Меѓупартиски препукувања – кој го спречи одземањето на имунитетот на Вељаноски

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев изјави дека Собранието требало да ја следи досегашната пракса во однос на одлучувањето за одземање на имунитетот на пратеникот Вељаноски. 

Собраниете не му го одзеде имунитетот на пратеникот и поранешен собраниски спикер Трајко Вељаноски, поради тоа што претседателот на законодавниот дом ја прекина седницата, која почна во неделата во 21 часот, а одлуката за одземање на пратеничкиот имунитет требаше да биде донесена до 24 часот.

Џафери ја прекина седницата, откако се создаде тензија во собраниската сала, бидејќи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, повеќе пати бараше пауза од еден час, а Џафери даваше покуси паузи, по што атмосферата се „вжешти", пратениците од опозицијата сметаа дека не им е исполнето барањето согласно Деловникот, а пратениците од СДСМ сметаат дека треба да се пристапи кон гласање.

И сега СДСМ му замерува на Џафери дека ја прекинал седницата, собранискиот спикер вели дека морал да го стори тоа поради тензијата што се создала, ДУИ смета дека за тоа е одговорен пратеник од СДСМ и претседател на Комисијата за деловнички и мандантно имунитетни прашања Павле Богоевски, кој наводно имал некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, Богоевски тврди дека ДУИ го поткопувала целиот овој процес, а Алијансата на Албанците смета дека Џафери направил голема грешка и дека можеби станува збор за некаква закана и уцена.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев изјави дека Собранието требало да ја следи досегашната пракса во однос на одлучувањето за одземање на имунитетот на пратеникот Вељаноски. Со тоа, смета, ќе се покажело дека сите пратеници се еднакви, а ќе се оставело и можност на судот да одлучува.

– Процедурите и правилата мора да важат за секој пратеник подеднакво без разлика дали е тоа поранешен претседател на Собрание или не, затоа што сакаме на граѓаните да им испратиме порака дека сите се еднакви пред законот, а останатото е работа е на правосудните органи. Парламентот треба да ја примени досегашната пракса. Во однос на тоа што се случи изразуваме големо незадоволство и револт, рече Заев.

СДСМ побара одговор од Џафери да појасни зошто ја прекинал седницата. Координаторот на СДСМ и коалицијата Јован Митревски рече дека имало кворум за гласање и пратениците од мнозинството биле подготвени да донесат одлука со која ќе му се овозможи на судот да ги продолжи непречено своите процеси.

Спикерот Џафери, пак, појасни дека ја прекинал седницата поради, како што рече, однесувањето и дофрлувањата на пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ, кој му рекол дека времето изминува и дека треба да се гласа.

На прес конференција во Собранието Џафери, меѓудругото одговори, и на прозивките на лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села, кој од него побара да се повлече од функцијата бидејќи, по сето тоа што го сторил, е недостоен да ја извршува.

Села го потсети Џафери дека тој на спикерското место, како што рече, бил избран со „крвта на Села" и притоа побара предвремени парламентарни избори, бидејќи смета дека било спроведено сценарио на поранешните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Џафери рече дека не е избран за претседател со ничија жртва, туку дека е дел од таа жртва. Тој е претседател на Собранието и личноста која не работи по никаков диктат.

Според претседателот на Собранието, основната вина за сегашната пат позиција лежи во Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања која не донесе предлог – одлука според која ќе се раководи парламентот.

А за организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби одговорноста за неизгласувањето на одлуката за симнување на пратеничкиот имунитет на Вељаноски е кај претседателот на собранската Комисија за деловнички и мандатно – имунитетни прашања, Богоески.

– ДУИ целосно го поддржува владеењето на правото без партиски, политички, етнички и какви било други влијанија. На синоќешната седница во определеното време сите пратеници на ДУИ беа присутни на седницата од претседателот Ахмети до болниот пратеник Агим Шаќири за да гласаме за одземање на имунитетот. За жал, на седницата пратениците не можеа да се воздржат од дофрлувања и навреди кон претседателот на Собранието во моментот на гласање, рече Груби.

Тој дури кажа дека Богоевски се договорил со ВМРО-ДПМНЕ, без консултации со ДУИ, за терминот кога била оставена одлуката за гласањето и додаде дека ништо од тоа не би се случило доколку пратениците не станале и со навредливи зборови, пцовки и фрлање пенкала кон спикерот Џафери не го попречиле актот на гласањето неколку минути пред полноќ.

Богоевски од своја страна кажа дека се сомнева оти се работи за смислено сценарио од ДУИ за да го заштитат Вељаноски. Тие, како што рече Богоевски, најпрво се обиделе да ја саботираат работата на Комисијата, а потоа и на собраниската седница. Тој објасни дека на седницата на Комисијата три пати и ѕвонел на пратеничката од ДУИ Мирсада Емини Асани која е заменик член од ДУИ, откако на Агим Шакири му се слошило, поради што не дојде на седицата и немаше мнозинство гласови за предлог-одлуката за одземање на имунитетот.

Трајко Вељаноски, против кого се води истрага како еден од организаторите на настаните од 27 април остана со пратеничкиот имунитет, а на прашањето дали Судот има право повторно да побара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер претседателот на Кривичен, Иван Џолев рече дека тоа законот не го третира до крај.

-Колку што ми е мене познато во пракса повторни барања не сме испраќале. Но ќе седнеме сите судии заедно, ќе го прочитаме и ќе видиме кои се следните чекори што ќе ги преземеме, истакна Џолев.

Во случајот со Вељаноски имаше несогласувања и околу одлуката, која претходно ја донесе надлежната Комисија за деловнички и мандантно-имунитетни прашања, односно „за" и „против" одземањето на имунитетот се изјаснија ист број пратеници, по четири, со што фактички Комисијата не донесе предлог-заклучок.

Тоа беше централниот став, што опозициската ВМРО-ДПМНЕ го изнесуваше на пленараната седница, дека нема за што да се гласа, нема јасна препорака од Комисијата, додека владејачката СДСМ се повикуваше на Деловникот, односно на членот 53, став пет. Таму се наведува дека претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.

Вељаноски заедо со Миле Јанкиески и Спиро Ристовски минатата среда беше приведен на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, а во неделата тој не беше присутен на седницата, на која се расправаше за неговиот имунитет.

На новинарско прашање дали обвинителството му дало налог на МВР да се следи движењето на пратениците кои се под истрага, меѓу кои е Вељаноски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговори дека Министерството не добило такво барање. /МИА

Најмалку 14 лица загинаа во поплавите во Индонезија (ВИДЕО)

Најмалку 14 лица загинаа во поплави и одрони на индонезискиот остров Сулавеси, соопштија денеска локалните власти.

Силниот дожд што паѓа во областа од четвртокот предизвика лизгање на земјиштето во провинцијата Јужен Сулавеси, а беа погодени повеќе од 1.000 куќи, од кои 42 целосно се урнаа.

Екипите за пребарување и спасување ги евакуираат жителите со гумени чамци, изјави портпаролот на Националната агенција за управување со катастрофи, Абдул Мухари.

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата

Граѓаните треба масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да гласаат. Се работи за иднината на државата.

Дали ќе следи уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на ДПМНЕ како она на Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина.

Изборот е во рацете на граѓаните.

Со Мицкоски и ДПМНЕ ни следи враќање 20 години назад, изолација, уривање на слободата на медиумите, внатрешни поделби и оддалечување од европскиот пат. Тоа носи сериозни негативни последици кон иднината на Македонија.

СДСМ ги повикува сите граѓани, да излезат на гласање во среда, да го заокружат бројот 1 за претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски и за кандидатските листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.

Да не дозволат враќање на режимот во најава, да гласаат за европска иднина, за европски стандарди и вредности, за држава во која децата ќе сакаат да останат, се наведува во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ:ДУИ се обидува да поткупи гласачи дури и во верски објекти, секако одат во опозиција

ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција.

Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи.

Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат.

ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират.

Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот.

Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја!, се наведува во партиското сопштение.

притисни ентер