Филипче: Успешно се изведени четири кадаверични трансплантации, трансплантацијата на органи е исклучително благороден чин

Министерот за здравство Венко Филипче, учествуваше на стручната средба„Улогата на медицинската сестра во процесот на трансплантација на бубрег",во организација на Секцијата на медицински сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација.

„Трансплантацијата на органи е исклучително благороден чин, со кој се дава шанса за живот на пациентите и оттука особено признание им одддаваме на здравствените работници кои активно учествуваат во овој процес. Меѓу персоналот кој макотрпно и посветено работи на трансплантацијата на органи се и медицинските сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација, на кои е посветен денешниот настан“, изјави министерот Филипче.

Министерство за здравство континуирано го поддржува процесот на трансплантација, особено во делот на едукација на медицинскиот кадар од здравствените установи вклучени во овој процес - Клиниките за нефрологија и урологија, како и Институтот за трансфузиона медицина, со поддршка на КАРИЛ. Од почетокот на годинава веќе успешно се изведени четири кадаверични трансплантации, а во континуитет се вршат и трансплантации на бубрези од жив донор.

Исто така, минатата година успешно е извршена првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки. Тоа е револуционерен чекор на јавното здравство во нашата држава, кое сега е дел од светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Во јануари годинава успешно се изведе и првата несродна трансплантација кај 13 годишно момче со апластична анемија.

Министерот Филипче истакна дека Министерството за здравство има добра соработка со Секцијата на медицински сестри и техничари по нефрологија, дијализа и трансплантација при Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и заедничката цел е натамошно унапредување на здравствената заштита во областа на трансплантацијата на органи. Проложуваме и во иднина со инвестирање во овој процес, соопшти Министерството за здравство.

Кевин Спејси ги негира новите обвинувања за сексуален напад, наведени во документарен филм

Американскиот актер Кевин Спејси ги отфрли новите обвинувања за сексуално вознемирување, во пресрет на премиерата на новиот документарен филм за него „Spacey Unmasked“ кој треба да биде прикажан следната недела.

Во интервју со поранешниот новинар на GB News, Ден Вутон, Спејси ги негира наводите за сексуално вознемирување и напад, велејќи дека понекогаш „можеби постапувал несоодветно“, но не и незаконски.

„Ја преземам целосната одговорност за моето минато однесување и постапки. Но, не можам и нема да преземам одговорност или да се извинувам на некој што измислил работи за мене или преувеличувал приказни за мене“, рече Спејси, пренесе Би-би-си.

Тој додаде дека никогаш не понудил помош за кариера во замена за сексуални услуги.

„Јас јасно се поврзав со некои мажи кои мислеа дека можат да ги унапредат своите кариери преку однос со мене. Но, немаше врска со мене, сето тоа беше дел од нивниот план, кој секогаш беше предодреден да пропадне бидејќи не бев вклучен во договорот“, изјави актерот.

Актерите Руари Канон и Дени ДеЛило се меѓу оние кои упатуваат нови обвинувања против Спејси во документарецот.

И двајцата во изјави за медиумите зборуваа за непримерното однесување на Спејси кон нив.

На 26 јули минатата година, поротата во судот во Лондон го прогласи Спејси невин за сексуално вознемирување на четворица мажи.

Спејси беше ослободен од девет обвиненија, вклучително и „сексуален напад, поттикнување лице на сексуална активност без согласност и поттикнување лице да се вклучи во пенетративна сексуална активност“.

За време на судењето, Спејси ја негираше вината, велејќи дека „не ја искористил својата моќ за да воведе неименувани мажи во кревет“.

Тој ги опиша обвинувањата како „убод во грб“.

Хутите се заканија дека ќе ги прошират нападите и во Средоземното Море

Јеменските Хути се заканија дека ќе ги прошират нападите врз бродовите кои пловат за Израел до Средоземното Море, по неколкумесечните напади врз бродовите во Црвеното Море.

Во изјавата на воениот портпарол на Хуту, Јахје Сари, се наведува дека ескалацијата ќе стапи на сила „веднаш“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Ова, како што е наведено, вклучува таргетирање на сите бродови кои „ја прекршуваат забраната за пловидба кон Израел“ и кои се движат кон пристаништата на „окупирана Палестина“ од Средоземното Море до која било област во дострелот на ракетите.

Хутите претходно се заканија дека ќе ги прошират своите напади кон Индискиот Океан и кон бродовите што пловат низ јужна Африка за да го избегнат јеменскиот брег, но нивниот главен фокус остануваат Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, вклучително и голем дел од брегот на Црвеното Море, извршија бројни напади со беспилотни летала и ракети врз бродови во Црвеното Море од ноември во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа.

Нивните напади предизвикаа одмазда од САД и Велика Британија и формирање на меѓународна поморска коалиција за заштита на виталниот трговски пат.

Воените експерти наведуваат дека арсеналот на Хутите вклучува балистички ракети со дострел од 1.600 до 1.900 километри и ирански беспилотни летала Шахед-136 кои можат да патуваат до 2.000 километри.

Земјотрес ноќеска регистриран во Скопје

Земјотрес со јачина од 1,9 степени по Рихтер е регистриран ноќеска во 01:39 часот во Скопје. Епицентарот на земјотресот потекнува од Скопското епицентрално подрачје. 

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје утринава информира дека земјотресот бил со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала и дека е почуствуван од населението во Скопје и околината.

притисни ентер