Три лица полесно повредени во сообраќајки во Скопје

Три лица се здобиле со полесни телесни повреди во две од вкупно шест сообраќајки случени во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во четири сообраќајки e причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција исклучила од сообраќај 13 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, четворица возачи кои возеле под дејство на алкохол, 11 возачи пред да се стекнат со правото на управување на моторно возило, четворица возачи почетници, како и 16 нерегистрирани возила.

Санкционирани биле и шест возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, двајца возачи кои не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, тројца возачи за неправилно престројување, 10 возачи за неправилно престигнување, девет возачи кои не носеле сигурносен појас и 17 возачи кои зборувале на мобилен телефон додека возеле. Санкционирани се и двајца возачи на мопед, мотор или мотоцикл кои не носеле заштитен шлем.

Санкционирани биле и 14 пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.

Затекнати биле 87 непрописно паркирани возила, а со специјалното возило „пајак" отстранети биле 73 возила.

Рангник го одби Баерн

Селекторот на австриската репрезентација Ралф Рангник одби да ја напушти репрезентацијата за да го преземе Баерн Минхен.

- Со цело срце сум посветен да работам за австриската репрезентација. Неизмерно уживам во мојата работа и планирам да продолжам по патот што го избравме. Сакам да истакнам дека ова не е одбивање на Баерн, туку одлука во корист на мојот тим и нашите заеднички цели. Целосно сме фокусирани на Европското првенство и ќе дадеме максимум за да одиме што подалеку, изјави Рангник, за официјалниот сајт на Фудбалскиот сојуз на Австрија.

Претходно беше објавено дека Рангник би можел да стане нов тренер на Баварците. /МИА

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Се враќаат старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата. 

Ваква одлука беше донесена откако денеска Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ја разгледа анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Предлог-одлуката е доставена на усвојување до Владата на Македонија

Освен тоа, Комисијата утврдила и потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготвила Предлог-измени во насока на заштита на корисниците.

-Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Комисијата е задолжена најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година. – Министерство за финансии

Од Финансии додаваат дека одлуката е резултат на недостатокот на финансиски анализи од осигурителните компании, кои како единствен аргумент на кој се повикале биле растечките трошоци од работење.

Според анализата на Агенцијата за супервизија, пак, 10 осигурителни компании оствариле добивки за 2023 година, а само една завршила со загуба од работењето.

Поскапувањето на полисата за осигурување стапи на сила од минатата недела и граѓаните плаќаа од 840 па до речиси 1600 денари поскапа цена, во зависност од моќноста на возилото. Дали на тие што веќе платиле по новите цени,сега ќе им бидат вратени парите, во соопштението на финансии одговор нема.

Швајцарија објави дека во оваа фаза Русија не е поканета на мировните преговори за Украина

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во оваа фаза“ Русија не е поканета да учествува во разговорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Украина, што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.

-Швајцарија е убедена дека Русија треба да биде вклучена во овој процес, се вели во соопштението на владата во Берн.

Се додава дека мировниот процес без Русија е невозможен. /МИА

притисни ентер