„BMW“ им нуди на вработените над 650.000 евра за да си заминат, интересот е преголем - Канал 5

„BMW“ им нуди на вработените над 650.000 евра за да си заминат, интересот е преголем

Германскиот автомобилски гигант „BMW“ им нуди на дел од вработените отпремнини што надминуваат 650.000 евра, доколку доброволно ја напуштат компанијата.

„BMW“ им нуди на вработените над 650.000 евра за да си заминат, интересот е преголем

Интересот за заминување е толку голем што внатрешниот портал, преку кој вработените можат да ги проверат понудите, привремено престана да функционира. Во меѓувреме, „BMW“ ја стопираше програмата за да може да ги обработи пристигнатите барања.

Според германскиот весник „Handelsblatt“, некои вработени би можеле да добијат повеќе од 650.000 евра за спогодбен раскин на договорот за вработување. Станува збор за исклучително високи отпремнини, дури и според стандардите на германската автомобилска индустрија.

Ваквите износи не се правило, туку се однесуваат на конкретни, поединечни случаи. Од „BMW“ одбија да потврдат конкретни бројки, наведувајќи дека не даваат коментари за поединечни договори за вработување.

Вработените го преплавија порталот, системот падна под товарот

На 8 октомври, „BMW“ започна програма за доброволно заминување. Десетици илјади вработени беа известени дека преку внатрешен портал можат да проверат колкава сума би им исплатила компанијата доколку одлучат да си заминат.

Интересот беше толку голем што порталот не можеше да го издржи товарот и привремено престана да работи.

Од „BMW“ потврдија дека постои исклучително голем интерес кај вработените за понудените услови, иако официјално не потврдија дека токму напливот на корисници е причината за техничките проблеми. Според извештаите во германските медиуми, компанијата привремено ја стопираше програмата, само неколку дена по нејзиното започнување, за да може да ги обработи пристигнатите пријави. Сè уште не е познато кога повторно ќе се прифаќаат нови пријави.

Планови за укинување на 8.000 работни места

До крајот на 2027 година, „BMW“ планира да укине приближно 8.000 работни места на глобално ниво. Програмата за доброволно заминување во Германија опфаќа околу 40.000 вработени, првенствено оние во администрацијата, менаџментот, како и во секторот за истражување и развој.

Вработените кои работат директно во производството не се опфатени со оваа програма.

Висината на отпремнината зависи првенствено од платата на вработениот и од должината на неговиот стаж во компанијата. „BMW“, исто така, нуди дополнителни бонуси за вработените кои ќе се согласат да си заминат порано. Според документите што ги разгледа „Handelsblatt“, предвидените датуми за заминување се 31 март и 31 октомври 2027 година.

Исплатите за отпремнина може да се извршат еднократно или на рати, а под одредени услови, вработените можат да насочат дел од средствата во својата пензиска заштеда.

Некои вработени, исто така, може да задржат одредени бенефиции што им се достапни на пензионираните вработени во „BMW“

За постарите вработени важат посебни услови. Оние што ќе наполнат 55 години до крајот на октомври 2027 година – под услов да исполнуваат дополнителни критериуми – можат да се стекнат со статус што им овозможува пристап до дел од бенефициите наменети за пензионираните вработени во „BMW“. Овие бенефиции вклучуваат поповолни услови за купување нови и половни автомобили.

Пакетите за отпремнина на „BMW“ се издвојуваат, особено во споредба со оние што ги нудат други германски производители. „Handelsblatt“ пренесува дека „Volkswagen“, во претходните програми, нудел отпремнини во износ од околу 405.000 евра, додека „Mercedes-Benz“ на некои вработени со долг стаж на раководни позиции им понудил приближно половина милион евра.

Вработениот може на крајот да добие значително помалку од 650.000 евра

Иако понудените износи се исклучително високи, вработените не ја добиваат целосната сума, бидејќи отпремнините подлежат на оданочување.

Според пресметките на германскиот весник „Münchner Merkur“, вработен што ќе добие отпремнина од 650.000 евра – и нема други приходи што подлежат на оданочување во текот на годината на исплата – по плаќањето на даноците би можел да располага со приближно 420.700 евра.

Доколку вработениот оствари други приходи во текот на истата година, конечниот износ може да биде значително помал. Реалниот износ што ќе се исплати зависи од конкретната даночна ситуација на секој поединечен вработен.

„BMW“ има за цел да оствари годишни заштеди од една милијарда евра

„BMW“ ја започна програмата за намалување на бројот на вработени како одговор на падот на продажбата и профитот – особено на кинескиот пазар – како и поради засилената конкуренција и зголемените оперативни трошоци. Компанијата очекува дека намалувањето на бројот на вработени ќе донесе годишни заштеди од приближно една милијарда евра, почнувајќи од 2028 година. Слични мерки преземаат и други големи германски производители на автомобили, меѓу кои „ Volkswagen “, „Mercedes-Benz“ и „Porsche“, кои се соочуваат со пад на побарувачката, конкуренција од кинески производители и високи трошоци за премин кон електрични возила.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

САД нудат 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма

Соединетите Американски Држави нудат награда до 20 милиони долари за информации за нуклеарната програма на Иран, вклучувајќи информации за научници, персонал, технологии, објекти и сродни организации.

САД нудат 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма

Стејт департментот, преку својата програма „Награди за правда“, ги повика сите што имаат информации да ги достават преку апликацијата Signal или безбедната телефонска линија Tor, велејќи дека би можеле да имаат право на парична награда и преместување, објави Fox News.

„Владата на САД останува посветена на спротивставување на секој обид на Иран да развие програма за нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на платформата за социјални медиуми X.

Објавата доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп размислува за обновени воени напади врз Иран, додека Вашингтон и Техеран продолжуваат разговорите за нуклеарната програма на Иран.

Трамп во петокот повтори дека на Иран никогаш нема да му биде дозволено да има нуклеарно оружје, а еден ден претходно се состана со својот тим за национална безбедност за да разговара за можноста за продолжување на нападите.

„Дали сакаме да ги продолжиме нападите за да се осигураме дека нуклеарната програма на Иран ќе биде уништена и дека тоа никогаш повеќе нема да се случи? Подобро би сакал да избегнам уништување на остатокот од Иран, но можеби сè уште ќе можам да го направам тоа“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.

Централната команда на САД ги финализира подготовките за евентуално продолжување на големите воени операции во Иран, но сè уште не добила нова директива од Вашингтон, според американски функционер.

Како што објави „Фокс њуз“, високи американски функционери изјавија дека младата месечина на 9 ноември, која носи малку или воопшто нема месечина, би можела да обезбеди поволни услови за воени операции.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Расел Бренд е сместен во озлогласен затвор- бил престрашен

Британскиот актер и комичар Расел Бренд (51) се соочува со можност за долга затворска казна откако беше прогласен за виновен за силување на една жена и сексуален напад на три други.

Расел Бренд е сместен во озлогласен затвор- бил престрашен

Неговиот случај предизвика бран реакции во Велика Британија, особено поради начинот на кој жртвите на сексуален напад се третираат на суд.

По пресудата, се зголемуваат повиците за промени во законските правила што ги регулираат судењата за силување.

Причина за ова беа некои од тврдењата изнесени за време на одбраната на Бренд, за кои шефот на лондонската метрополитенска полиција, Сер Марк Рол, рече дека се опасно блиску до обвинување на жртвата.

Тој предупреди на широко распространетите предрасуди за тоа како треба да се однесува лице кое преживеало сексуален напад, нагласувајќи дека не постои универзален одговор на такво искуство.

- Некои луѓе ќе се борат, некои ќе се замрзнат од страв. Некои веднаш ќе кажат некому што се случило, додека други ќе молчат со години. Нема еден начин да се одговори, рече Рол.

Тој ја поддржа иницијативата на комесарката за права на жртвите, Клер Ваксман, која се залага судиите да имаат законска обврска да ги информираат поротниците за митовите и заблудите за силувањето и однесувањето на жртвите.

Според нејзиниот предлог, ваквите предупредувања треба да бидат составен дел од секое судење за силување, а иницијативата би можела да биде вклучена во законот за судови и трибунали.

Роле, исто така, очекува дека по пресудата на актерот, повеќе жени би можеле да бидат охрабрени да се јават доколку преживеале сексуално насилство.

Расел Бренд е во озлогласен затвор

Додека чека понатамошен развој на судскиот случај, Расел Бренд е во затворот Вандсворт, во југозападен Лондон, кој е познат по своите многу тешки услови.

Поранешниот тенисер Борис Бекер претходно зборуваше за овој затвор, откако отслужи казна таму откако беше осуден за прикривање средства во вредност од околу 2,5 милиони фунти за да избегне плаќање долгови по прогласувањето банкрот.

Потсетете се дека Бекер беше осуден на две и пол години затвор во 2022 година, а подоцна опиша колку тешко му било времето зад решетки. Тој рече дека бил опкружен со осуденици за најтешки кривични дела, вклучително и убијци, и дека еден затвореник дури му се заканил со смрт.

- Вандсворт е навистина голем, многу валкан и исклучително опасен затвор. Има убијци, педофили, дилери на дрога, среќавате секакви луѓе. Сè се сведува на преживување. Кога ќе излезете од ќелијата, мора да се грижите за себе, бидејќи чуварите нема да го сторат тоа наместо вас - претходно рече Бекер.

Поранешниот шампион на Вимблдон призна дека на почетокот се обидел да избегне контакт со очите со другите затвореници и да се држи настрана за да избегне проблеми.

Жена во скандалот проговори на Би-Би-Си

По пресудата на Бренд, се огласи и Џорџина Бејли, жената во центарот на скандалот Саксгејт во 2008 година.

Во тоа време, Расел Бренд и водителот Џонатан Рос оставаа несоодветни и навредливи пораки на телефонската секретарка на нејзиниот дедо, актерот Ендру Сакс, познат по улогата во серијата „Фолти Тауерс“.

Нивните пораки предизвикаа огромен јавен негод, што го натера Бренд да го напушти Би-Би-Си Радио 2, додека Рос беше суспендиран три месеци. Скандалот, исто така, доведе до промени во начинот на кој британскиот јавен сервис ја контролираше содржината на своите програми.

Џорџина сега изјави дека верува оти правдата е задоволена по пресудата на Бренд.

- Иако никогаш не ме силувал ниту нападнал, како што секогаш сум велела, не знаев што се случувало зад затворени врати меѓу него и жените што го обвинувале. Нивните сведоштва беа убедливи. Тој беше прогласен за виновен и сега сакам да ја исправи неправдата што ја направил - рече таа.

Расел Бренд е татко на три деца, а за време на судењето, кое траеше речиси четири недели, поротата размислуваше околу осум часа пред да донесе одлука за неговата вина.

Според британските медиуми, кратко пред да биде објавена пресудата, Бренд ѝ се обратил на својата сопруга Лаура Галагер со зборовите: „Лаура, те сакам“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Напаѓачот во Краков е полски државјанин, луѓето се собраа околу него- уби 6 минувачи и рани 15 (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави ново морничаво видео од масакрот во Краков, каде што неидентификуван вооружен човек убил шест лица и ранил уште 15 од автомобил во движење пред да биде неутрализиран од полицијата.

Напаѓачот во Краков е полски државјанин, луѓето се собраа околу него- уби 6 минувачи и рани 15 (ВИДЕО)

На видеото се гледа вооружениот човек како лежи на земја кратко откако бил застрелан од полицијата, додека сѐ повеќе луѓе се собираат околу него. Се гледа и автомобилот од кој наводно отворил оган, а во кој полицијата пронашла голема количина оружје и муниција.

На видеото се гледа и лицето на вооружениот човек, облечен во камуфлажа, како лежи на тротоарот. За потсетување, полицијата потврди дека вооружениот човек е полски државјанин, но неговиот идентитет сè уште не е објавен.

Полските медиуми претходно објавија дека кај него е пронајдена автоматска пушка што ја користат локалните безбедносни служби.

„Можам да потврдам дека сторителот е полски државјанин“, изјави за „Онет“ Катаржина Цисло, портпаролка на полицијата на Малополското војводство, давајќи нови детали за нападот што ја шокираше јавноста низ целата земја и низ цела Европа.

„Мажот немал никакви документи со себе. Полицијата успеала да го утврди неговиот идентитет преку оперативна работа“, додаде таа.

Онет неофицијално дознава дека напаѓачот од Краков има 24 години. Тој моментално е на операција откако бил застрелан од полицијата. Според полските портали, неговата состојба е критична.

Претходно имаше одредена конфузија кога Одделот за полиција на градот Краков ѝ соопшти на Полската новинска агенција дека, според прелиминарните информации, во пукањето учествувале двајца сторители, од кои едниот бил ранет од истрел.

Ранетиот полицаец критично повреден, претрпел три прострелни рани

Меѓу ранетите има двајца полицајци, од кои едниот е во критична состојба откако претрпел три прострелни рани.

Нападот бил извршен од автомобил во движење, при што загинале 6 минувачи, а ранети се 15. Мотивот за нападот и идентитетот на сторителот не се прецизирани.

Полските медиуми, исто така, објавија дека напаѓачот имал автоматска пушка од типот што го користат полските безбедносни служби.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер