И МАСИТ е за одлагање на даночните реформи за 5 години

Работа на црно и иселување на квалификуван кадар ќе предизвика воведувањето на прогресивен данок, алармираат од најзасегнатата стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.

 Даночната реформа е директен удар врз ИКТ индустријата, вака тие гледаат на реформите во даночниот систем кои ги најави Владата.

- Колку вие повеќе им ги качувате даноците на приватниот сектор на бизнис заедницата, толку тие повеќе и повеќе ќе бидат мотивирани да бараат дополнителни патеки по кои ќе можат да ги избегнат тие плаќања, а во ИКТ индустријата имате еден сегмент на популација која е навистина екстремно интелигентна, информирана, интегрирана во светските трендови и тие начини за избегнување на плаќањето дополнителни даноци и те како можат да се избегнат, вели Анита Никова Бундовски, извршен директор на МАСИТ.

Сугерираат државата најпрво да се фокусира на справување со сивата економија. Се уште се на ставот – одложување на реформата на 5 години. Велат дека воопшто не биле консултирани и вклучени во процесот иако нуделе свои забелешки. „Промените не може да се најават само два месеци пред истек на годината, а да се применат од 01.01.2019та, вели Никова. Потребни се повеќе мерења и анализи.

- Ваква измена не смее да настапи во рок од 2 месеца најава, а да стане валидна од 01.01. Компаниите се во една состојба во која долго време беа во разна економско политичка криза  и ние додека си мислиме дека можеби се избавуваме од кризата, доаѓаме во состојба во која сме во една нестабилна економска и повторно политичка ситуација, меѓутоа економска пред се каде измени по разно разни сегменти настапуваат секој ден. Во сабота на ручек не се најавуваат вакви промени. Тоа воопшто не е во ред.

За платите во најбрзорастечката индустрија да растат – бараме намалување на даноците и изземање од даночниот систем. Овие компании ги исполнуваат сите стандарди на таканареченото бело работење, не фер со реформите токму тие да бидат најопфатени, децидна е Никова. Вели, анализи на експерти кажуваат дека рамниот данок се покажал како поефикасен за собирање финансии во државната каса.

притисни ентер