Оваа одлука Жерновски ја донел во договор со премиерот Зоран Заев кој му понудил висока раководна функција во извршна власт во замена за поддршка на кандидатот на СДСМ за Центар.

Која функција ќе ја извршува, Жерновски вели се уште не е дефинирано. По оваа одлука, тој целосно ја напушта и ЛДП и станува член на СДСМ.
Повлекувањето на кандидатурата го објави синоќа премиерот Зоран Заев кој рече дека Жерновски ќе премине во извршната власт и ќе биде нов член на Централниот одбор на СДСМ . За кандидат за Центар, СДСМ бираат меѓу Саша Богдановиќ, актуелниот директор на Паркинзи на општина Центар и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Од ВМРО ДПМНЕ се уште не го откриваат својот адут за Центар, иако се споменуваа имињата на советникот Томислав Лазаров и пратеничката Даниела Рангелова. Од опозициската партија досега официјализираа неколку имиња на кандидати за скопските општини меѓу кои на Аеродром и Ѓорче Петров, Ивица Коневски и Владо Мисајловски. За Град Скопје социјалдемократите објавија дека Петре Шилегов ќе влезе во трката за прв човек на главниот град, додека како кандидат на ВМРО ДПМНЕ е сосема извесен актуелниот градоначалник Коце Трајановски. Свој кандидат за Скопје ќе има и Движењето БЕСА, додека ДУИ најверојатно ќе одат со поддршка за Шилегов.  Рокот за кандидирање истекува утре на полноќ, а изборната кампања почнува за десетина дена. 


Датум на објава: среда, 13 септември 2017 во 10:24
Јулијана Николовска
Обновено во: 14:53

коментари

остави коментар