ВМРО-ДПМНЕ: Кога ќе се вратиме на власт, ќе го вратиме рамниот данок и ќе се намали акцизата на горивата

​Македонската економија пропаѓа, потфрла планираното полнење на буџетот со даноци, за пет месеци годинава недостасуваат, односно има буџетска дупка од 3 милијарди денари.

Тоа значи нема да има пари за пензии, за администрација, за услуги кон граѓаните, за болници, за училишта, а власта не се откажува од луксузот и од лошите економски политики.

УЈП при собирање на данокот има три милијарди денари дупка, три милијарди денари помалку пари во буџетот за граѓаните, три милијарди денари помалку од планираното на економскиот тим, на економското цунами – Заев, Анѓушев, Тевдовски!

УЈП и Владата немаат одговор на што се должи толкаво потфрлање, дупка во полнењето на буџетот на име на собрани даноци во висина од 50 милиони евра, што е пак вовед во нов економски иден шок наскоро, нови потреси во државата, нови отежнувања на животот на граѓаните кои тонат во сиромаштија.

Потфрлањето на Владата и на УЈП, 50 милиони евра разлика од планираното и реализираното даночење е показател дека спротивно на лагите на Заев, на Тевдовски и на Анѓушев, економијата не цвета, а Македонија не блеска, дека платите реално не растат, економската активност е намалена и дека нема нови вистински инвестиции.

Лагите на Заев, на Анѓушев и на Тевдовски дека Македонија блеска не го полнат буџетот. Повисокиот данок, лошата економска политика, акцизите, вештачкото зголемување на платите и политичките лаги на Заев не го подобрија животот, не ја подобрија услугата на државата кон граѓаните. Напротив ги бркаат компаниите, и домашните и странските, граѓаните живеат полошо, а квалификуваната работна сила од работници до ИТ инженери ја напуштаат државата секојдневно.

Уште од сега ВМРО-ДПМНЕ ветува дека кога ќе се врати на власт, ќе го врати рамниот данок и веднаш ќе се намали акцизата на горивата, како приоритетни економски зафати за стабилизирање на македонска економија.

Прашање: Во врска со пописот, заводот за статистика тврди дека е се во согласност препораките на Еуростат и ОН ќе се попишува населението според матичните броеви, но оние што се иселени над една година нема да се бројат во вкупниот број на населението. Што е за вас спорно?

Одговор: Видете вака, прво заводот за статистика и преку неговиот директор кој што дава политички изјави и има политички ставови во своите настапи, наместо статистички, реални и државни нели. Посочуваше на други работи во однос на пописот дека нема да има графа за етнички, за религиски изјаснувања, а потоа според политички договор на партнерите во власта на Заев и Али Ахмети се доведе до поинакви прашања. Понатаму можам да кажам дека исто така државниот завод за статистика соопшти дека во однос на кои прашања ќе се содржат и на каков начин ќе биде спроведен пописот зависи од Собранието, политичката волја на власта. Во однос на пописот можам да кажам, да повторам она што и досега го кажувавме дека ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на ваков начин на спроведување на попис, на ваков начин на носење на закон за попис кој што не е според стандардите на Еуростат, не е според меѓународните документи и препораки како треба да изгледа едно пописно ливче и како треба да се спроведе попис. Не може да се направи попис кој што е резултат на политички пазар. Не може да се направи попис на кој што граѓанин ќе каже матичен број и оној кој што ги знае матичните броеви на дел од неговото семејство и пошироко семејство да кажува и на тој начин да биде спроведен попис. Пописот оваа власт мора да разбере дека попис не може да биде резултат на политички договор, на пазар помеѓу партнерите во власта. Попис е статистичка операција која што треба да служи за реално планирање на политиките во државата. Законот за попис како и пробниот попис кој што во моментов се спроведува согласно она што е ставено во тој предлог законски текст за пописот, всушност значи исплаќање пробен попис, исплаќање на концесиите кон доверителите од страна на Зоран Заев. Во оваа насока можам само да кажам дека ваков попис кој што ќе биде спроведен спротивно на препораките на Еуростат нема да ја прикаже реалната бројка на населението кое што живее во Република Македонија. Доколку се истурка ваков попис, ваков предлог текст без да се земат во предвид барањата за средба, барањата за заедничко креирање на закон за попис согласно меѓународните стандарди, таквиот попис може да доживее судбината на референдумското изјаснување во однос на промената на името.

Прашање: За Заев и Ахмети, од власта никој до сега не демантираше и немаше никаква информација дали имало некаква средба, дали до вас како партија стигнаа некои информации?

Одговор: Нема ниту демант, нема никаква информација, цела недела Зоран Заев не одговара, нема одговор од власта за тоа дали постои политички пазар кон она прашање што го отвори претседателот Христијан Мицкоски. Пазар направен на средба во Тетово каде што било договорено политичко редефинирање на државата и исцртување на нови граници. Тоа било направено во време помеѓу таа средба, тој политички пазар е направен во време помеѓу двата изборни круга за претседателските избори, како што реков во Тетово, и е договарано политичко редефинирање во земјата на сметка на политичка изборна поддршка. Одговор на ова прашање е и те како потребен, одговор е потребен и заради туркањето на пописот вон сите стандарди како што сега реков за попишување, резултат на политички пазар, оној пазар што го донесе Зоран Заев и кој што го одржува на власт. Попис по матични броеви од некој што ги знае матичните броеви. Одговор е потребен и заради предлозите за нови изборни модели кои што се наметнува во јавноста, наметнато како што знаете од второто лице на Зоран Заев. Уште повеќе потребен е одговор бидејќи Република Македонија повторно остана без датум за преговори, без европски интеграции, без членство во ЕУ. А, вицепремиер, заменик на Зоран Заев се закануваше дека во таков случај државата би се распаднала. И наместо да даде суштински одговор и наместо да се изјасни во однос на таа средба во Тетово каде што е договарано редефинирање на државата, наместо суштински реформи и одговорност Зоран Заев си турка партиски агенди за што поголемо деспотство во СДСМ. А, Зоран Заев знае каков и да има изборен модел ќе ги загуби овие избори, народот жестоко ќе одговори на сите негови девастации на државата, политички трговии со државните и националните интереси.

Прашање: Вашиот претседател на емисија кажа дека е подготвен да среди со власта за да разговара и да го помогне процесот на интеграција. Дали досега имате некоја комплетна иницијатива од власта да ве повикаат на ова и дали мислите дека воопшто ќе се случи ова?

Одговор: ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија. ВМРО-ДПМНЕ партија која постојано работи за доброто и интересите на граѓаните на Република Македонија. Работи за напредок на Република Македонија. Кога станува збор за нaционалните интереси, државните интереси, за ЕУ интеграциите, апсолутно секогаш сме го давале својот максимум и сме ја пружеле нашата рака за да се добие што побрза интеграција и што подобар живот на граѓаните на Република Македонија. Тоа било докажано неколкупати досега, тоа било докажано и применето како опозиција и минатата година кога се изготвуваше оној извештај на Европската комисија, учествуваме во сите закони коишто беа потребни да се донесат минатата година. Но, учествуваме и предлагаме и сега да ги вложуваме сите наши капацитети за да се подобрат оние стандарди што би значеле побрз влез на Македонија во ЕУ, побрзо добивање датум, подобри реформи бидејќи реформите изостануваат и затоа нема датум за оттпочнување на преговорите. Од другата страна се уште нема никаков одговор. Зоран Заев се занимава со партиски работи, се занимава со своето деспотство без никаков конкурс да ги смени своите општински органи, своите партиски органи. Во меѓувреме турка агенда за политичка трговија, со една статистичка операција, турка нешто што се вели политичко редефинирање на државата само и само во насока за што подолго да се задржи на власт. Власта е минлива категорија, државата, националните интереси и државните интереси не се.

Прашање: Дали се откажавте од идејата за предремени парламентарни избори?

Одговор: Одлука за предремени парламентарни избори може да донесе само Парламентот, може да донесе власта. Зоран Заев неколкупати до сега дека што и да изусти каква и идеја да даде, каков предлог да даде понатаму не се задржува на неговото, тоа е оној познат Заевизам. Така што и онаа олука нема датум ќе оди на предвремени избори испадна уште еден зевизам, уште едно негирање на сопственото тврдење, на сопственото кажување. Така што дали ќе има предвремени избори или редовни, во која насока ќе се води државата, тоа е прашање кое може да го реши само власта. Тука сме реални. Но, тврдиме дека кога и да има избори, Зоран Заев ќе ја загуби власта.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Маск сака од „X“ да напраци „YouTube“

Откако Илон Маск го презеде „Twitter“ (сега „X“), видеата станаа многу важна ставка кога станува збор за оваа социјална мрежа. Сега, „X“ лансира апликација која ќе работи на сите уреди.

Извршната директорка на „X“, Линда Јакарино, најави дека се воведува „содржина што можете да ја гледате на паметни телевизори“, односно апликација која ќе содржи алгоритам за видеа, заедно со трендови и теми, а ќе се напојува со вештачка интелигенција .

Оваа апликација ќе биде достапна за телефони и паметни телевизори, а компанијата сака да биде нешто слично на „YouTube“. Ќе работи слично - двете платформи, кога сугерираат што да гледате, ја земаат предвид вашата историја на пребарување, што гледаат другите, како и содржината на самите клипови.

„X“, како што рековме, ќе користи вештачка интелигенција за да предложи видеа што е најсигурно дека ќе ви се допаднат. Друга сличност помеѓу „X“ и апликацијата „YouTube“ е тоа што ќе можете да се префрлите од вашиот телевизор на вашиот телефон и да продолжите да гледате.

Ќе поддржува и „кастинг“ од мобилни телефони, но се уште не е кажано кога точно ќе се најде на пазарот „X“апликацијата за видео.

Извор: Б92

Столе Попов добитник на годинашниот „Златен објектив“

Столе Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор, е добитник на годинашниот „Златен објектив“, традиционално признание што го доделува Кинотеката на Македонија по повод нејзиниот роденден.

Попов, како што наведува Кинотека, ја задолжи националната кинематографија не само со својот наградуван филмски опус, туку и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето...! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија...

По повод Денот на Кинотеката, 29 Април, сите кинотечни печатени и електронски изданија досега (значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката) ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50 отсто во просториите на Кинотеката.

Кинотеката го одбележува својот роденден на датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката - 29 април 1974 година. Иако Кинотеката формално почнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и почнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции, сепак го одбележува како свој роденден 29 април. Последните две децении, по тој повод и околу тој датум, Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое им се доделува на филмски автори и работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание, досега биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на Столе Попов ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката на Македонија.

МТСП: Неработни денови

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува .

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:

1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија.

06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.

Министерство за труд и социјална политика

притисни ентер