Македонија втора на турнирот во Нант

Машката ракометна репрезентација на Македонија го освои второто место на турнирот во Нант, откако вечерва во финалето загуби од домаќинот Франција со 30:20 (18:8). Европскиот и олимписки шампион Франција беше убедлив во првиот дел од натпреварот кога ја направи и предноста, додека во вториот дел македонските ракометари беа рамноправни и резултатски заврши (12:12).
По водството на Македонија од 2:1, Франција имаше серија од 7:0 за водство од 8:2, кое постојано го зголемуваше и највисоката предност во првото полувреме беше онаа од крајот +10 (18:8).

Во вториот дел „триколорите“ во два наврати имаа и +12 (24:12; 25:13), а до крајот на дуелот Македонија успеа со серија да ја намали предноста на домашните ракометари.

Кирил Лазаров со осум голови беше најефикасен на финалето, а Петар Ангелов во вториот дел имаше осум одбрани.

Во натпреварот за 3. место на турнирот Аргентина го победи Алжир со 21:20.

Репрезентацијата на Македонија утре од Франција заминува за Катар. 

СП 2018: Се запали авионот на Саудиска Арабија

Авион во кој се наоѓаше експедицијата на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија се запали на нивното патување кон Ростов.

Пламен се појави на едно крило, но за среќа авионот слета безбедно во Ростов и трагедијата беше избегната. Огнот беше предизвикан од технички проблем со моторот на рускиот Ербас.

Од раководството на Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија потврдија дека никој не е повреден и дека фудбалерите и стручниот штаб се безбедни.

- Фудбалската федерација на Саудиска Арабија сака да ве увери дека членовите на репрезентацијата се апсолутно безбедни по малиот дефект на моторот на авионот, се вели во соопштението.  /МИА

СП 2018: Кејн во финишот и донесе победа на Англија против Тунис

 Англија со гол во судиското надополнување го совлада Тунис со 2:1 во вториот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Англичаните во првиот дел ја оправдаа фаворитската улога и доминираа на теренот, при тоа имаа неколку сериозни шанси за погодок.

Англија со голот на Хари Кејн во 18-та минута поведе со 1:0. Меѓутоа, Тунис иако потешко доаѓаше до контрола на топката успеа во 35 минута со гол од пенал, кој успешно го реализираше Ферјани Саси, да израмни на 1:1.

Англиската репрезентација и во вториот дел продолжи со притисокот врз голот на Тунис, но изостануваше реализација се до 91-та минута кога Кејн повторно беше прецизен и донесе победа од 2:1.

Во првиот натпревар од оваа група Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0. 

СП 2018: Белгија убедливо ја совлада Панама

Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0 во првиот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Белгиската репрезентација доминираше на теренот во текот на целиот натпревар и без поголеми проблеми дојде до победа.

Првиот гол во 47 минута го постигна Дрис Мертенс, а потоа Ромелу Лукаку прво во 68 минута зголеми на 2:0, а седум минути подоцна беше прецизен за конечни 3:0.

Во вториот натпревар од оваа група во Волгоград ќе се соочат Англија и Тунис. /МИА

притисни ентер