Како што гледате сите ние предводени во тие процеси од Зоран Заев успеваме сега еден по еден да ги решаваме и да ги отвораме портите кон Европа и кон светот, истакна вечерва заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски на трибина во скопската општина Карпош.
Спомена дека е потпишан Договор со Бугарија, со што, рече Пендаровски, е тргната една крупна пречка на патот кон Европа.
- Подоцна се зафативме со спорот околу името меѓу Грција и Македонија за кој многумина меѓународни експерти мислеа дека е нерешлив и особено дека не може да се реши на позитивен начин за нас. Меѓутоа видовте го потпишавме Преспанскиот договор и во него не можете да најдете ниедна точка, ниту запирка која нам ни забранува да зборуваме на македонски јазик. Во Договорот постојат сите придавки македонски, македонско и сите кодови. Нема друга држава во светот која ги има тие кодови, тие ознаки, тие маркери на идентитетот името Македонија во Уставот, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека заради Преспанскиот договор добивме покана за влез во најсилната воено политичка Алијанса во историјата на човештвото. Посочи дека во првата половина од јули ќе добиеме и датум за почеток на преговори со ЕУ.
Осврнувајќи се на претходните претседателски избори, кога за претседател на државата беше избран Ѓорге Иванов, Пендаровски потсети на предметите „Титаник 1" и „Титаник 2" на СЈО, за изборни измами, со кои, како што рече, е утврдено дека победата била украдена. – Ние сите, не само јас ќе бевме вистинските победници и во 2014 година, истакна Пендаровски.
За Пендаровски, Законот за јазици придонесе многу за затворање на прашањето наречено внатрешна кохезија и солидарност.
– Тоа беше последното нормативното парче од Рамковниот договор. Осумнаесет години по неговото потпишување Рамковниот договор е де факто сега архивиран. Тоа направи засилување на внатрешната кохезија, рече, меѓу другото Пендаровски.
Пред граѓаните во Карпош, претседателскиот кандидат Пендаровски, потенцира дека според сите економски индикатори годинава е, како што најави Владата, рече, година на економија, на инвестиции, на нови работни места и на нов развоен циклус.
– Непосредна задача е на 21-ви овој месец и на 5-ти следниот да дадеме легитимација плус на овие политики кои досегашната влада ги направи затоа што ова е еден од начините да покажеме дека Македонија е на правиот пат, а не да си играме играчки и да ризикуваме со се што досега постигнавме со евентуална поткрепа на опозицискиот концепт, порача Пендаровски. Повика на максимална политичка мобилизација и во првиот и во вториот круг од изборите затоа што, нагласи, победата не моја туку заедничка и нема да дојде сама од себе.
Говорејќи за опозоцискиот концепт, Пендаровски рече дека немаат одговор на едно прашање, а тоа е ако го поништат Договорот од Преспа додека направат наводно подобар договор, како што рече, како ќе одиме во НАТО, како ќе отвориме преговори со ЕУ, што ќе правиме во меѓувреме.
Според него, концептот и политиките на опозицијата се рецепт за нов конфликт, за нова изолација.
Пендаровски претходно беше на трибина во скопската општина Кисела Вода каде говореше за европската перспектива, за нови вработувања и за подобар и просперитетен живот во Република Северна Македонија.
– Од 2016 година има нови политичари кои се зафатија да ги решаваат најтешките проблеми за да оди земјата напред. Успеваме да направиме голем исчекор. Само за две години од вистински режим дојдовме до влез во НАТО и очекуваме во јуни датум за почеток на прегорите во ЕУ. Во периодот од 2006 до 2016 година имавме најмногу иселени лица, пред се млади. Ова може да се спречи само со членство во ЕУ, со отворање нови перспективи за младите, рече Пендаровски.
На 21 април, истакна Пендаровски, ќе се избира меѓу два различни концепти, едниот што го водам јас за напредок и вториот предводен од опозицијата за блокади, и враќање назад. Затоа ќе мора масовно, со излегување на гласање, да потврдиме дека сме за оваа опција која не носи напред во НАТО и ЕУ.
Трибината со граѓаните во Кисела Вода вечерва започна со едноминутен молк за трагичната смрт на поранешна градоначалничка на општина Кисела Вода, Биљана Беличанец.