Во Чернобил цвета ,,црниот” туризам (ФОТО)

Откако серијата ,,Чернобил” го заинтригира целиот свет , на местото на нуклеарната катастрофа цвета туризмот.

Илјадници луѓе од сите делови на светот сакаат да го видат местото на најголемата нуклеарна катастрофа на електраната Чернобил.

Во градот Припјат , кој во времето на дефектот на нуклеарната електрана имал 600 000 жители , се е оставено како кога се евакуирале во 1986 година.

Чернобил е отворен во 2011 за туристи , но до сега таму одеа само групи авантуристи.

Наместо на летен одмор на плажа , луѓето одат на местото на смрт и трагедија , каде илјадници загинаа од радиоактивното дејство на нуклеарната централа , која изгоре во најголемата хаварија во историјата.

Филипче: Направени неколку измени во Законот за здравствена заштита

Измените се изготвени на барање на комори, здруженија, млади лекари и невладини организации.

Промена на договорите што ги потпишале специјализантите, дополнителна заработувачка на докторите и тимовите од анестезиолози, сестри и болничарите кои попладне ќе останат да работат, можност пациентите да изберат лекар, укинување на менаџерскиот испит за директори и пензионираните доктори да можат да работат како консултанти доколку тоа го бара институцијата во која работеле, предвидуваат измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура, а денеска на средба со новинарите ги презентираше министерот за здравство Венко Филипче.

Во врска со промената на договорите кои ги потпишале специјализантите, Филипче рече дека досега за специјализација од шест години тие требало да одработат 12 години, а според измените, враќањето на специјализацијата во време е еден спрема еден, односно за специјализација од шест години тие ќе треба да одработат шест години.

Тој појасни дека досега имало договори што ги потпишале специјализантите, според кои, тие требало да вратат петкратен или десеткратен износ, односно ако некои специјализации чинеле 12.000 евра, тие требало да вратат до 120.000 евра. Според измената, сега за специјализации од 12.000 евра тие ќе треба да вратат 24.000 евра.

Во врска со измената што се однесува на дополнителната дејност на лекарите, Филипче рече дека досега во матичната институција ако некој сака да избере лекар практично не му важеше осигурувањето.

– Како осигурено лице плаќам осигурување одам на една клиника, сакам да си изберам лекар попладне, да имам преглед или интервенција и плаќам како приватен пациент како да не сум осигуран. Мислам дека тоа е нешто што одеше на рака на приватните болници. Сега дозволуваме да важи осигурувањето и само да се даде ценовник за избор на тимот кој ќе лекува. На овој начин им се отвора огормна можност на докторите и целите тимови, анестезиолозите, сестрите, болничарите и сите што ќе останат попладне за дополнителна заработувачка, а на пациентите да имаат слобода да изберат лекар, истакна Филипче.

Осврнувајќи се на измената со која им се дозволува на пензионираните доктори да работат како консултанти доколку тоа од нив го бара институцијата во која работеле, Филипче додаде дека досега тие не можеле да работат како консултанти во општината во која се пензионирале. /МИА

Филипче: Зависниците ќе се дисперзираат низ повеќе општини, ќе ја примаат терапијата пред лекар

Опремување на повеќе пунктови низ Скопје со што бројот на зависници од Центарот во Кисела Вода, кој изнесува над 500, би се дисперзирал низ повеќе места во градот и на тој начин нема да има проблематични случаи, ниту проблем за жителите.

Затоа што пациентите ќе ја примаат терапијата пред лекар, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. За почеток има подготвени пунктови во поликлиниките „Јане Сандански", во Ченто и во Карпош во болницата во Бардовци, а се планира нивно отворање и во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

Посочи дека ова е договорено во текот на вчерашната негова средба со градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи, претставници на општините Аеродром и Карпош, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски и здруженија на граѓани, со кои направиле добра координација, ги слушнале и европските искуства, кои смета дека може да се имплементираат кај нас.

– Значи развиваме европски модели и ќе работиме заедно со општините и граѓанските организации со цел нивно имплементирање. Во исто време ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат не е вистинската и таа која ќе биде ако се случи дисперзијата, заради тоа што концентрацијата на огромен број случаи, над 500 пациенти кои се лекуваат во Кисела Вода, е главниот проблем. Со помал број пациенти на повеќе места едноставно нема да има проблем во однос на медицинскиот отпад, заради тоа што нема да биде расфрлан како што е сега заради огромниот број пациенти, ниту ќе има проблематични случаи, бидејќи покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка, рече Филипче.

Појасни дека проблемот со Центарот за зависници во Кисела Вода трае многу долго, повеќе од 20 години. Еден од главните проблеми потенцирани после затворањето на овој центар во рамки на Клиничкиот центар пред две години, потенцира, е големиот број зависници кои таму се лекуваат.

– Тоа создава една хаотична ситуација во која тие не може да добијат соодветен медицински третман и отвора можности за злоупотреба на препаратите кои таму ги добиваат. Тоа е сликата која кај нас е создадена во однос на третманот на овие пациенти кои доколку би биле третирани на соодветен начин во мала бројка на повеќе места воопшто нема да изгледа така. Постои Центар за третман на зависници во ГОБ „8 Септември" и таму не сме слушнале за никаков проблем и таму има училишта, градинки. Со оглед на тоа што е мала бројка, тие пациенти не доаѓаат секој ден, ја примаат терапијата пред лекарите и на тој начин прво соодветно се лекуваат и второ се елиминира можноста за злоупотреба, истакна Филипче.

Целта на дисперзијата, посочи, е да покажеме дека секој има право на соодветен пристап кон здравствена заштита и соодветен нејзин квалитет. Додаде дека тоа се наши сограѓани, пријатели, соседи, секој има право да добие третман блиску до местото живеење, но на соодветен начин и тие таков план подготвуваат.

Во врска со тоа дали се размислува за обезбедување на центрите рече дека разговал и со министерот за внатрешни работи и е цврсто убеден дека нема да има потреба за тоа.

– ВО ГОБ „8 Сетември" се случува истиот процес на лекување, како и во Кисела Вода, меѓутоа во ГОБ има 60-тина пациенти, а во Кисела Вода над 500, додаде министерот Филипче. /МИА

Улцињ ја чува легендата за Сервантес и Дон Кихот

Првата средба со популарното црногорско летувалиште Улцињ ни почна со стариот дел од градот и приказната за славниот Сервантес и неговите јунаци.

Според легендата, авторот на Дон Кихот, откако бил ранет во една од битките, се спасил токму во Улцињ заедно со својата Дулчинеа. Затоа, понудата во стариот град на Улцињ се базира на оваа приказна, за која нашите домаќини „веруваат дека кај нив на гости бил познатиот Сервантес".

Од стариот дел на градот се пружа извонредна глетка на брегот и овој дел на Јадранско Море, а секако по тесните улички не може да не се помине низ плоштадот на робовите, летниот амфитеатар и музејот на отворено, црквата џамија и многу други објекти – сведоци на времето на оваа омилена туристичка дестинација на многу туристи, па и на македонските уште од времето на заедничката држава.

Од терасата на ресторанот „Тапхана", каде што нè пречека освежување и рибја чорба со ризото од различни морски плодови, се чини дека бескрајната морска и сива шир е на дофат на раката и сите сетила го чувствуваат мирисот на морето. Еден од специјалитите што го препорачаа љубезните домаќини е месо приготвено на тула.

– Тулата се загрева на 350 степени, потоа се вади и на неа се става живото месо. Гостинот може сам да го приготвува јадењето и, секако, веднаш го јаде, објаснува Валид Суљевиќ од ресторанот „Тапхана".

Во царството на бескрајните маслинарници

По посетата на стариот дел на Улцињ, нашите домаќини од Туристичката организација на градот нè водат во маслинарникот на Фатмир Садику, производител на познато маслиново масло, кое лично го пробал и принцот Чарлс. Објаснува дека производството не е како некогаш. Сега плодот на маслинката се собира од дрвото, а не како порано од земјата откако ќе падне.

– Јас сум сопственик на 85 илјади стебла и тоа е вистинска реткост на Медитеранот некој да има толку стебла. Ја утврдивме староста на маслинките, бидејќи во ЕУ сè уште се цени од каде потекнува шишето со масло, како што е случајот со нас, каде што имаме стебла стари по илјада и две илјади години. Годишно произведувам околу два тона квалитетно маслиново масло, кое го пласирам исклучиво во Црна Гора, раскажува Садику, кој потоа нè прошета во неговата мини фабрика за цедење на маслото и ни го презентираше традиционалниот начин на производство.

Првиот ден од престојот во Улцињ го завршуваме со прекрасна вечера во ресторанот „Континентал", на Малата плажа во центарот на градот.

Плажата „Валданос" рај за очите

Вториот ден од престојот во бисерот на црногорскиот дел од Јадранот почнува со посета на заливот и плажата „Валданос". Нашите домаќини се посебно горди на овој зачуван дел од нивното крајбрежје и навистина има зошто. Боровата шума и чистата вода заградена од двете страни со високи ридови ви даваат чувство дека сте на некое парче од морето како од сликовница. Иако на оваа плажа бевме на почетокот на сезоната, сепак уште од утринските часови се брза да се фати место, а во шпицот на сезоната места се заземаат уште рано наутро.

По заминувањето од „Валданос" се упатуваме кон Големата плажа долга 12,5 километри, која може да прими над 150 илјади капачи. Наша дестинација е плажата „Тампико", на која веднаш се забележува дека понудата е навистина врвна, со средени лежалки, туш, квалитетна храна и пијалаци и, секако, коректни цени. Тука ја пробавме топлата морска вода, а можеби единствена замерка, ако може така да се каже, е што влезот во морето е плиток и треба добро да пешачите доколку сакате да се капете во подлабоко.

Според Фатмир Џека, директор на Туристичката организација на Улцињ, за развојот на туризмот најголем придонес даваат самите граѓани, кои секогаш се подготвени да ги пречекаат бројните туристи, а најмногу ги има од регионот.

– Лани имавме гости од 109 земји од светот, кои го посетиле нашиот град. Секоја година имаме раст на бројот на туристите, па овој тренд продолжува и на почетокот на оваа сезона. И годинава сме подготвени да угостиме над 100 илјади туристи, посебно во шпицот на сезоната, од 10 јули до 15 август, смета директорот Џека.

Додава дека во последно време расте бројот на гостите кои престојуваат во хотели, посебно во малите хотели, а еден таков е и хотелот „Дајте роомс", во кој беа сместени новинарите од регионот кои престојуваа во студиска посета на јужното црногорско крајбрежје.

Со брод по Ада Бојана и влез во албанските води

На плажата „Кобања" нè пречекува шаренило од кајт сурфинзи. Тука е домот на љубителите на овој екстремен спорт, кои го користат ветрот за да можат да сурфат.

– За да се научи овој спорт, потребно е тој што е заинтересиран да престојува тука петнаесетина денови. Курсот за летање со кајт чини околу 400 евра, а потребно е да има тежина од минимум 35 – 37 килограми за да може да дава отпор на леталото, објаснува инструкторката Лара Сибиновиќ од Ниш.

За крај домаќините ни го понудија најубавото – возење со брод по устието на реката Бојана во Јадранско Море и поглед на островот Ада Бојана, познат како оаза на љубителите на нудизмот.

Реката Бојана, која истекува од Скадарско Езеро и во своето течение од 40 километри во два крака се влева во морето, е место каде што куќите од двете страни на реката се вистинска атракција.

По напуштањето на едниот крак и влез во другиот, нашиот брод влегува во албанските територијални води. Водичот и капетанот велат дека тоа е нормално, бидејќи мора да пловат во подлабоки води за да можат да бидат на безбедно. Вториот крак по половина е поделен меѓу Црна Гора и Албанија. Од албанската страна сè уште можат да се видат бункерите и други објекти за обезбедување на пограничната територија. Полека се враќаме на почетната позиција. Бродот застанува пред култниот ресторан „Баракуда". Влегуваме директно од бродот и по кусото освежување се враќаме назад во хотелот.

Последната вечер поминува во незаборавно новинарско дружење и со љубезните домаќини.

Утре полека заминуваме од Улцињ и повторно сме на пат кон Бар и Подгорица. Секој од колегите од Словенија, БиХ, Србија и Словачка заминува во својот правец. Верувам дека чувствата на сите ни се исти – Улцињ и јужниот брег на Црна Гора треба да се доживеат за да може да се раскажува. /МИА

притисни ентер