Ова го соопшти вечерва на прес-конференција премиерот Зоран Заев во присуство на сите министри во Владата.
- Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано македонско име за нашата држава, име кое е достоинствено и географски прецизно, Република Северна Македонија, преводливо на сите јазици, рече Заев.
Потенцира дека договорот е потврда за македонскиот јазик во Обединетите нации. Јазикот ќе биде македонски/macedonian без фусноти, националноста е македонска кроз граѓанин на Република Северна Македонија (Macedonian/citizen of the Republic of Macedonia).
Договорот, како што рече ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти во државата, потпишан од претставниците на двете влади, по што следува ратификацијата во Собранието.
Ќе биде разгледан на владина седница в четврток и како што напомена можеби викендов или следните денови треба да биде организирана средба меѓу него и Ципрас. Напомена дека средбата како што беше најавувано можно да се случи во Мала Преспа, но оти се уште оваа информација не е официјална.
По ратификацијата Грција ќе испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го извести дека меѓу двете земји немаат спор и пречки Македонија да добие покана за членство.
Предвидено е Грција да испрати писмо и до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и се препорачува да добиеме датум за почеток на преговорите за членство.
- Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија. Силно веруваме дека на самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30. членка на Алијансата.
Нагласи дека ова е вистинското решение, а гласот на граѓаните е конечен. На есен граѓаните треба се изјаснат на референдум.
- Откако нашите граѓани ќе го потврдат овој историски договор Грција кон крајот на годината ќе го ратификува во Собранието, како и протоколот за нашето членство во НАТО, додаде Заев.
Во видеото погледнете го целото обраќање на премиерот Зоран Заев.