Македонските кошаркари подготвени да му се реваншираат на Косово

Кошаркарската репрезентација на Македонија е пред голем испит. Црвено-жолтите ќе мораат да забележат победа најмалку во вечерашниот дуел против Косово, а најверојатно и против Естонија.
По двата порази од Косово на гости и Естонија на домашен терен кошаркарската репрезентација на Македонија е пред тешка задача во претквалификациите за Светското првенство што следната година ќе се одржи во Кина.

Избраниците на селекторот Давитков немаат друга опција освен да остварат победи во дуелите против Косово утре и против Естонија закажан за 16 август и тоа со најмалку 5 поени разлика.

Доколку сакаме сами да решаваме за нашата судбина, црвено-жолтите само со две победи сигурно ќе ги минат претквалификациите. Само на тој начин нема да стравуваме од исходот од последниот меч во Ц групата во кој Косово на домашен терен ќе игра против Естонија.

Македонските кошаркари имаа доволно време по мечот со Естонците да ги корегираат слабостите кои се провлекуваа во првите два меча, и конечно да ја прикажат играта која сите ја очекуваат, а која ќе биде доволна да се израдуваме на првата победа.

Дуелот Македонија – Косово ќе се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20:30 часот.

Како што завчера објави Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за овој натпревар со Косово, нема да бидат пуштени во продажба билети и тоа од безбедносни причини, па истиот ќе може да го следат само оние кои претходно имаа обезбедено блок карти за двата претквалификациски натпревари. /МИА

Претставени маскотите за Олимписките игри во Токио 2020

Организаторите на Летните олимписките игри во Токио 2020 ги претставија официјалните маскоти.

По анкетата спроведена во основните училишта во Јапонија, учениците одлучија тие да се викаат Мираитова и Сомеити.

Станува збор за ликови со футуристички изглед, кои според организаторот се комбинација на традицијата и иновацијата.

Маскотите ги изработи јапонскиот уметник Рио Танигучи.

Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 24 јули до 9 август 2020 година./МИА

Хамилтон победи во Германија, Фетел не ја заврши трката

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победи на трката за Големата награда на Германија, откако најдобро се снајде во променливите услови на патеката.

Актуелниот шампион на патеката „Хокенхајм“ стартуваше дури од 14-та позиција, но сепак успеа да стигне до 66-та победа во кариерата.

Второто место го освои неговиот клупски колега Валери Ботас, а трет заврши Кими Раиконен од Ферари.

Главниот конкурент Себастијан Фетел од Ферари, кој важеше за фаворит и тргна од пол-позицијата, сепак по 52 круга водство излета од патеката и ја заврши трката.

Хамилтон со оваа победа е прв во генералниот пласман и има 188 бодови, а Фетел е втората позиција со 171 бод./МИА

Иниеста дебитираше со пораз на Висел Кобе

Андрес Иниеста дебитираше во јапонскиот шампионат, но неговиот клуб Висел Кобе на домашен терен претрпе убедлив пораз од 0:3 од Шонан.

Иниеста влезе во игра во 59-та минута при резултат 0:2, но не успеа да внесе промена во лошата игра на неговите соиграчи и до крајот на натпреварот примија уште еден гол.

Дебито на шпанскиот фудбалер беше поздравено од присутните гледачи во Кобе со стоечки овации. /МИА

притисни ентер