Вака гласи заклучокот на денешното отворање на рекордниот 16-ти циклус на Акцискиот план за членство (МАП) на Македонија во НАТО, што тројца државни секретари од нашата земја им го претставија на заменик-шефовите на Постојаните мисии на земјите-сојузници на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, државните секретари Сашо Стефаноски во Министерството за одбрана, Елена Кузмановска во Министерството за надворешни работи и Беким Алими во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, ја презентираа годишната национална програма за 2015 година на Република Македонија за пристапување во НАТО. Притоа, според Кузмановска, биле поздравени досегашните македонски учества во мисиите на НАТО, како и учествата во следните мисии.

- Ги презентиравме реформските процеси во Република Македонија што се предвидени во Националната програма за следниот период за што добивме силно охрабрување од страна на сите претставници во спроведувањето на реформите, посочи Кузмановска.

Таа истакна дека во заклучоците од денешниот состанок, секаде е констатирано дека единствена пречка што останува за членство на Република Македонија во НАТО, останува само решавањето на спорот со името.

- Притоа, добивме искрени желби и надежи од претставниците на сите земји дека оваа пречка во блиска иднина ќе биде отстранета, вели Кузмановска.

Според секретарот на македонското МО Стефаноски, пак, нашата делагација потврдила дека членството во НАТО останува највисок стратешки приоритет за Владата на Република Македонија и оти земјата се гледа во иднина како дел од Северно-атлантското семејство.

- Денеска го отворивме 16-тиот циклус од Акцискиот план за членство во Алијансата, што е своевиден рекорд оти од страна на присутните на денешниот состанок беа потврдени реформските процеси што Република Македонија ги прави во одбраната и беше признато се што е направено како подобрување на состојбите и кревање на капацитетите на Армија, со цел да биде компатибилна со НАТО-армиите, потенцира Сашо Стефаноски.

Според државниот секретар во МО, било потенцирано и дека Република Македонија со највисок степен на НАТО има сертифицирано две армиски единици што се апсолутно компатибилни со единиците на Алијансата и дека, за жал, единствена пречка за членство на Република Македонија во НАТО е нерешениот наметнат спор за името од страна на Република Грција.

- Од наша страна беше потенцирано дека НАТО има незавршена работа во регионот, бидејќи само со членството на Република Македонија во НАТО, Алијансата би го стабилизирал регионот и срцето на Балканот, конечно би станало стабилно подрачје и би извезувало мир и стабилност и во другите региони, додава Стефаноски.

Македонската делегација, на претставниците на земјите-сојузници на НАТО, исто така, денеска им потенцирале дека стратешка определба на Република Македонија е  учество во мировните на Алијансата и уште еднаш е потврдено дека нашата држава ќе биде дел од мисијата за стабилизација на Авганистан, која започнува од 2015 година, а е наречена „Одлучна поддршка”, каде Македонија ќе учествува со свои војници.

Беким Алими, државен секретар во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, додава дека сите земји-членки на НАТО ја охрабриле нашата земја да продолжи со имплементација на Рамковниот договор и изразиле надеж дека за кус период, дали во 2015 година или наскоро, земјата ќе стане членка на НАТО, со обврска да продолжи со имплементација на Договорот од Охрид.

Датум на објава: четврток, 27 ноември 2014 во 14:25
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар