СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да одговорат што знаеле за нелегалното прислушување

Наместо да прераскажуваат крајно лоши „вицови" на криминалецот Груевски, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да одговорат што знаеле за нелегалното прислушување.

Нема граници за лицемерието и несериозноста на ВМРО-ДПМНЕ, партијата симбол на најголемиот скандал со прислушување во историјата на Европа, партијата симбол на системско погазување на човековите права и слободи.

Денес, антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ лицемерно глуми загриженост за опрема за прислушување во Јавното обвинителство поставена уште во 2013 година, кога токму таа партија имаше апсолутна власт во државата.

Очигледно е дека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е исто со она на Никола Груевски. До толку не е ништо променето, што денеска партискиот портпарол ги прераскажува лошите, навредливи фрази односно „вицови" на осудениот криминалец Груевски што ги зборуваше по митинзи.

Наместо да прераскажуваат недолични фрази на Груевски, антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и пионот Христијан Мицкоски треба да одговорат за нивната улога и дејствијата во нелегалното прислушување, особено за информациите кога оваа опрема била инсталирана.

Особено ако се знае дека во времето кога избива најголемиот скандал со нелегално прислушување во историјата на Европа, Христијан Мицкоски станува советник на Груевски а бил и генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека ќе има одговорност за сите вмешани во овој скандал.

Црните времиња на злоупотребување на функциите и кршењето на законите завршија со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Штетите наследени од катастрофата што ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ се санираат, а остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. /МИА

Пленковиќ тврди дека има повеќе од 76 пратеници за состав на влада

Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и на техничката влада Андреј Пленковиќ по седницата на претседателството на партијата изјави дека има повеќе од 76 пратеници кои се подготвени да го поддржат.

На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ХДЗ го освои мнозинството мандати во Парламентот, но недоволно за сама да формира влада, па претходните денови имаше интензивни преговори за можни коалиции, а десницата Татковинско движење е најголемиот коалициски потенцијал на кој смета ХДЗ.

„Разговорите продолжуваат утре. Денеска имавме средба со сите колеги кои беа заедно со ХДЗ на листите на изборите, сите тие пратеници, а ги има шестмина, ми даваат силна поддршка како иден мандатар за состав на нашата трета влада“, рече Пленковиќ по вчерашниот состанок.

Тој најави дека денеска ќе се сретне и со претставници на националните малцинства, а потоа и со претставници на Татковинското движење.

„Работите во преговорите за формирање на парламентарното мнозинство и влада се движат во добра насока“, рече Пленковиќ.

ИДФ објавија слики и снимки од тенковите на преминот Рафа

Израелската војска (ИДФ) утринава објави фотографии и снимка како нејзините тенкови ја преземаат контролата врз палестинската страна од преминот Рафа во Појасот Газа, на границата со Египет, јави „Тајмс од Израел“.

ИДФ наведе дека преминот беше заземен за време на „прецизна операција“ против Хамас во „ограничени реони на источен Рафа“.

ИДФ додава дека имала „разузнавачки информации дека терористите го користеле местото на премин за терористички цели“.

Токму од областа на преминот Рафа вчера Хамас истрела ракети кон областа Керем Шалом, во јужен Израел, при што загинаа четворица војници, а други беа ранети.

Пред да ја почне операцијата, во текот на ноќта, ИДФ соопшти дека извршила „координација со меѓународните организации кои дејствуваат во областа, со барање да се движат кон хуманитарната област, како дел од напорите за евакуација на населението“, наведе „Тајмс од Израел“.

Тен Хаг по дебаклот со Кристал Палас: Ова е заслужен пораз

Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг се осврна на синоќешниот висок пораз во Лондон од Кристал Палас.

Домаќините во натпревар од 36. коло на Англискиот фудбалски шампионат славеа триумф со 4:0.

- Како Манчестер јунајтед, мораме да бидеме подобри. Играчите кои беа на располагање треба да се претстават подобро. Ова е заслужен пораз. Настапот не беше онаков каков што очекувавме. Не можеме да се фокусираме само на отсуството на Касемиро. Треба да се фокусираме на тимската игра. Мора да се поправиме во недела. Треба да учиме од овој натпревар и да се подобриме, изјави Тен Хаг за „BBC Sport“.

Манчестер јунајтед со 54 бода е 8. во поредокот во Премиер лигата, Кристал Палас има 43 бода на 14. место.

притисни ентер