Град Скопје ќе ги гради долго најавуваните тунели под Кале

Со потпишувањето на договорот за основниот проект започнуваат активностите на град Скопје околу изградбата на булеварот кој покрај влада преку мост на Вардар и тунели под Кале ќе излегува на Пластичарска.

 Основниот проект турската компанија треба да го заврши до нова година а потоа треба да се избере изведувач. Проценките се дека овој капитален проект ќе чини 30 милиони евра а во употреба би требало да се пушти кон крајот на 2021 или на почетокот на 2022 година.

Компанијата од Анкара во своето портфолио го има дизајнирано најдолгиот тунел од 12 километри во Турција како и многу клучки и мостови.

Ова е идеја стара 60 години. Еден од инженерите од тоа време дочекал да биде вклучен во неговата реализација.

Со овој капитален објект се проценува дека од Водњанска до Чаир ќе се стигнува за 5 минути нешто за што сега се потребни во најдобар случај 20 минути што треба да го намали и загадувањето а ќе се намалат и гужвите кај Мавровка каде дневно поминуваат околу 80 илјади возила.

Арсовски: Реконструкцијата на Владата е фарса

Се тресеше гората во СДСМ, се роди глушец, рече на прес конференција Димче Арсовски,  портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Цел еден месец Зоран Заев, СДСМ и сите нивни сателити ги малтретираа граѓаните дека СДСМ ќе го зафаќала метлата, ќе го реформирале, а всушност деспотот Заев си го реизбра истиот Извршен одбор.

Старо-новиот извршен одбор на Зоран Заев во СДСМ од 16 назначени членови, 10 се истите од претходниот пат.

Очигледно е дека Зоран Заев во овој театар кој им го приреди на членовите наместо метла, одговорност и реформи, направи простор за да си ја зацврсти позицијата претседател на партијата односно  да не биде сменет за сите погрешни политики коишто ги води и одговорноста којашто ја бара членството од него.

Во глобала, се е исто во СДСМ само Кирацовски го нема. На местото на Кирацовски назначен е најнеспособниот министер за земјоделие кој изминативе две години плукна на маката на земјоделците.

Во старо-новиот Извршен одбор на СДСМ останаа и најнеуспешните градоначалници како што се  Петре Шилегов, Благој Бочварски и Стефан Богоев, градоначалници кои со прст немаат мрднато изминативе година ипол за нивните општини и за граѓаните коишто живеат во нив. Всушност затоа и тројцата ја губат поддршката од граѓаните, а тоа се виде  и на последните избори каде што добија огромен шамар од граѓаните и им се намали поддршката и довербата.

Зоран Заев во старо-новиот Извршен одбор го остави и најнеспособниот министер за финансии во историјата на Република Македонија. Тоа е Драган Тевдовски, кој ги подготви најголемите буџети во историјата, ги крена даноците и акцизите, ги осиромаши граѓаните, потроши 10 милијарди евра за 2 години, а нема ниту еден единствен проект и резултат којшто можат да го видат и да имаат било каков бенефит граѓаните од него.

Тука се и Фросина Ременски која е единствената пратеничка која подготвува закони за да може нејзиниот маж да исполни критериуми за одредени позиции, а Заев за своето неработење ја награди и Рената Дескоска, актуелната министерка за правда, која претходно го унакази образованието, а сега сака да му одработи закон со којшто подоцна ќе се заштити самото СДСМ и Зоран Заев од понатамошни гонења.

Есра Салихи, Ѓоко Танасковски, Кети Василевска, Нина Велкова, Коста Костадинов се истите луѓе кои и претходно  беа во Извршниот одбор на СДСМ и раководеа со СДСМ.

Зоран Заев е готов. Тој само се обидува да си го задржи своето место во партијата каде што ја губи поддршата помеѓу членството. После овој театар којшто го подготви и каде што ги остави само неговите лојални војници во рамките на органите на партијата, јасно е дека се подготвува и му следи пораз на наредните избори. Ќе биде поразен на наредните избори кога и да се случат. Сите овие луѓе коишто ги набројав се истите кои и претходно го водеа СДСМ и сите овие луѓе се заслужни за крахот на Република Македонија и одложувањето на датумот за преговори коишто сепак не знаеме кога ќе го добиеме.

При ваква реконструкција во партијата, веќе е јасно каква ќе биде реконструкцијата во Владата. Од лошо – полошо.

Зоран Заев мора што побрзо да си замине од Владата и да ги ослободи граѓаните од неговата неспособност.

Сугарески и Китанов: Премиерот ги носи одлуките за реконструкција на Владата

Актуелните функционери не треба сами да ја оценуваат својата работа. Мандатарот, односно премиерот нормално е да ја оценува работата на министрите и врз база на тие анализи да донесе соодветни услуги. 

Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески,  одговарајќи на новинарски прашања при увидот во реконструкцијата на регионалниот пат Штип – Радовиш.

– Во неколку наврати кажав, а малку и побрутално е и можеби дека малку е и невоспитано од наша страна, како актуелни функционери сами да си ја оценуваме нашата работа, од првиот ден понатаму, мандатарот, односно премиерот е нормално,  тој што ја оценува работата на министрите. Тоа го прават и граѓаните. Така сето она што го кажав и минатиот пат е дека врз база на неговите анализи, коишто ги прави нормално е премиерот да донесе соодветни одлуки, така и за случајот со министерот за транспорт и врски, вели Сугарески.

Прашан дали претпоставува кој се наоѓа на списокот за реконструкција во Владата, Сугарески изјави дека нема намера да претпоставува туку, како што рече, му е битно да си ја извршува работата за која му е дадена како министер и нема намера да ги оценува своите колеги, министри со кои поминал две години во Владата.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов прашан дали се наоѓа и тој на списокот за промена на директори, одговори дека тоа прашање треба да му се постави на премиерот.

– Вие како новинари сте присутни, со нас. Јас еднаш неделно сум на терен, траса, во моментов имам преку 80 проекти, што активно ги работам. Си ја гледам и ја работам работата, а тој што треба да мери, да сече и да цени е премиерот. Негово е тоа апсолутно право, така што воопшто не сум оптоварен со тоа, вели Китанов. 

Во Израел презентирана населбата Трамп Хајтс, именувана по Доналд Трамп

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја претстави новата населба во окупираната Голанска висорамнина, именувана по американскиот претседател Доналд Трамп.

На церемонијата на именувањето во неделата, Нетанјаху рече дека Трамп Хајтс му оддава признание на Трамп за неговата одлука да го признае израелскиот суверенитет над територијата. Градежните работи допрва треба да започнат, но знакот со името на Трамп и американските и израелските знамиња, беше обелоденет.

Критичарите го оценија како потег за публицитет без легална основа.

Израел ја зазеде Голанската висорамнина од Сирија во војната на Блискиот исток во 1967 година. Во март, САД станаа првата земја која го признаа израелскиот суверенитет во областа, откако Израел ја анектираше во 1981 година.

притисни ентер