Викендов во Скопје во сообраќајки полесно повредени 14 лица

Четиринаесет лица биле полесно повредени во 10 од вкупно 15  сообраќајни незгоди што викендов се случиле на подрачјето на СВР Скопје. Во пет сообраќајки била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека викендов сообраќајната полиција санкционирала 62 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај исклучила 28 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 48 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и девет почетници, како и 49 нерегистрирани возила, едно технички неисправно возило и две возила за претовар.

Санкционирани биле 14 возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, пет возачи поминале коловоз вон пешачки премин, пет возачи за неправилно престројување, четворица возачи за неправилно престигнување, тројца за не користење заштитен шлем од страна на возачите на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл, 17 лица за не носење сигурносен појас, како и 32 возачи кои користеле мобилен телефон за време на управување на моторно возило.

Санкционирани биле и осум пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и еден пешак кој поминал коловоз на црвено светло.

Затекнати биле 231 возило непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило „пајак", отстранети биле 130 возила.

Лагумџија: Конечниот предлог за Резолуцијата за Сребреница испратен до ОН

 Амбасадорот на БиХ во ОН Златко Лагумџија изјави дека „по неколку рунди инклузивни консултации, конечната нацрт-резолуција“ за Сребреница била испратена до претседателот на Генералното собрание на ОН и до сите постојани мисии во ОН.

„По неколку рунди инклузивни консултации, конечниот предлог на Резолуцијата „Меѓународен ден на размислување и комеморација на геноцидот во Сребреница 1995 година“, од страна на „преку-регионалната основна група“, отиде до претседателот на Генералното собрание на ОН и сите постојани мисии во ОН“, напиша Лагумџија синоќа на мрежата Икс./МИА

Прогласен жолт метео аларм за невреме во Белгија

Белгискиот Кралски метеоролошки институт (ИРМ) прогласи жолт метео аларм за невреме во источниот дел на Белгија, проследено со поројни врнежи од дожд и грмежи и со ризик за појава на град на одредени места. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, жолтиот метео аларм стапува во сила денеска во 14 часот и ќе трае до 2 часот по полноќ.

ИРМ информира дека се очекува на места да наврнат над 20 милиметри воден талог дожд за еден час, додавајќи дека во случај на пообилни врнежи можно е метео алармот да се подигне на портокалово ниво, пред се во најисточните делови на Белгија во близина на границата со Германија. /МИА

Во рамки на акцијата „Темпули“ полицијата во Тирана уапси 20 лица

Полицијата заплени кокаин, хероин и канабис.

Во рамки на третата фаза од голема полициска акција „Храм“ (Темпули) полицијата во Тирана разбила група која дистрибуирала канабис, хероин и кокаин, во различни области на Тирана, во близина на училишта, како и во ноќни клубови.

-Акцијата следуваше по четиримесечна истрага, со посебни методи од страна на стручни лица за истраги за наркотици при локалната полициска управа во Тирана, под раководство на Обвинителството при Основниот суд на општата надлежност на Тирана. Обезбедени се правни докази за документирање кривични предмети на 35 граѓани, изјави Тонин Воцај, директор на полициската управа на Тирана.

Воцај додаде дека се уапсени 20 лица а по 10 други се трага, запленети се 3,5 килограми кокаин, 50 дози хероин, 100 дози канабис, 27 мобилни телефони и 5 автомобили.

Во рамки на првата и втората фаза од акцијата „Храм“, чија цел е сузбивање на дистрибуцијата на дрога пред училишта и угостителски објекти, уапсени се повеќе од 200 лица. /МИА

притисни ентер