Нема поместување околу клучните разлики за Законот за јавно обвинителство

И вториот корпус амандмани испратени викендов од ВМРО-ДПМНЕ до Министерстото за правда за предлог Законот за јавно обвинителство не ги приближи позициите меѓу власта и опозицијата.

Амандманите на Предлог законот за Јавно обвинителство со кој се регулира и статусот на СЈО од ВМРО ДПМНЕ се неприфатливи за Министерството за правда. Оттаму велат дека материјалите што партијата им ги доставила биле разгледани но клучните разлики остануваат.

,,Викендот од ВМРО-ДПМНЕ испратија повторно материјали, но клучните разлики остануваат. Материјалите не беа во согласност со европските препораки за отворање на преговорите.

Неофицијално во текстот кој ВМРО ДПМНЕ го испратила до правда биле вградени дел од 65те амандмани кои и претходно беа одбиени. Во некои од нив ВМРО ДПМНЕ предлага СЈО да се позиционира само како одделение во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но со мандат додека траат тековните судски процеси.

,,Постапките кои се засноваат на нелегитимно собрани докази од нелегитимен орган не можат да бидат предмет на било каква постапка во македонскиот правосуден систем.

Извори од преговорите брифираат и дека ВМРО-ДПМНЕ  останува на позиција да се запрат сите истраги што СЈО ги води по 30 јуни 2017 година, но и дека е против опцијата СЈО да ги презема истрагите од останатите обвинителства и понатаму да ги процесира.

Од СДСМ тврдат дека ВМРО ДПМНЕ преку своите амандмани бара амнестија за партиските функционери опфатени во истрагите на СЈО.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека министерството не го почитувала договорот за консултации и дека испорачаното ги содржиле принципите за кои се договориле.

Од Правда велат дека консултациите околу законот сепак продолжуваат. Законот за јавно обвинителство, што треба да го реши и статусот на СЈО, е еден од условите за добивање датум за преговори за влез во ЕУ, а за негово усвојување потребно е двотретинско мнозинство.

Коловозите влажни, можни одрони низ котлините и клисурите

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа коловози. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

 На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Како што информира АМСМ, поради одрони, сообраќајот на регионалниот пат Делчево-Каменица се одвива по една сообраќајна лента. Се преземаат мерки за рсчистување на коловозот.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

ФЕИТ одбележува 60 години постоење

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во рамки на одбележувањето шест децении од основањето, денеска ќе им додели „Златна диплома" на сите студенти кои дипломирале пред 50 години.

Според факултетот, ќе бидат доделени 60-тина дипломи на дипломирани електроинженери од првите генерации. 

Премиерот Заев на форум на „Фајненшал тајмс" за земјите од Западен Балкан

Заев ќе се сретне со заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Обединетото Кралство, каде што на покана од „Фајненшал тајмс" ќе учествува на форум што угледниот британски весник го организира за земјите од Западен Балкан, насловен „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион".

Како што соопштија од владината прес-служба, Заев ќе се сретне со заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.

Предвидено е премиерот Заев да се обрати на премиерскиот панел заедно со премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, на тема „Инвестициски можности и како домашната политика влијае на нив”, а вицепремиерот Анѓушев треба да зборува на сесија заедно со министрите за економија на Косово и Црна Гора, Валдрин Лука и Драгица Секулиќ. По завршување на сесиите се предвидени изјави на премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев, наведуваат од владината прес-служба.

притисни ентер