Филипче: Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт го решаваме деценискиот проблем со недостиг на лекови

Во месец август се укинаа квотите за лекови на рецепт во аптеките во регионите на Охрид, Струга, Ресен, Дојран и Гевгелија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Со оваа одлука, во фази почна спроведувањето на мрежата за доставување на лекови без квоти и воспоставување на дополнителни механизми за заштита од злоупотреба. Целосното укинување на квотите за лекови на рецепт почнува на 1 октомври.

Придобивка од ова решение е надминување на проблемот со недостатокот на лекови, да бидат подостапни за пациентите.

„Го зајакнуваме нашиот здравствен систем. Ова е само еден сегмент. Го зајакнуваме системот на примарно здравство. Сериозно веруваме дека следната година ќе имаме целосно променета слика со патронажни сервиси кои ќе можат да им даваат услуги на пациентите во домашни услови, со лекови достапни во аптеките ширум државата. Тоа ќе значи поквалитетен здравствен систем, полесен пристап до здравствена услуга и задоволни пациенти“, изјави министерот Филипче.

Со укинувањето на квотите, пациентите:

• Ќе бидат во главен фокус во здравствениот систем за нивно обезбедување со квалитетни здравствени услуги и лекови согласно нивните потребите;

• Редовен пристап до лекови на рецепт во текот на целиот месец;

• Ќе бидат порелаксирани за посетувањето на лекарските ординации и аптеките каде нема да има големи гужви само заради пропишување и подигање лекови на рецепт особено на почетокот на месецот;

• Нема да имаат страв дека може да останат без потребниот лек за терапија доколку нема квоти во аптеките при крајот на месецот;

• Ќе можат да бидат обезбедени со лекови согласно нивните реални медицински потреби, без да прават залихи на лекови во нивните домови;

• Ќе можат да помогнат на здравствениот систем со подобро рационално користење на лековите и почитување на препораките од лекарите и фармацевтите;

Осигурените лица од први октомври ќе можат да ги подигнуваат лековите во аптека со рецепт и документ за лична идентификација (лична карта или пасош).

На рецептот го има името и презимето и единствениот матичен број на осигуреникот на кого е препишан лекот. Доколку осигуреникот не може сам да го пидигне лекот, тогаш го подигнува друго лице во негово име чиј број на лична карта се запишува на рецептот. На овој начин точно ќе може да се провери во секое време дали лековите ги добиваат лицата на кои се препишани. Со оваа мерка, граѓаните ќе имаат лекови во кој било период од месецот.

МТСП: Неработни денови

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува .

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:

1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија.

06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.

Министерство за труд и социјална политика

Италијанскиот новинарски синдикат повика на штрајк на јавниот радиодифузен сервис Раи

Новинарскиот синдикат УСИГраи (USIGrai) повика на 24-часовен штрајк во италијанската јавна телевизија Раи на 6 и 7 мај, главно во знак на протест против мешањето на десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони, јави ДПА.

Тие ја обвинија Мелони дека сака да го претвори радиодифузерот во „говорник на владата“.

Заднината на ова е откажување во последен момент на поканата на писателот Антонио Скурати, кој сакаше да прочита текст на денот на ослободувањето на Италија од германската окупација и фашизам на 25 април.

За време на настапот, тој сакаше да ја критикува партијата на Мелони за нејзиното постфашистичко потекло. Текстот на крајот беше прочитан од новинар на Раи.

Мелони е на чело на десничарската трипартиска коалиција од октомври 2022 година. Нејзината сопствена партија „Браќата на Италија“ потекнува од постфашистичкиот политички спектар. Поранешниот диктатор Бенито Мусолини (1883-1945) сè уште е почитуван од истакнати членови на партијата до ден-денес, наведува ДПА.

Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија.

Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.

Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.

Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.

Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.

Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.

притисни ентер