Германскиот метеоролошки институт (ДВД) денеска предупреди на силен ветер и постојани врнежи од дожд во провинциите Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија и во централна Германија и Саксонија.
Познатата карневалска забава во западен Дизелдорф беше денеска откажана, но парадата е предвидена да се одржи утре, соопштија организаторите.
Во Келн, каде се очекува стотици илјади луѓе да присуствуваат на карневалските прослави за да го одбележат почетокот на Великиот пост, времетраењето на поворките е скратено, но тие сепак ќе се одржат.Неколку помали паради се откажани.
Организаторите на фестивалот во Келн се надеваат дека парадата сепак ќе помине низ градот како што беше планирано.
ДВД предупреди на ветрови до 100 километри на час во централниот дел на Тирингија и ветрови со ураганска сила на планините.
Најголемата карневалска парада во Тирингија требаше да помине низ Ерфурт попладнево. Но, традиционалната улична парада беше откажана.
Организаторите на карневалите во градовите Илменау и Диердорф во Тирингија исто така ги откажаа настаните.
„Постојат нешта помеѓу небото и земјата на кои не можеме да влијаеме“, објавија организаторите на Фејсбук.
Десетици карневалски маршеви се откажани и во Холандија поради силниот ветер. Само во јужните провинции Лимбург и Брабант, откажани се околу 80 паради, јавуваат локалните медиуми.
Процесијата Олдензаал, која привлекува 100 000 луѓе секоја година, исто така е откажана.
Многу општини ги презакажаа своите карневалски паради во понеделник или вторник.
Дожд, грмежи и постудено време се очекуваат во Германија и во вторник и во среда.