Ракометната федерација ќе добие 5,2 милиони денари Македонската кошаркарска федерација и Фудбалската федерација на Македонија ќе добијат четири милиони денари, додека додека Карате федерацијата ќе добие 1,5 милиони денари.

Директорот на АМС, Марјан Спасески на денешната прес-конференција потенцираше дека преку измените во Законот за игрите на среќа и за забавните игри се овозможија нови стабилни извори за финансирање на спортските федерации.

- Денеска склучуваме договор со Ракометната федерација во износ од 5.2 милиони денари, со Кошаркарската федерација во износ од 4 милиони денари, со Фудбалската федерација за настап на младите фудбалери на ЕП во Полска во износ од 4 милиони денари и со Карате федерацијата во износ од 1.5 милиони денари, за нивните настапи на меѓународните натпревари, но и за организација на меѓународните натпреварувања, чиј домаќин ќе биде Република Македонија, рече Спасески и информираше дека само досега преку овој нов извор на финансирање се поддржани 42 национални спортски федерации со вкупно 52.5 милиони денари.

Во изминатиот период се склучија и Договори за распределба на редовните буџетски средства на вкупно 44 национални спортски федерации, кои ги исполниле законските услови и имале навремена и уредна апликација, а вкупната сума на доделени средства по двата основи, односно од редовните буџетски средства и од Игрите на среќа досега се доделени вкупно 91 милион денари на 50 национални спортски федерации.

- На овој начин, убеден сум дека ќе придонесеме кон подобрување на функционирањето на спортските федерации, подобрување на резултатите на нашите селекции и секако подигнување на квалитетот на спортскиот систем во нашата земја. Новите дополнителни приходи за спортските федерации треба да бидат мотив повеќе за нивно максимално ангажирање во спортот и создавање функционален и ефективен систем, истакна Спасески.
Задоволство од новите средства изрази и генералниот секретар на Карате федерацијата на Македонија, Зоран Ѓорѓевски кој потсети на одличните резултати на нашите каратисти на неодамна завршеното ЕП во Турција и искажа благодарност за поддршката што Македонската карате федерација ја добива од Агенцијата за млади и спорт.

- АМС го препозна квалитетот на каратистите и ваквата поддршка резултираше со врвни резултати на меѓународните натпревари, а убеден сум дека Македонското карате ќе има резултати и на Олимпијадата во Токио, нагласи Ѓорѓевски.

Инаку, со оваа распределба на средства беа опфатени околу 40 федерации, кои добија околу 25 милиони денари. 

Датум на објава: среда, 17 мај 2017 во 12:38
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар