржливиот развој во Македонија. ДОМ бара: [🔹] Независна анализа на влијанието врз електроенергетскиот систем и водните ресурси пред какво било одобрување; [🔹] Задолжителни ограничувања за потрошувачката на ресурси и обврска за користење обновлива енергија; [🔹] Забрана за градење во заштитени подрачја и региони со дефицит на вода; [🔹] Инвеститорите самите да ја финансираат потребната дополнителна инфраструктура; [🔹] Целосна транспарентност и учество на граѓаните и општините; [🔹] Итно воведување мораториум доколку анализите покажат неприфатливо оптоварување на електроенергетските и водните ресурси, како и неприфатливи влијанија од загревањето, бучавата и другите еколошки последици. Македонија не треба слепо да ги следи трендовите во оваа област и да се фокусира само на економските интереси. Треба да ги следи и најдобрите практики во светот. Ако САД и европските земји можат да кажат „стоп, прво да ги утврдиме капацитетите и правилата“, тогаш тоа мора да се применува и во Македонија. Вистинскиот напредок бара одговорност. А за тоа неопходни се јасни правила и заштита на јавниот интерес, се наведува во партиското соопштение.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook