Следниот месец почнува електронската наплата на патарините

Патарините со електронски картички граѓаните ќе може да ги плаќаат за помалку од еден месец, додека целосната дигитализација на Коридорот 10 ќе биде готова за околу два месеци, најавија надлежните.

Автопатот Миладиновци – Штип, се уште е без патарини, па засега граѓаните ќе возат бесплатно.

На Коридор 8 пак, нови патарини нема да се градат, туку само ќе се надгради постоечкиот софтвер.

Сообраќајот на Коридорите ќе се следи преку Центар за контрола. Окото на целата патна инфраструктура, вака директорот за државни патишта го претстави објектот, кој е во завршна фаза. За почеток ќе ги контролира Коридорите 8 и 10, додека за една до две години ќе се поврзат и сите патишта низ земјава.

Во објектот има и посебен кол центар каде граѓаните ќе може да пријавуваат проблеми на патиштата.

Одреден период граѓаните ќе имаат можност да плаќаат и во кеш, додека заврши целата дигитализација.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.

На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани врз пријателство и соработка во сите области од взаемен интерес, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералната соработка и продлабочување на македонско-кинеското пријателство во текот на нејзиниот мандат. Таа го реафирмираше македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина“.

Соговорниците изразија очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти и ги нагласија можностите за проширување на економската соработка и туризмот. Во тој контекст, претседателката посочи дека е неопходно македонските стопанственици да бидат подобро запознаени со регулативата, прописите и функционирањето на кинескиот пазар, како би можело да се зголеми извозот во Кина.

Претседателката Сиљановска Давкова и кинескиот амбасадор Ѕуо разговараа и за улогата и влијанието на Народна Република Кина во светот, како и во нашиот регион, особено во контекст на економијата, а разменија мислења и информации и за ставовите на кинеската надворешна политика.

Притвор за скопјанец кој одзеде златно ланче од 64-годишна жена

Притвор за 31-годишник од Скопје кој завчера од 64- годишна скопјанка одзел златно ланче кое го носела на себе.

МВР информира дека полициски службеници завчера, во 15.30 часот во Скопје го лишиле од слобода скопјанецот Л.А. поради тоа што истиот ден на подрачјето на Карпош, со употреба на физичка сила, од 64- годишна скопјанка одзел златно ланче што го носела на себе.

- Од страна на ЕВР Карпош поднесена е кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор, информираат од МВР.

До март најверојатно ќе се реализираат две линеарни зголемувања на пензиите, најави Мицкоски

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска потврди дека за зголемување на пензиите ќе треба да се чека ребалансот на Буџетот, за што тој и министерката за финансии, како што кажа, интензивно работат и кој е најавен за средината на јули.

Најави две линеарни зголемувања и тоа со нивелирањето во септември и уште едно во март.

-Апсолутно. И од она што можам да видам дека и со оној првичен буџет којшто е поминат за оваа година недостасуваат околу 2,5 милијарди денари. Ќе имаме најверојатно две линеарни зголемувања најверојатно. Ќе биде ова потврда во текот на утрешниот ден или денот потоа. Имаме две, едно со нивелирањето сега во септември линеарно зголемување од 2,500 денари и другото ќе биде во март уште 2,500 денари. Најпрвин треба да обезбедиме со ребалансот 2, 5 милијарди денари околу 40 милиони евра. Во овој буџет тие пари недостасуваат. Се трошеле за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следи. И уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување сега што ќе биде во септември, за овие тре месеци септември октомври ноември бидејќи пензиите ќе се исплаќаат тогаш. Останатите ќе бидат во март и со тоа практично нашето ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари во првата година ќе биде и порано исполнета. Нема да биде до јуни туку ќе биде до март, рече Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на училиште во Драчево.

притисни ентер