Во Њујорк нова рунда разговори за името

Во Њујорк нова средба Димитров, Коѕијас Нимиц.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска и утре во Њујорк, ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во присуство на личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопштија од македонското МНР.

Во пресрет на новата рунда разговори за името, од македонската Влада потврдија дека остануваат на ставот во однос на последниот предлог за името - Република Илинденска Македонија.

- Ставот на Владата што го пренесоа премиерот Заев и министрите Шекеринска и Димитров останува ист. Сметаме дека дадениот предлог од наша страна по лидерската средба ги одразува севкупно сите аспекти што се потребни за да се заштити идентитетот, и на македонскиот народ, меѓутоа ги одразува и сите останати делови кои ја обележуваат Македонија како мултиетничка држава. Сметаме дека тоа е добар предлог за конечно решение, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција одговарајќи на прашање какви се очекувањата од средбата во Њујорк.

Грчката страна, пак, го отфрли предлогот и јасно стави до знаење дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот - предлози од Нимиц. Премиерот Алексис Ципрас од грчкиот Парламент, одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, во врска со името „Република Илинденска Македонија“, како што јави дописничката на МИА од Атина, на Мицотакис му возврати дека владата јасно и навремено излегла со став, а лично тој се стремел кон што е можно побрзо информирање.

- Од Софија, пред да се вратам, во моите изјави на прес - конференцијата реков дека, и покрај напредокот, уште имаме пат да поминеме за да имаме договор, но и дека приоритет за нас, за грчката страна, е обезбедување ерга омнес и уставна ревизија, и како што видовте за ова прашање имавме важен напредок. Господинот Заев е првиот премиер од соседот што јавно ја прифати оваа перспектива за сложено име, ерга омнес со уставна ревизија. Ова го немате до сега видено во период кога вашата партија се наоѓаше во влади што преговараа, како што и немаме досега видено да се врши толку голем притисок врз опозицијата на соседната земја, рече грчкиот премиер.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, кој деновиве се наоѓа во посета на САД, на брифинг со грчките дописници изјави дека американската администрација не врши притисок, туку се интересира за решение кон кое водат преговорите за името и кои се потешките точки.

Коѕијас во Вашингтон се сретнал со советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џон Болтон, со новиот американски државен секретар Мајк Помпео, како и со помошникот државен секретар Вес Мичел.

- Во скопското прашање немаме никаков притисок, ниту некој има намера да не притиска. Никогаш нема да дозволиме да нѐ притискаат. Но, многу се интересираат за решение и се обидуваат да разберат каде се наоѓаат преговорите и кои се тешките точки, рече Коѕијас и додаде дека искуството покажало дека кога се преземаат иницијативи, тогаш никој не може да се меша.

Тој, воедно, потенцираше дека во однос на Скопје е во континуирана консултација и соработка со грчкиот премиер со кој имаат совпаѓање на ставовите.

Охрабрување за постигнување решение за името дојде и од меѓународната заедница, која заинтересирано ги следи преговорите. Вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер вчера во Скопје, на средба со премиерот Заев, јасно ја реафирмирал поддршката на Вашингтон кон процесите кои ги реализира Владата за интеграција во НАТО и во ЕУ и ја повторил искрената определба, како и поддршка на САД кон Република Македонија и кон Република Грција со цел да се реализира позитивен резултат од разговорите за спорот со името.

Германската канцеларка Ангела Меркел, завчера телефонски разговарала со премиерите на двете земји. Во разговорот со Заев таа дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот околу името. Меркел истиот ден телефонски разговарала и со грчкиот премиер Ципрас. Телефонските разговори со двајцата премиери ги потврдија од Кабинетот на Меркел, но без повеќе детали.

Париз, исто така, порача дека ги поддржува напорите на двете земји за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за името. - Во периодот кога разговорите се во многу напредна фаза, Франција ги охрабрува властите на двете држави да ја задржат својата решителност за склучување на долгоочекуваниот договор. Ова е во интерес на двете земји, на регионот и на Европа, се наведува во изјавата на портпаролот на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Ањес фон дер Мил, соопштија од француската Амбасада. .

Опцијата Република Илинденска Македонија беше издвоена како најприфатлива на преговорите меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, што се водеа минатата недела на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Крводарителска акција во Уставниот суд по повод 60 години од своето постоење

Под мотото „Биди хуман - спаси живот” Уставниот суд организира крводарителска акција што ќе се одржи на 30 април, во периодот од 9 до 14 часот, во просториите на Судот. 

-Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење. Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени околу 30 дарители од Уставниот суд, соопштија од Судот.

Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд, како што е наведено во соопштението, изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.

Првата персонализирана mRNK вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите, се тестира врз пациенти во Велика Британија.

Таа вакцина функционира така што го поттикнува телото да ги бара и уништува клетките на ракот за да спречи враќање на смртоносната болест, а може да се прилагоди на секој човек за само неколку недели, пишува „Индипендент“.

Според весникот, втората фаза од испитувањето на вакцината, во чие производство учествувале фармацевтските гиганти „Модерна“ и „МСД“, покажала значително намалување на ризикот од повторување на ракот кај пациентите со меланом.

Сега е покрената финалната фаза на трите испитувања, кои ги предводи Универзитетската колеџ болница во Лондон (UCLH).

Д-р Хедер Шо, координатор на испитувањето, рече дека вакцината има потенцијал да излечи луѓе со меланом и дека се тестира за други видови на рак.

Новата вакцина има за цел да го поттикне имунолошкиот систем да се бори со специфичен тип на рак.

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита

Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права.

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

-Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, активно ги спроведуваме проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост, информира Комората.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеле неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа.

-Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia - македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат, истакнува МАСИТ.

притисни ентер