МВР : забрана за тешки товарни возила на „Пресека“, „Буково“ и кон граничниот премин „Ќафасан“

МВР со предупредување за возачите и забраната за тешки товарни возила .

Поради обилните снежни врнежи на подрачјето, СВР Охрид презема засилени мерки за безбедност и контрола на сообраќајот и спроведува мерки за забрана на движење на тешки товарни возила кон планинските премини „Пресека“, „Буково“ и кон граничниот премин „Ќафасан“. Напоменуваме дека забрана за движење кон планинскиот превој „Буково“ важи и за патничките моторни возила.

Во таа насока, полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, поставија сообраќајни контролни пунктови кај „Подмолје“ на магистралниот пат Охрид-Кичево и кај „Емо“ во близина на селото Косел на магистралниот пат Охрид-Ресен. На овие патни правци не се дозволува движење на тешки товарни возила а посебно напоменуваме дека забраната за движење се однесува и на патничките моторни возила.

Поради тоа, а со цел избегнување на несакани последици, апелираме на исклучива нужност во користењето на патничките автомобили а кон споманите патни правци и целосно почитување на важечките забрани за движење на тешките и други моторни возила и секако почитување на инструкциите и насоките на полициските службеници кои се на терен.

Воедно, потсетуваме дека за сите моторни возила неопходно е носење и користење на зимската опрема., предупредуваат од МВР.

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

притисни ентер