Трајановски во Атина

Управувањето со големите градови е сложен процес, особено ако се работи за главен град. Управувањето станува уште покомплицирано кога развојот на Градот треба да се обезбеди во моменти кога светот ја преживува една од најголемите економски и финансиски кризи кои ги памети човештвото, истакна градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во Атина.

Трајановски денеска во главниот град на Грција учествува на 15. Конференција на Унијата на главни градови на земјите на Централна и Југоисточна Европа, јави дописникот на МИА од Атина.

Скопскиот градоначалник во својот говор нагласи дека со неговиот тим започна многу стратешки проекти за град Скопје кои се резултат на барањата на граѓаните и потребите на еден главен град.

- Нивните барања беа пред се насочени кон подигање на свеста за јавната чистота, заштитата на околината, јавниот превоз и мобилноста на граѓаните преку развој на сообраќајот и сообраќајната инфраструктура. Почитувајки ги овие барања Градот Скопје ги реализираше капиталните проекти на воведување центар за автоматско управување на сообраќајот, реконструкција на сообраќајната инфраструктура, осовременување на јавниот превоз, јавната хигиена и многу други проекти, потсети Трајановски.

Градоначалникот подвлече дека локалната власт е како двонасочен булевар – треба да се обезбеди двонасочна комуникација, да се познаваат проблемите и на најмалата единица од територијалната организација, на речиси секоја група која застапува одредени интереси, да се примаат „сигналите“ дадени од граѓаните.

- Оваа задача, односно овој „празен простор“ помеѓу индивидуата и локалната власт, беспрекорно ја извршува невладиниот сектор, односно граѓанските здруженија и во поново време неформалните групи. Проблемот со кој се соочуваат младите демократии е како да го раздвижат овој дел од „булеварот“... или како што тоа пред многу години го кажа Аби Хофман „ Демократијата не е нешто во кое веруваш или е место каде можеш да ја закачиш шапката, туку тоа што ти го правиш. Твоето учество. Ако престанеш да го правиш тоа, демократијата ќе се урне, нагласи Трајановски.

Тој потсети дека Градот Скопје пред осум години во својата организација го формира одделението за соработка со невладиниот сектор и граѓанските здруженија. За неполна година, во соработка со невладините организации на територија на Град Скопје изработена е првата стратегија на Градот за соработка со невладините организации, а оваа година Советот на Град Скопје ја усвои втората стратегија за периодот 2013-2017 година. Трајановски информира дека соработката помеѓу Градот и невладиниот сектор е на завидно ниво. Од буџетот на Градот се издвојуваат средства за кофинансирање на проекти и манифестации, отворена е интернет страница НВО Порта која е специјализирана за информации од доменот на интерес за невладините организации, отворен е Центар на невладините организации, кој бесплатно е на располагање за одржување конференции, семинари и состаноци, и еднаш месечно се организира отворен ден со цел градоначалникот да ги слушне предлозите на граѓаните.

- Сепак, ова е само еден дел од соработката со невладиниот сектор, нашата мисија е Скопје да го направиме социјално одговорен град, каде акцентот е ставен на ранливите групи, на лицата со посебни потреби, на бездомниците, на старите и изнемоштени лица... и на ова поле имаме направено многу, благодарејќи на иницијативите кои произлегоа од невладиниот сектор, рече Трајановски и наброја неколку реализирани проекти, меѓу кои и бесплатен превоз за хендикепирани лица, дневни центри за ресоцијализација на лица корисници на дрога, советувалишта за превенција од дрога, прифатилиште за бездомници, дневен центар за лица со интелектуална попреченост и дневни центри за стари лица.

Градоначалникот на Скопје истакна дека, кога станува збор за визија, како да се унапреди оваа двострана интеракција, произлезе оти можеби најголемиот проблем е во брзиот проток на информации, навременото известување за дневните случувања, на настаните што се случуваат како во заедницата така и во администрацијата. Тој информира дека постојат планови за покренување на интернет платформа која не само што ќе ја олесни комуникацијата, туку ќе биде платформа која ќе овозможи навремени интервенции, изготвување анализи, одржување на е-форум и други погодности, која ќе ја издигне оваа соработка на повиско квалитативно ниво.

- Градот Скопје е сосема свесен какви се придобивки има од соработката со невладиниот сектор: вклученоста на граѓаните во најнепосредни процеси на креирање локални политики, подобрување на квалитетот на животот како кај ранливите категории така и на сите жители, економски поисплатливи услуги отколку тоа да го прави администрацијата, нови свежи идеи и авангардност... и затоа, оваа администрација на Град Скопје никогаш нема да престане да трага по модели за поширока и поквалитетна соработка со граѓанскиот сектор и неформалните групи, бидејќи во крајна линија сите сме корисници на граѓанската иницијативност, заклучи на крајот од својот говор градоначалникот Трајановски.

На конференцијата во Атина учествуваат градоначалници и високи претставници на градот домаќин, Белград, Букурешт, Будимпешта, Братислава, Киев, Љубљана, Никозија, Подгорица, Сараево, Софија, Тирана, Виена и Загреб, како и претставници на неколку меѓународни организации. Учесниците дискутираат на две теми: улогата на граѓанското општество во решавање на итните потреби во модерните метрополи и предизвиците на урбаниот туризам предизвикани од економската криза.

Собирот го отвори актуелниот министер за одбрана Димитрис Аврамопулос, кој всушност е основач на Унија на главни градови на земјите на Централна и Југоисточна Европа.

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

притисни ентер