Романот „Десет илјади љубовници“ објавен на македонски јазик

Издавачката куќа „Бата прес“ го објави романот „Десет илјади љубовници“ од познатата канадско-израелска писателка Едит Равел.

Станува збор за тажни, драматични и трагични љубовни приказни што се одвиваат во различни места во Израел, Лондон, Канада, САД и во различни периоди во втората половина на дваесеттиот век. Во заднината на љубовната приказна се отсликуваат времиња и места преполни со војни, тероризам, мачења, шпионажа, диктатура..

Главниот лик, Лили, е млада студентка која се вратила од Канада и ги истражува јазикот, убавините и ужасите на родната земја. Таму го запознава човекот од своите соништа. Поранешниот актер Ами е згоден, интелигентен и возбудлив. Тој, како и неговата преубава земја, е под притисок и има една тешка професија: тој е воен иследник. Додека љубовта на Лили и Ами неочекувано цвета, над неа се надвива сѐ потемна сенка – проблемот што го наметнува работата на Ами.

Дејствието во романот „Десет илјади љубовници“ во најголем дел се случува во Израел и е позадина за универзалната приказна за страста, страдањето и чудесната моќ на љубовта. Комплексноста на приказната се продлабочува со тоа што љубовта и трагичните настани се случуваат меѓу млади луѓе од различни држави, професии, вери, па и различни етнички заедници во една земја.

„Храбар прв роман, се чита без здив... На прв поглед едноставните и непосредни реченици на Равел често одекнуваат со бројни значења, можности и иронија, маѓепсуваат и продираат...“, пишува за романот GlobeandMail, од Торонто.

Едит Равел е израелско – канадска авторка, родена 1955 година во Израел, а на седумгодишна возраст нејзиното семејство се сели во Монтреал. Во Израел студирала англиски јазик и книжевност, а по докторските студии за еврејскиот јазик и креативно пишување има предавано на три факултети во Канада. За автобиографскиот роман „Десет илјади љубовници“ има добиено голем број награди во Канада, Израел и Велика Британија...
Романот од англиски на македонски го преведе Љубомир Шикоски и е објавен во едицијата на популарни бестселери „Книга достапна секому“. 

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер