АВМУ: Анкети заклучно со 24 септември, референдумскиот молк од 28 септември

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека резултати од испитувања на јавното мислење во врска со референдумот може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот одреден за гласањето. 

Оттаму, резултати од анкети на јавното мислење може да се објавуваат заклучно со 24 септември 2018 година.

Како што соопшти АВМУ, рефендумскиот молк започнува 48 часа пред денот на гласањето, односно на 28 септември 2018 година и завршува со затворањето на гласачките места во 19 часот на 30 септември 2018 година. За време на молкот треба да престанат сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот.

АВМУ ги повикува радиодифузерите за повеќе детали да го консултираат Упатството за медиумско претставување за време на референдум, достапно на веб-страницата на Агенцијата во банерот РЕФЕРЕНДУМ 2018.

Агенцијата додава дека следната недела ќе бидат објавени извештаите за констатираните прекршувања и првиот извештај за медиумското покривање на референдумот.

Антонов: Вежбите со нуклеарно оружје се принуден руски одговор на западната реторика

 Претстојните вежби со нуклеарно оружје се принуден руски одговор на западната реторика, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов.

-Ова е принудна мерка како одговор на арогантната и агресивна политика на колективниот Запад, кој создава неприфатливи безбедносни закани за Русија и нејзините граѓани, рече Антонов, пренесен од руските медиуми.

Амбасадорот додаде дека САД и нивните сојузници се повеќе ја снабдуваат Украина со смртоносно оружје, што украинските сили можат да го користат за да извршат напади на руска територија.

Генералштабот на руските вооружени сили започна со подготовки за вежби за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје, соопшти вчера руското Министерство за одбрана.

Маневрите ќе се одржат во блиска иднина и во нив ќе учествуваат и воздухопловните сили и морнарицата. Цел на вежбите е да се одржи подготвеноста на персоналот и опремата на единиците за борбена употреба на нестратегиско нуклеарно оружје за одговор и обезбедување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, соопшти руското Министерство.

Најмалку десет загинати во несреќа во Перу, автобус излетал од патот и се превртел

 Најмалку 10 лица загинаа кога патнички автобус излетал од патот и се превртел во областа Пуно во јужниот дел на Перу, јавија локалните медиуми.

Меѓуградскиот автобус сообраќал на релација Пуно-Куско кога се случила несреќата, јави државната новинска агенција Андина.

Во автобусот имало 24 патници, а меѓу жртвите има и шестмесечно бебе, соопшти полицијата.

Државната телевизија објави дека повредените, од кои некои со сериозни повреди, биле пренесени во блиските болници.

Причината за несреќата ќе биде позната по истрагата.

Најмалку 10 загинати или повредени во напад во болница во Кина

Неколку лица се убиени или повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА, повикувајќи се на кинеската агенција Ксинхуа.

ДПА пренесе дека во нападот имало најмалку 10 жртви, но првично не било јасно колку се повредени, а колку загинале.

Во првичните извештаи од настанот немало информации за осомничениот сторител.

Според Ксинхуа, нападот се случил во раните попладневни часови во болница лоцирана во провинцијата Џенксионг во јужната кинеска провинција Сечуан.

На кинеската социјална мрежа Веибо, слична на X, корисниците споделуваа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

притисни ентер