Нема сомниение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името, изјавил денеска пред новинарите, американскиот секретар за одбрана за време на летот од Вашингтон кон Скопје, објави Вашингтон Пост.
-Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание. Руските напори се во насока да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на претстојното гласање што на земјата ќе и го отвори патот до НАТО. Треба да го оставиме македонскиот народ сам да одлучи, изјавил Матис пред доаѓањето во Скопје.
Со слична реторика се огласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој за време на говорот во Фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон рече дека и македонскиот референдум не е изземен од руските обиди да се влијае на демократските процеси.
Видовме дека Русија не само што се обидува да го попречи приклучувањето на ПЈРМ да стане членка во НАТО, туку истото го направи и во Црна Гора да го попречи нејзиното членство во НАТО, каде што видовме и неуспешен обид за преврат. Гледаме дека се користат социјалните медиуми за дезинформирање за да се влијае на демократските процеси во различни земји, вели Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО
Премиерот Заев, кој пред два месеца алармираше дека про-руски бизнисмени финансираат насилни протести во земјава за да го спречат членството на Македонија во НАТО, денеска вели дека не може да ги потврди информациите на западните сојузници.
-Немам докази за руско влијание овде. Руската Федерација е пријател на Република Македонија и нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но отворено е против НАТО, рече Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија
За наводното можно руско влијание и ефектите од него, денеска анализира и „Њујорк Тајмс“, кој пишува дека Москва ја засилила кампањата за неуспех на референдумот во земјава. Весникот, меѓудругото, наведува американскиот Конгрес лани одобрил 8 милиони долари за борба против руската пропаганда во Македонија, но оти парите се уште не се искористени.