Од ССМ препорачуваат посебна грижа да се води за работните места на отворен простор, односно за градежни работници, земјоделци, градинари, работници во сообраќај, работници кои изведуваат теренска работа, продавачи на отворени пазари, пожарникари, полицајци, војници...

Неопходна е грижа, додаваат, и за сите работни места кои не се климатизирани и каде што има експозиција на високи температури и топлинско зрачење.

- Сите работници кои работат во услови на изложеност на високи температури, се изложени на топлински стрес, кој се дефинира како физичка и физиолошка реакција на работникот на температурата на која е изложен на неговото работно место. Работодавачот не може да влијае на надворешните фактори како што се соларно зрачење, температура и влажност на воздухот, но може со соодветна примена на правилата на заштита на работа, во голема мерка да го избегне или намали ризикот од топлинскиот стрес, велат од ССМ.

Во услови на топлотни бранови, потсетуваат, доктор специјалист по медицина на трудот, покрај редовните превентивни медицински прегледи, може да спроведе и вонредни прегледи на вулнерабилни групи работници: работници со понапредната возраст, работници со зголемена телесна тежина, бремени работнички, хронично болни (кардиоваскуларни, метаболни, респираторни, бубрежни, хепатални, гастроинтестинални и ЦНС заболувања).

ССМ на работодавачите им препорачува да направат проверка на техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и по можност климатизација), контрола на микроклиматските параметри, да обезбедат минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште” (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата), да направат промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците и сл.), да се избегнува работа на отворено за време на најтоплиот период на денот (11-17 часот) или нејзино редуцирање.

Од работодавачите бараат и редуцирање на тешката физичка работа, почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простори и доволно разладени течности за пиење, смалување на интензитетот на работата и нормите во производството, избегнување на прекувремената работа, прекин на работата при потреба, поттикнување на самопријавувањето на симптомите кај вработените, обезбедување адекватни лични заштитни средства.

Посебно препорачуваат внимателност со вулнерабилните вработени и нивно прераспределување (оние што не се во добра физичка кондиција да бидат преместени на полесни работни места), запознавање на работниците со ризикот на работното место од високи температури, можните штетни ефекти по здравјето, како и со мерките за работа на безбеден начин.

- Неопходно е и запознавање на вработените со процесот на аклиматизација или адаптирање на организмот на високи температури кој делумно се постигнува за 7 дена, а комплетно за 20 дена (што треба да се има предвид при вклучување на неаклиматизиран работник во работниот процес), предупредување на вработените за зголемената опасност од несреќи при работа (пожари). Посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација, велат од ССМ.

На вработените им препорачуваат да имаат правилен режим на исхрана со доволно минерали, белковини, витамини, повеќе овошје, зеленчук, без многу масти, лесен оброк пред работа, дополнителен оброк во текот на работата, а најобилен и енергетски најсилен оброк по завршената работа. Се препорачува и пиење течности, 2 литри вода минимум дневно, додека при услови на големи горештини се препорачува земање 1 чаша вода на секои 20 минути, да не се користат напитоци со алкохол и кофеин (заради опасност од дехидратација), а при засилено потење и интензивна физичка активност да се пие минерална вода (со јаглендвеоксид и електролити) поради можен губиток не само на течности, туку и на електролити.

Од вработените бараат да земаат лекови само во консултација со својот доктор, да имаат соодветен режим на одмор со кратки паузи во текот на работата, доволно спиење дома, намалување на интензитетот на физичките активности, туширање и разладување. На работа на отворено, во услови на изложеност на сончеви зраци да се користат креми за сончање со заштитетн фактор (30 и повеќе), користење на лични заштитни средства, работната облека од лесна порозна ткаенина (од природни влакна, светла боја, памук, лен), а при работа на отворен простор - очила и капи и шешири со доволно голем обод за заштита на глава. Отстранување на облека која го смалува потењето и менување на облеката при значајно потење.

За прва помош на работното место, велат од ССМ, неопходно е препозанавање на симптоми за топлотно исцрпување или топлотен удар (исцрпеност, слабост, замор, главоболки, несвестица, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии, шок), самопријавување на симптомите, грижа за колегите (будност за појава на симптоми), оние кои што имаат симптоми не смее да се дозволи да одат дома додека не се стабилизираат (најголемиот број на смртни случаи од топлотен удар се случуваат на пат за дома).

- Работник кој има здравствени тешкотии поради изложеност на висока температура, веднаш треба да се тргне во „засолниште“ - климатизирана или разладена просторија или доколку нема друга можност-под сенка. Потребно е работникот да се разлади со отстранување вишок облека, лесно полевање или прскање со вода собна температура), разладување (ако има) со вентилатор, ставање влажни облоги на глава (чело, околу врат). Доколку работникот е свесен, треба се стави во легната положба на грб, со кревање нозе на повисоко и давање што повеќе течности да пие. Доколку не е при свеста, работникот се врти во бочна положба и веднаш се бара итна медицинска помош со повик 194, која ќе обезбеди професионална медицинска помош и по потреба транспорт во соодветна медицинска установа, посочуваат од ССМ и нагласуваат дека сите неопходни информации за заштита од топлотни бранови може да се добијат на бесплатниот с.о.с. број 02 / 32 21 902, секој работен ден од 10 до 18 часот. 

Датум на објава: четврток, 16 јуни 2016 во 14:29
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар