Министерството за здравство на Полска, која е една од земјите со најмала стапка на наталитет во Европа, го снимило и финансирало видеото, кое ги слави цицачите за тоа што остваруваат големо потомство.

Видеото на Јутјуб, кое во меѓувреме беше отстрането поради критиките, прикажува зајаци кои јадат марула и моркови, додека зајак „наратор“ ги открива тајните на големите семејства – вежбање, здрава исхрана и малку стрес.

Краткото појавување на пар – маж и жена кои уживаат на романтичен пикник, сугерира дека за тоа ќе помогне малку романтика, а превртената чаша за вино праќа порака дека алкохолот е лош, пишува Гардијан.

„Ако сакате да бидете родител, следете го примерот на зајаците“, е пораката на рекламата.

Тоа е последниот чекор на конзервативната влада во претежно католичката држава со 38 милиони жители, во обид да го намали падот на популацијата. Бројките на ЕУ покажуваат дека наталитетот на Полска бил 1,32 по жена во 2015. Само Португалија има пониска стапка на наталитет, а бројките во Шпанија и Грција се ниски како во Полска.

Министерството за здравство објави дека сакале само да ги советуваат младите од 18 до 45 години да живеат здраво, за да им се подобри репродуктивното здравје.

Додаде и дека сакале да ја зголемат свесноста за проблемот со нискиот наталитет на начин кој „нема да навреди никого и не е вулгарен“.

Датум на објава: четврток, 09 ноември 2017 во 19:55
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар