Ѓукановиќ: Македонија ја научи лекцијата и треба да добие сатисфакција од меѓународната заедница

Македонија ја научи лекцијата од минатото и реално е да добие целосна сатисфакција од меѓународната заедница преку отворање преговори со ЕУ.

Што се очекува да се случи овој месец, и преку официјалниот прием во полноправно членство во НАТО.

Ова го порача претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ на заедничката прес-конфернција со претседателот Стево Пендаровски во Скопје, на која истакнаа дека се согласиле оти е непходно ЕУ да го препознае моментот и конечно овој месец да донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија, затоа што нема поголема движечка сила за државите од евроинтеграцијата.

-Важно да ја поддржиме Македонија на тој пат. Тоа е пат без алтернатива кога станува збор за стабилноста на регионот и економскиот и демократски просперитет. Македонија од познати причини во 2008 година на Самитот во Букурешт го изгуби чекорот по кој претходно сигурно чекореше во процесот на интеграцијата, но ми се чини дека некои лекции се правилно научени. Во меѓувреме е направен сериозен напредок и денес е реално да се очекува Македонија да добие целосна сатисфакција пред се преку два потега на меѓународната заедница. Првиот е отворање преговори со ЕУ, што очекуваме да се случи овој месец и вториот официјалниот прием во НАТО, рече Ѓукановиќ.

Оцени дека нема стабилност на регионот без негова целосна интеграција во ЕУ.

-Ние ја третираме Македонија веќе како дел од НАТО, но формалностите мора да се завршат. Прашање на време е само дали тоа ќе се случи во декември или месец – два подоцна. Северна Македонија веќе го обезбеди своето место вп НАТО и тоа го сметаме многу важно за внатрешната сигурност на земјата и за регионалната стабилност. Не треба да има двоумење и за почетокот на преговорите со ЕУ зашто мислиме дека е време за нова динамика во процесот на проширување, истакна црногорскиот претседател.

Ѓукановиќ смета оти нестабилноста по која за жал се препознава Балканот е последица на долгогодишното заостанување во поглед на економскиот и демократскиот развој. Одговорот на проблемите, според него, треба да биде интеграција и усвојување на европските вредности и европски квалитет на живот. Црна Гора се труди да биде таков пример, веќе е членка на НАТО и лидер во преговарачкиот процес со ЕУ, рече Ѓукановиќ.

Оцени дека Скопје и Подгорица имаат треадиционално добри односи уште од времето на заедничката држава кои продолжуваат и денес.

Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата потенцира дека двете земји се определени за европско и евроатланско обединување, за исполнување на агендата на Берлинскиот процес и за други формати на регионална соработка.

-Односите меѓу Скопје и Подгорица се развиваат во духот на најдобрата соработка. Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратифиуваа Протоколот за членство во НАТО. Двете земји имаат добри односи и споделуваат заеднички надворешно-политички приоритети, изјави Пендаровски.

Двајцата претседатели разговарале за регионална соработка, при што оцениле дека двете земји и регионот ги поврзува заедничко минато, но уште повеќе заедничка иднина.

Посетата на Ѓукановиќ е прва посета на шеф на странска држава на Скопје по изборот на Стево Пендаровски за претседател на државата./МИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

притисни ентер