Ангеловска:Преку национална стратегија ќе ги подобруваме условите за живот на младите во земјава

Преку Национална стратегија за развој на човечки капитал и низа мерки, ќе се работи на долгорочно подобрување на искористувањето на човечкиот потенцијал, како и на задржување на младите во земјава. 

Преку континуирано вложување во здравството, образованието и социјалната грижа и мерки како дуалното образование, ќе се подобрува продуктивноста и респонзивноста на младите на пазарот на труд. Ова го посочи министерката за финансии Нина Ангеловска на дебата за буџетот за 2020 година на Македонската телевизија, заедно со премиерот Зоран Заев и уредниците на националните телевизии. 

Ангеловска рече дека индексот на човечки капитал на Светска банка покажува дека денешните деца, согласно условите кои ги добиваат во земјава, во иднина ќе испорачаат само 53% од својата продуктивност. Министерката за финансии посочи дека ова е нешто на што треба да се работи долгорочно за да се смени, а за да се направи тоа треба да се почне уште денес.

-Потребни се вложувања во здравството, образованието и социјалната грижа, што е и фокусот во буџетот за 2020 година. Со креирање на Национална стратегија за човечки капитал ќе имаме таргет дека во следните неколку години да го кренеме овој индекс. Тоа е еден сериозен чекор на национално ниво за да мапираме и видиме што понатаму - рече Ангеловска.

Таа посочи дека со повеќе мерки се таргетираат младите. Ја посочи важноста на дуалното образование, односно практиканството, преку кое младите стекнуваат вештини кои ќе им овозможат побрзо да одговорат на потребите на пазарот на труд. Таа истакна дека ако има отворени 160 илјади работни места, а има голема невработеност кај младите, тоа покажува дека понудата не одговара на побарувачката на вештини на пазарот на труд, соопшти МФ.

Судскиот совет тврди дека во континуитет врши проверки за застарување на предметите

Судскиот совет (СС) во континуитет врши проверките за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје.

Велат од СС за МИА во врска со повикот што вчера од трибината „На прав пат" во Скопје го упати премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев до Советот да направи проверки за застарувањето на предметите и да ја провери професионалноста на судиите.

-Судскиот совет на ден 9.10.2019 година и 20.11.2019 година започна со проверките за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје. Континутетот на проверките продолжува и понатаму со увид на 18.12.2019 година, велат од Судски совет.

Заев исто така ги прозва и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште овој месец да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана  Ивановска за МИА одговори дека ДКСК веќе има изградено став по тоа прашање и согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе  врз основа на законските надлежности, а согласно расположливите човечки и  материјално – технички капацитети на Државната комисија.

Законските надлежности на Државната комисија во делот на  следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство.

Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на  избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.

– Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување  потребно е зајакнување на постојните човечки и  материјално – технички услови и  вклучување на други истражни органи, појаснуваат од ДКСК.

Имајќи ја предвид искажаната подготвеност на премиерот за ставање на располагање на сите капацитети на извршната власт за ефикасно спроведување на постапките за испитување на имотната состојба, Државната комисија смета дека е неопходна  координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата на Република Македонија. /МИА

Стопанската комора бара дозвола за увоз на млеко и зголемена поддршката за големите сточарски стопанства

Состојбата во земјоделството е драматична.

Субвенциите не го даваат саканиот ефект, обработливите површини се намалуваат, бележиме пад на растителното и животинското производство, а сé по евидентен е и ударот од климатските промени. Неопходни се интервентни мерки: инвестиции во технологија, наводнување и во преработувачки капацитети, зачувување на биодиверзитетот и развој на руралните средини, предупредува Стопанската комора на Македонија.

Комората очекува институциите позитивно да одговорат на нејзините барања: да се укинат ограничувањата за субвенциите за големите компании, да се изградат ладилници и да се дозволи увоз на млеко од Турција зашто суровина нема, а големи се нарачките и можностите за извоз на преработки во Русија. Овие и уште неколку други барања беа искажани на неодамнешниот форум во Комората на кој присуствуваа ресорниот министер Трајан Димковски, производителите и претставниците на земјоделските здруженија.

– Се бараат интервентни мерки во примарното производство, конкретно можност за увоз на млеко зашто нема доволно, а има побарувачка за поголем извоз во Русија. Се бара и развој на професионалното фармерство, односно поддршка на големите стопанства до 50 отсто. Во врска со субвенциите, можеме да кажеме дека не дадоа ефект иако висината на средствата низ годините се зголемуваше. Очигледно, не беа добро распределени. Бројките потврдуваат дека се намаелни површините, како и растителното и животинското производство, рече денеска на прес-конференција Васко Ристовски од Здружението за земјоделство во Стопанската комора.

Како што нагласи Ристовски, вложувањето во иновации е исклучително битно. Т.н. интелигентно земјоделство и принципот на „паметни села" кај нас се уште не е препознаен.

– Речиси целиот агро сектор е прилагоден со ЕУ регулативата и се работи по тие правила, но заостануваме во технолошките иновации. Многу малку се искорситени можностите, а во овој сегмент Европската унија дава многу голема поддршка. Ако не поработиме на ова поле, тешко ќе постигнеме високо развиено и конкурентно земјоделство. Колку повеќе време губиме на ова, толку поголеми последици ќе имаме по домашното производство, истакна Ристовски.

Според Здружението, за конкурентно земјоделство во фокусот мора да бидат биодиверзитетот, агро-еколошките мерки, руралниот развој и органското производство./МИА

„Само Вистина“ вечерва со Самоил Малчески и Петар Арсовски

Во вечерашната „Само Вистина“ ќе дебатираат Самоил Малчески и Петар Арсовски.

Почитувани дами и господа, симпатизери и неопределени! Карванот си врви, за партиската машинерија нема зима, во црвено или сино се кити елката и кои се желбите на лидерите? А што посакуваат граѓаните и ќе најдат ли нивните пораки место во предизборните програми и ветувања? За изборите, составот на техничката влада, проветрувањето во судството, во вечерашната „Само вистина“ дебатираме со политичките аналитичари Самоил Малчески и Петар Арсовски.

Каде заврши златната метла на Дескоска и постигната ли е целта? Ќе има ли метла во правосудството или пак од Брисел нема „амин“ за проветрувањето на судиите и обвинителите? Уставниот суд лут на јавноста, топката им ја префрли на пратениците, како да им е непријатно да носат одлуки за да не си го стават товарот на плеќи.

Се разгорува битката за фотелји. Кои се опциите за нареден технички премиер и која внатрепартиска струја ќе извои победа? За Мицкоски правиот пат водел кон слепа улица, според Заев режимот тропа на врата, единствено од ДУИ задоволни – тимот што победувал не се менува.

Кој кому реши да не пружа рака? Дали СДСМ и ДУИ влегоа во борба за политички поени или пак двојазичноста вистински ја прелеа чашата во владината коалиција?

Заметоа ли административците во дворот на Меѓународниот сојуз? Кај Рускоска „излези влези“ на веќе познати лица. Што да се очекува од новото обвинение за Рекет, ќе биде ли некој изоставен или пак листата е дополнета.

На македонски јазик, со по некоја дума на дијалект, вечерва под рефлекторите во студиото на „Само вистина“ одговори бараме од Малчески и Арсовски.

притисни ентер