Грчката позиција се појасна - ерга омнес и промена на Уставот

Сложено име за внатрешна и надворешна употреба и промена на македонскиот Устав е позицијата, која се погласно се споменува од грчката страна во преговорите за името со Македонија, кои и натаму се во фокусот на грчките медиуми.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос ја повтори грчката позиција - сложено име, кое ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба.

- Тоа значи дека не може да биде поинаку од промена на уставното име на соседот и ова, сметаме дека е рамката во која би можело да се најде токму ова заемно прифатливо решение, рече Ѕанакопулос, пренесува МИА.

Заменик-министер за поморство на Грција, Нектариос Санторињос ги повтори грчките позиции за сложено ерга омнес име, објаснувајќи дека „не може да го смениш името за севкупна употреба и за во внатрешноста на земјата, ако не го смениш Уставот“.

Според лидерот на партијата Сојуз на централисти, Василис Левандис, пак, Грција го има загубено спорот со името, со самото тоа што разговара за сложено име со вклучен терминот Македонија.

Левендис, кој е против името Македонија, завчера се сретна со американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат, по што истакна дека Американците се категорични дека ова прашање е завршено.

Дел од медиумните во Атина коментираа дека нацрт спогодбата од грчката страна е подготвена и ќе биде презентирана во Виена, а дел, сѐ уште се работи на неа, а Коѕијас на Димитров ќе му ја претстави во Скопје при патувањето со директен лет од Атина, веднаш штом и во пракса се промени името на скопскиот аеродром. Коѕијас, говорејќи за државната ТВ ЕРТ пред две седмици, рече дека нацрт спогодбата ќе биде готова кон средината на февруари.

Во меѓувреме вчера со интересна идеја излезе градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, кој рече дека треба да се размисли за промена на имињата на аеродромот и автобуската станица во Солун, кои го носат името „Македонија“. Како опција за аеродромот го даде името на познатиот грчки кошаркар Никос Галис.

Неговата изјава предизвика бура реакции во грчката јавност. Санторињос напомена дека предлогот на Бутарис не влегува во плановите на грчката Влада, а опозициската Нова демократија му порача да им ја остави дипломатијата на дипломатите.

Бутарис подоцна на вонредна прес-конференција појасни дека неговата изјава била погрешно протолкувана .

- Не предложив, не предлагам и нема да предложам промена на името, едноставно ја изразив мојата загриженост. Она што го кажав и не го одрекувам е дека во ова прашање имаме загубено, 130-150 земји, колку и да се, ја имаат признато земјата под името Македонија. И ние, за жал, со одговорност на грчките влади во последните 25 години, имаме загубено. И ова треба да не загрижува, рече Бутарис на вонредната прес-конференција за медиумите во Солун. /МИА

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

притисни ентер