Дрво смачка автомобил во Тафталиџе

Попладнево невреме проследено со силен ветер, дожд и грмежи го зафатија Скопје.

Меѓу фотографиите од невремето кои се појавија на социјалните мрежи имаше и фотографија на која се гледа како дрво паднало врз автомобил во скопската населба Тафталиџе.

Неколку дена по ред Скопје е зафатено од невреме, особено во поладневните часови кога невремето е проследено со дожд и грмежи, а на некој места имаше и појава на град.

Заев – Галовеј: Се интензивира соработката со Велика Британија

Премиерот Зоран Заев, се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во нашата држава. 

На состанокот, соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, заеднички е поздравено интензивирањето на соработката помеѓу двете држави што се случува дури и за време на пандемијата.

Изразено е очекување за уште поактивно унапредување на соработката во сите области, по потпишаната спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Со тоа, како што е оценето, се создадени можности за проширување на билатералните односи во сите области. Како пример за добрата соработка е посочено и обостраното признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји, за што формалните процедури се во фаза на заокружување.

На средбата била соопштена заедничка определба за зголемување на економската соработка, иако Обединетото Кралство и денес е еден од најголемите странски директни инвеститори во земјава.

– Фокусирано работиме на економскиот развој затоа што ни е важен економскиот стандард на граѓаните. Во таа насока веруваме дека НАТО членството е охрабрување и за инвеститорите и од Обединетото Кралство и од другите земји членки, да инвестираат тука. Во тек се и реформите во правосудството, со коишто очекуваме ефикасност и транспаретност во областа, што е важно за европските перспективи на државата, но и за граѓаните и инвеститорите, рекол премиерот Заев, стои во соопштението.

На состанокот биле споделени и информации за справувањето со пандемијата во двете држави.

Премиерот Заев и амбасадорката Галовеј разговарале и за помош и споделување искуства од Велика Британија во областа на безбедноста, владеењето на правото, образованието, медиумите.

Премиерот Заев се заблагодарил на амбасадорката Галовеј за поддршката на кандидатурата на нашата држава за претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и за успешната соработка во областа на одбраната.

Македонија не добила рок за вакцините од Европската Комисија

Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Брисел денеска се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, но не добиле конкретен рок кога Македонија може да очекува вакцини од ЕУ.

Изворите на МИА во Европската Комисија (ЕК) порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

Од ЕК го отфрлаат обвинувањата дека земји членки на ЕУ располагаат со повеќе дози отколку што им е потребно и тврдат дека нивните служби ги проверуваат овие наводи и тие "не се точни".

-Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува, велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, попладнево соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

-Во иднина сакаме целосна транспарентност од компаниите кои произведуваат вакцини, рече комесарката, додавајќи дека од нив ќе се бара од сега точно да кажат на кои трети земји и колку дози се доставени, а ќе бидат преземени "потребни чекори" од страна на ЕУ.

За Северна Македонија и за регионот ова значи дека "во наредните недели" нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот "Механизам за споделување" на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.

-Одлуката останува на владата во Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука, велат од Европската комисија за МИА.

Европската Унија, која е најголем финансиер во механизмот Ковакс, минатата недела одлучи да креира свој Механизам за споделување на вакцини со посиромашните трети земји. Овој Механизам треба да го покрие периодот на чекање додека Ковакс не стане функционален, што нема да се случи пред пролетта, според најавите.

Меѓутоа ниту овој нов Механизам на ЕУ не може да почне да работи и да достави дози до третите земји вон ЕУ, бидејќи недостасуваат вакцини и за земјите на Унијата.

Извор за МИА додава дека сепак во ЕК се оптимисти затоа што повеќето земји членки на ЕУ наскоро ќе почнат со втората доза вакцинација на нивното население, што би можело наскоро да значи и деблокирање на ситуацијата за Западен Балкан и останатите земји членки.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од своја страна, исто така се обидува да добие доволно дози од земјите членки на ЕУ за соседството што е можно поскоро. Овие дози би биле приоритетно резервирани за медицинскиот персонал и најранливите групи.

Вархеји ова денеска им го порачал и на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се состанаа во Брисел и бил "многу конкретен", велат извори присутни на состанокот, за тоа што е потребно во знак на солидарност кон третите земји.

Доколку еврокомесарот успее да добие зелено светло за неговата иницијатива се очекува земјите од Западниот Балкан први да добијат вакцини пред останатите соседи на Унијата.

Од Комисијата исто така велат дека на земјите во регионот им помагаат и за сите други процедури како авторизации и национални стратегии.

Претседателката на Европската комисија минатата недела предупреди дека споделувањето вакцини со земјите со низок и среден приход е потребно и од себични интереси затоа што колку подолго циркулира вирусот во светот, толку поголеми се ризиците од опасни и вирулентни мутации./МИА

Исчезнат Австралиец три недели преживувал во дивина

Три недели по исчезнувањето во австралиската пустина, пронајден е човекот кој преживувал со печурки и вода од брана.

Полицијата започнала обемна потрага по Роберт Вебер, кој последен пат бил виден со своето куче, како излегува од хотел во Килкиван, Квинсленд, на 6 јануари. Властите ги пребарувале густите грмушки, реките, браните и стрмниот терен во потрага по Вебер во неповолни услови, но една недела подоцна ја запреле спасувачката мисија.

Вебер, 58, бил откриен во вчера наутро - 18 дена откако последен пат бил виден - од сопственик на имот кој го забележал во близина на браната. Вебер изјавил дека се изгубил откако се обидел да го избегне сообраќајот, објави претставништвото на на Си-Ен-Ен, 7News: "Требаше да одам дома таа вечер. Бев на пат кон дома".

Тој вели дека имало многу сообраќај, па решил да оди по друг пат. „Направив грешка во дел од секундата и ја платив со 18 дена“, рече тој.

Полицијата соопштила дека автомобилот на Вебер „заглавил“ на пат што не го познавал и останал три дена во автомобилот со своето куче пред да остане без вода.

„Одел пеш, се изгубил и останал на браната каде преживеал спиејќи на земја, пиејќи вода од браната и јадејќи печурки“, се вели во соопштението на полицијата во Квинсленд.

"Немав засолниште. Се онесвестив. Моето тело не можеше да се справи со тоа", рече Вебер.

Властите додаваат дека Вебер бил пренесен во болница, но инаку е „безбеден и здрав“, иако неговото куче не е пронајдено, објави 7News.

притисни ентер