Добрила Стефановска за Канал 5 ја објаснува причината за претепувањето

Полицијата се уште работи на случајот кога таксист натепа жена среде Скопје. Токму таа за Канал 5 кажа дека била натепана од таксистот за банална причина, односно тој немал да и врати кусур.

Ме навредуваше и ме нападна зошто не сакаше да ми раситни пари за такси услугата – вака триесет годишната Добрила Стефановска за Канал 5 ја објаснува причината за инцидентот кој се случил завчера со таксистот, а видеото предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи. Вели дека била нервозна по навредите на таксистот па затоа сакала да му ги искрши брисачите по штој силно ја турнал на земја.

Иако вели дека во краткото време додека траел инцидентот никој не се обидел да и помогне, потоа некој од мунувачите повикал брза помош. Била пренесена на клиника со повреди на рацете и грбот. Вели дека нема да молчи и ќе бара одговорност за напаѓачот.

Веднаш по инцидентот, полицијата соопшти дека се утврдува прекршочна, но доколку се утврдат елементи не исклучуваат и кривична одговорност за напаѓачот. Случајот се уште е отворен и се постапува по него, рекоа денеска од МВР.

Од Град Скопје велат дека се работи за лиценциран таксист кој не возел за такси копманија туку работел самостојно. Ќе ја почекаат разврската од полиција, но не ја исклучуваат можноста за одзменање на лиценцата.

Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека со внимание го следат случајот и доколку има потреба ќе интервенираат кај надлежните институции.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на извршен и централен ќе ги утврдува пратеничките листи

На изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе има чесни, професионални и храбри лица, уверува партискиот лидер Христијан Мицкоски, а вечерва целосниот список од 120 кандидати за пратеници ќе биде тема на дебата на седници на извршен и централен комитет. 

Веќе се шпекулира дека на листите ќе се најдат повеќемина од актуелната пратеничка група на опозициската партија, но официјална потврда се очекува в сабота на најавената промоција на кандидатите. Мицкоски најави позитивна кампања, од противкандидатите очекувал клевети и опструкции, но сепак очекувал победа за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Победа очекува и спротивниот табор - најавено е дека в недела ќе ја презентираат партиската програма со која ќе влезат во изборната трка. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски негира дека за листите во неговата партија имало несогласувања, како што се шпекулираше за време на нивните партиски состаноци кога ги гласаа минатиот викенд.

Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои листи најави Европскиот фронт предводен од ДУИ, албанската опозиција на Касами, Гаши и Меџити - „ВРЕДИ“, Левица, Движењето „ЗНАМ и Коалиција „Храбро“.

Дел од нив деновиве ги претставија носителите, а крајниот рок за доставување на целосните листи во Државната изборна комисија е вторник, 2 април.

Зголемен број хоспитализирани деца во кумановска болница

Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение во општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Најголем процент на хоспитализираните се деца заболени од вируси, но и дечиња кои имаат алергиски реакции, неколкумина се заболени од „голема кашлица“.

Болнички се лекуваат 20 деца, дневно на одделението има и по 50-тина деца од новороденчиња до десет години. Оние со потешка клиничка слика, пневмонии се хоспитализирани, останатите со полесна клиничка слика се лекуваат на дневна болница.

- Пролетната сезона почна и се зголемува бројот на деца кои имаат вируси и алергиски реакции. Во моментов имаме и деца заболени од „голема кашлица“-пертусис, изјави началничката на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.

Родителите ги носат децата и барата помош од педијатрите за зголемена телесна температура, кашлица која прогресира во потешки компликации, со опструкции, пневмонии.

- Последно време имаме дечиња заболени од пертусис. Најголем процент се деца на училишна и предучилишна возраст, но и новороденчиња кои поради возраста не можат целосно да бидат вакцинирани, ниту со прва, ниту со втора доза. Ако родителите забележат покачена температура, кашлица, веднаш да се извршат испитувања и ПЦР метода за пертусис што се прави во лабораторијата и веднаш да се изолира детето и да се почне со соодветна терапија, вели докторка Бајрами.

И алергиските реакции предизвикуваат проблеми кај децата. Симптомите појаснува педијатарот се кивање, кашлица која е сува и надразнителна, бистра носна секреција, затнато носе, чешање на нос и очи.

- Во моментов се инхалаторни полен, цветови, прашина. Потребно е да се направат алерголошки испитувања. И во болницата нудиме таков тест преку крв, кажа Бајрами.

Педијатрите препорачуваат здрава, балансирана исхрана, внес на витамини. Одделението е добро екипирано и можат да се справат со зголемен број на заболени деца.

Приведено и трето лице за убиството на лекарот од Железара

Трето лице е приведено под сомнение дека е поврзано со убиството на докторот од скопска Железара. 

Се уште трае распитот на двете лица кои вчера биле приведени во врска со убиството на лекарот од скопска Железара, додека трае распитот имало и претрес во домовите на приведените за поврзаност со убиството, потврдуваат од Јавното обвинителство за Канал 5. Вчера министерот за внатрешни работи Тошковски изјави дека има осомничени и дека во текот на денешниот ден ќе има повеќе информации.

Министерот посочи дека се презмени 20 истражни дејствија и дека се прегледани се снимките на над 50 камери и видео записи. Според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт со девет убоди во неговиот автомобил паркиран пред поликлниката Железара каде имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Докторот во автомобилот бил пронајден од неговите синови кои заминале на работното место на нивниот татко бидејќи не се вратил од работа по завршувањето на втората смена во ординацијата.

притисни ентер