Царовска: Да се трудиме да бидеме подобри родители

Секое искуство на детето влијае на начинот на кое тоа размислува, се чуствува, однесува и учи понатаму во животот.

 Она што го зборуваме дома, начинот на кој ги воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа придодно, родителството навистина се учи. Да се трудиме да бидеме подобри родители, за нашите деца и за посветла иднина. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на петтиот настан „Разговори за родителството".

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, целта е да се разбуди свеста за развивање и надградување на родителските вештини и се дел од кампањата „И родителството се учи" на УНИЦЕФ, ЕУ и Министерството за труд и социјална политика.

Во над 15 градинки низ Македонија, како што се наведува, се воспоставуваат советувалишта за родители чија цел е да работат токму на развој на успешното родителство.

МТСП соопшти дека работи на зголемување на бројот на овие советувалишта, но и на зголемување на капацитетите на градинките и на јакнење на компетенциите на кадарот со што го зголемува опфатот на деца во предучилишно образование.

– Кампањата почна со разговори низ целата земја за научните факти во врска со развојот на човечкиот мозок, емотивното приврзување, развојот на карактерот, различните родителски стилови и влијанието на негативните искуства од детството и стресот врз развојот на децата.  Кампањата ја нагласи потребата од програми и советувалишта за поддршка на родителите. Кога општеството им помага на родителите да подигаат деца кои имаат здрава приврзаност, кои се стумулирани, кои веруваат во себе, упорни се, имаат емпатија, знаат како да се справат со разочарување и можат да учат и да откриваат нови работи – тогаш создаваме животен циклус на лично човечко поврзување и развој и посилно, просперитетно и безбедно општество, изјави претставник на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

„Разговори за родителство" досега се одржаа во Куманово, Гостивар, Струмица и Битола. Присутните имаа можност да научат повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој.

Во велешко активни неколку шумски пожари

 Уште еден шумски пожар над месноста викана „Неделна вода" во Велес изби утрово во 9:30 часот, каде гори нискостеблеста дабова шума. 

Во гаснењето се вклучени екипи од ШС „Бабуна" и Територијалната Противпожарна Единица од Велес.

Од ТППЕ Велес, за МИА информираат дека се уште гори нискостеблестата дабова шума и над Манастирот кај село Оморани што избувна вчера попладне, а во гаснењето се вклучени екипи од Шумското стопанство „Бабуна" од Велес.

Пожар има и во реонот на велешките села Џидимирци и Иванковци, а зафатена е и површина од скопска страна поради што, освен велешки, вклучени се и пожарникари од ТППЕ од Скопје како и вработени од ЈП „Македонски шуми" од Скопје.

Екипи на ШС „Бабуна" од Велес работат на целосно газнење на пожарот кај село Каласлари во кој гореше квалитетна борова шума.

– Пожарот избувна во петокот, а беше локализиран вчера напладне со екипа на ТППЕ од Велес, но нашите екипи од ШС „Бабуна" од Велес вчера, ноќеска и денеска се уште се на терен и работат на негово целосно ликвидирање, информира за МИА Љубинка Попова, директор на ШС „Бабуна" од Велес.

Во овој голем шумски пожар изгореа околу 50 хектари квалитетна борова шума, а во негово гаснење беа вклучени и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување. /МИА

Нов протест во Црна Гора со барање за оставка на владата и претседателот

Во Подгорица синоќа е одржан шестиот по ред граѓански протест „97.000: Спротивстави се“, на кој учествуваа повеќе илјади граѓани со барање за оставка на Владата и претседателот на државата.

Собирот мина без инциденти, а организаторите ги повикаа граѓаните и на 30 март „без страв“ да излезат на протести.

Еден од организаторите, Славиша Грубиша, оцени дека опозициско единство и тесна соработка е неопходна во овој случај. – Не дели мал чекор од целта, со нас се синдикатите. Ова е протест на сите граѓани и сите се добредојдени, потенцира Грубиша.

Демонстрациите, оценети како најмасновни граѓански протести во Црна Гора, почнаа по објавувањето на аферата „Коверт“.

Душко Кнежевиќ, бизнисмен близок до власта, кој пред истрагата на црногорското обвинителство побегна во Лондон, објави снимка на која на најблискиот соработник на Ѓукановиќ и поранешен градоначалник на Подгорица Славољуб Стијеповиќ, пред изборите во 2016 година му предава коверт со, како што вели, 97.500 евра.

Стијеповиќ парите веднаш ги става во џеб. Оттогаш почнува политичкиот потрес во Црна Гора, а бројката „97.000“ стана и официјален назив на групата граѓани, кои под слоганот „Спротивстави се“ почнаа со улични протести.

Под притисок на јавноста, Обвинителството го сослуша Стијеповиќ дури после седум дена, а после 20 беше осомничен за перење пари.

Во меѓувреме, Кнежевиќ, јавно обвинувајќи се и сам себе, соопшти дека на сите избори богато ја финансирал Демократската партија на социјалисти на Ѓуканович, што е строго забрането. Тој го обвини и за низа други махинации.

Обвинителството одговори со покренување нови истраги против Кнежевиќ, додека воопшто не го сослуша Ѓукановиќ за аферата „Коверт“, бидејќи верувале оти тој не знаел за незаконското финансирање на партијата на чие чело се наоѓа.

Ѓуканович ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека Кнежевиќ му се одмаздува бидејќи одбил да го заштити од истрагата на Обвинителството.

Народна банка со низа активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите

Народна банка по повод Глобалната недела на парите, која почнува од утре, ќе реализира активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и ќе ги промовира предностите од поголемата финансиска вклученост.

Посебен настан ќе биде националниот натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите што за првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е на иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани победниците кои ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел во организација на Европската банкарска федерација.

Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, вчера Народна банка почна да го објавува серијалот текстови „Економија за секого", преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. 

Народната банка започна и едукативен караван со кој за ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финасискиот сектор. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка, како што најавуваат оттаму, ќе ја посетат и деца од една детска градинка во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите. /МИА

притисни ентер