Џафери: Седницата за автентичното толкување најрано на 11 декември

 Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска до Владата и до претседателката на Законодавно-правната комисија ќе достави писма со барањето од СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

Џафери изјави дека со ова ќе започне собраниската процедура за барањето за автентично толкување, но предупредува дека и ЗКП и мислењето од Владата да стасаат до него во најскусо време, пленарна седница може да се закаже дури по завршување на дебатата за Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, по 11 декември.

Џафери вели дека иако постојат одредени дилеми во однос на барањето и членот 11 од Законот за помилување, тој е должен барањето да го проследи во натамошна процедура. Според него, Уставниот суд, меѓу другото, треба да каже што значи неговата одлука од март 2016 година во која се наведува дека членот односно измените и дополнувањата на Законот се укинуваат.

Според Деловникот на Собранието, појаснува тој, откако ќе го достави автентичното толкување до ЗКП и до Владата, ќе се чека мислењето од Владата, по што треба да се состане Законодвано правната комисија. Членовите на ЗКП треба да го разгледаат барањето од СДСМ и мислењето од Владата, и да се одлучат дали ќе го прифатат или не. Доколку оцени за потребно ЗКП може да побара мислење и од Комисијата за политички систем како матично собраниско тело кое првично донело одлука законот да се донесе. ЗКП може да расправа дури и Владата да не достави мислење. Доколку ЗКП го прифати барањето треба да предложи формулација до Собранието, а доколку не го профати, треба да достави извештај. И во двата случаја барањето за автентично толкување завршува пред пратениците.

Доколку има предлог – автентично толкување и заклучок од ЗКП, до почетокот на собраниската седница за предложениот текст може да се доставуваат амандмани, кои ќе се разгледуваат на седницата. Доколку ЗКП го одбие барањето, испраќа извештај до Собранието, кое пак го прифаќа или го одбива. И да нема и да има одлука од ЗКП, Собранието решава дали и какво автентично толкување ќе се донесе. Во двата случаја потребно е просто мнозинство.

Во Собранието денеска пратениците, генерално, немаа официјален став по барањето бидејќи се уште не е стасано до нив. Дел од нив имаат дилеми кои произлегуваат од одлуките на Уставниот суд и укинувањата, па повторните „оживувања" на одредени ставови во однос на помилувањата и случајот со поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Јулија Навална остро за инаугурацијата на Путин: Нашата држава ја води лажго, крадец и убиец

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.

„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен. “, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа.

Како што рече таа во видеото објавено на Јутјуб, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.

„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на руските граѓани и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака освен него“.

Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, и дека тој го изневерил ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.

„Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашните терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици наши сограѓани да загинат. А сепак, секој ден мирно апсат поединци за новинарство, ставови или дури објава на социјалните мрежи“, рече Навална.

Таа додаде дека мора да се осигура дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.

„Нашата држава моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи“, заклучила Јулија.

Кривични пријави против поранешен градоначалник и директорка на детска градинка во Скопје

Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување против директорка на детска градинка во скопска општина, како и против поранешен градоначалник на скопска општина.

Од МВР информираат дека директорката на детската градинка на 12.05.2021, по објавен оглас за јавна набавка на стоки со пречекорување на своите службени овластувања, знаејќи дека максималниот износ на набавката требало да биде во вредност од 1.300.000,00 денари без ДДВ. Средствата требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на договорниот орган. Директорката на градинката како најповолен понудувач избрала правно лице од Скопје, иако понудило цена во износ од 1.329.800,00 денари без ДДВ, за што донела и Одлука за обезбедување на дополнителни средства и изменување на одлуката за јавната набавка и склучила Договор за јавна набавка на вкупен износ од 1.569.164,00 денари со вклучен ДДВ, иако од истото правно лице не била доставена банкарска гаранција со самото склучување на договорот во износ од 156.916,00 денари. Правното лице исто така не го испочитувало рокот за достава и набавените машини и наместо за 15 дена ги доставило со задоцнување од околу 150 дена од склучувањето на договорот, по што првопријавената М.Р. со неизвршување на своите службени овластувања, наместо да го раскине склучениот договор со избраниот понудувач, да активира негативна референца во е-системот на Бирото за јавни набавки и да поведе постапка за наплата на договорената казна во износ од 81.596,00 денари, таа не го направила тоа.

Како што стои во соопштението, второпријавениот како градоначалник на една скопска општина со пречекорување на своите службени овластувања, иако знаел дека средствата за плаќање на машините требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на градинката, извршил промена со проширување на буџетот на општината во делот дотации во износ од 1.534.000,00 денари и истите на 29.11.2021 ги префрлил на сметката на градинката. Парите од страна на првопријавената М.Р. истиот ден биле платени кон избраниот понудувач, додека на 22.12.2021 година извршила плаќање на средства во износ од 35.164,00 денари од сопствената сметка на градинката. На овој начин првопријавената и второпријавениот го оштетиле буџетот на општината за износ од 1.534.000,00 денари, додека првопријавената го оштетила буџетот на градинката во износ од 273.676,00 денари како ненаплатена банкарска гаранција и договорена казна и исплатените парични средства од сопствената сметка. Тие на овој начин му овозможиле на правното лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист во износ од 1.807.676,00 денари.

„Златаната топка“ на Марадона од Мексико во јуни оди на аукција

„Златната топка“ која поранешниот аргентински фудбалски репрезентативец Диего Армандо Марадона ја доби во 1986 година за најдобар играч на Мундијалот во Мексико, ќе се најде на аукција во јуни оваа година, објави денеска аукциската куќа Агутес.

Аукцијата треба да се одржи на 6 јуни, а вредноста на Златната топка се уште не е проценета. Претставници на аукциската куќа најавија дека од продажбата на Златната топка очекуваат милиони евра.

Во финалето на Светското првенство во 1986 година, Аргентина ја совлада Западна Германија со резултат 3:2.

Марадона ја доби „Златната топка“ за најдобар играч на Светското првенство во Мексико. На СП во Мексико постигна пет гола.

Диего Армандо Марадона, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, почина во ноември 2020 година.

притисни ентер