СДСМ:Одлуките на граѓаните на референдумот ќе бидат обврзувачки и неприкосновени

Со постигнатиот Договор меѓу Република Македонија и Република Грција се отстрани и последната пречка Македонија да добие покана за членство во НАТО и да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во 2019 година.

Со договорот Македонија добива иднина, а граѓаните на Македонија добиваат чист терен за подобар живот.

Прашањата за членството во НАТО, ЕУ и за договорот склучен во Преспа се прашања од највисоко значење за иднината на Македонија, на сегашните и идните генерации и затоа граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум.

Граѓаните се носители на суверенитетот, граѓаните одлучуваат на избори и на референдум. Референдумот е вистинска и непосредна демократија, а волјата изразена на него мора да биде обврзувачка за сите, бидејќи гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина.

Законот за референдум во Член 27 овозможува претходно консултирање за прашања од пошироко значење преку распишување референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните, односно таканаречен консултативен референдум.

Граѓаните ќе имаат можност на референдум слободно и директно да одлучат за македонско-грчкиот Договор и преку тоа за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, како две директно поврзани прашања кои се однесуваат на иднината на државата.

За уставните измени, кои се неопходни за да се спроведе договорот и со тоа Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори за членство во ЕУ, треба да гласаат пратениците во Собранието на Република Македонија. Пратениците се избраници на народот и тие имаат обврска да ја следат волјата на граѓаните изразена на референдумот. Согласно Законот за референдум, Собранието може и треба да ги консултира граѓаните пред да донесе одлука за вака важно прашање кое се однесува на иднината и квалитетот на живот на сите граѓани.

Затоа, од врвен интерес е сите политички партии и сите граѓански и политички субјекти да застанат зад референдумот и референдумското прашање како врвен демократски инструмент за изразување на волјата на граѓаните.

Сите партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ, кои со години се залагаа за членство во ЕУ, НАТО и за референдумско изјаснување за договорот за името имаат обврска да ги повикаат граѓаните да се изјаснат за стратешките интереси на државата и потоа обврзувачки да го испочитуваат гласот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту мандат ниту право да отстапува од референдумот и од членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Македонците и сите граѓани на Македонија имаат историска шанса за напредок, директна можност да бидеме рамо до рамо со големите сили, и тоа како Македонци и со нашиот македонски јазик и идентитет, загарантирани и потврдени со конкретни членови во договорот од Преспа. Затоа, Македонците и граѓаните на Македонија ќе одлучат дека со нашиот македонски идентитет ќе станеме членка на НАТО и ЕУ и ќе го реализираме договорот со Грција. /МИА

Во Калифорнија среде ноќ исчезна очувот на принцезата Татјана од Грција (ВИДЕО)

Очувот на принцезата Татјана од Грција (43) ненадејно исчезна среде ноќ во Малибу.

Како што објави „Дејлимејл“, Атиљо Брилембург (53) исчезнал во саботата, а последен пат бил виден во еден часот по полноќ. Носел сина кошула, сиви панталони и бил бос.

Властите ги повикаа сите кои можеби знаат нешто за неговото движење да се јават. Родениот њујорчанец, кој е поврзан со европските кралски членови, бил забележан недалеку од луксузен станбен комплекс. Тоа е ридско подрачје, кое што било слабо осветлено.

Околностите под кои исчезнал не се откриени. Полицијата навела дека станува збор за белец, висок 177 сантиметри, тежок околу 75 килограми, со седа коса, зелени очи и тетоважа на горниот дел од телото.

„Загрижени сме за господинот Брилембург“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Атилио Брилембург е очув на принцезата Татјана од Грција, член на грчкото и данското кралско семејство, која е родена во Венецуела. Полицијата изјавила дека тој повеќе нема никаква врска со кралското семејство. Принцезата Татјана од Грција е мажена за принцот Николај, син на Константин II, кој беше крал на Грција до укинувањето на монархијата во 1973 година.

Парот, кој се венчал во август 2010 година, минатиот месец објави дека се разведува. И покрај ова, Татјана најави дека ќе ја задржи титулата. На свадбата, која беше опишана како „Мама миа, со аристократи“, присуствувале претставници на кралските семејства на Холандија, Данска, Шведска и Шпанија.

Принцезата Татјана, чие полно име е Татјана Блатник, се занимава со пишување и филантропија. Таа пораснала во Швајцарија. Основач е на непрофитната организација „Дух“ која се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.

Шок во Тирана: Тројца мажи киднапирале момче среде главниот плоштад и го силувале

Во Тирана денеска е киднапиран и силуван 20-годишен млад човек, соопшти полицијата, додавајќи дека сторителите се уапсени.

Невидениот настан се случил на плоштадот Скендербег во центарот на Тирана, каде Д.Б. (36), Е.Х. (31) и неименуван 19-годишен маж, насилно го зеле 20-годишникот и го силувале, пренесува VoxNews.

Сите тројца се уапсени, додека уште еден маж на 28-годишна возраст исто така е лишен од слобода бидејќи не го пријавил делото.

Се сомнева дека целиот настан се случил од банални мотиви.

Според полицијата, тројцата со употреба на насилство го киднапирале младиот човек.

Специјалисти за истрага на криминал од Полициска станица бр. 1, откако добиле пријава од дваесетгодишен маж дека тројца мажи му ја одзеле слободата, веднаш организирале нивно фаќање.

Материјалите се проследени до Обвинителството.

Алигатор од 4 метри „ненајавено посети“ училиште во Флорида (ВИДЕО)

Експерти за диви животни биле повикани во училиште во Флорида откако граѓани забележале алигатор како талка по патеката.

Локалната полиција набрзо пристигнала на местото на настанот. Било истакнато дека рептилот талка низ делот што секојдневно го користат децата, пренесува UPI.com.

На Инстаграм е објавено видео од фаќањето на импресивен алигатор од 3,8 метри.

„Надлежните служби беа на штрек додека не беше фатен, за да се обезбеди безбедност на граѓаните“, соопштено е.

Опасниот предатор е вратен во природното живеалиште, далеку од градското подрачје.

притисни ентер