Кели Рене Тарнер (41) е обвинета за предизвикување смрт на нејзината седумгодишна ќерка Оливија Гант во 2017 година.
Малата Оливија се појави на социјалните мрежи и медиумите во текот на последните месеци од животот додека го исполнуваше својот последен „список со желби“.
Нејзината мајка сега се соочува со повеќе од десетина кривични пријави, вклучително и обвиненија за убиство и злоупотреба на деца, јавува Би-Би-Си.
Во јули 2017 година, Тарнер побарала на нејзината ќерка да и биде прекината на медицинската нега и вештачката исхрана заради лошиот квалитет на живот. Оливија починала неколку недели подоцна. Причината за смртта била откажување на цревата. Но, по ексхумацијата на телото на Оливија минатата година, обдукцијата покажа дека Оливија не страда од ретката фатална болест, пријавена од нејзината мајка. Вистинската причина за нејзината смрт е засега непозната.
Лекарите се посомневале кога Тарнер минатата година ја донела на преглед својата постара ќерка со симптоми за „болка во коските“, со што биле поттикнати да спроведат истрага за смртта на Оливија. Истрагата откри дека имало голем број лекари кои и кажале на Тарнер дека Оливија не страда од ретка терминална болест и дека не треба да ја прекинува медицинската помош.
Кели Рене Тарнер е обвинета за собирање донации и социјална помош во име на наводната болест на нејзината ќерка, но и за користење на услуги за хуманитарни цели кои и помогнале во исполнување на последните желби на нејзината ќерка; како на пример еден ден да биде пожарникар или да има забава под костуми.