Се распаѓа сојузот на Москва и Ереван-повлекувањето на руските мировници од Азербејџан е порака

Русија ќе повлече речиси 2.000 мировници од Карабах во Азербејџан, потврди официјален Кремљ во изненадувачка објава, само шест месеци откако мирно го следеа масовниот егзодус на локалното ерменско население!

Како што пренесува Politico.eu, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во видео повик до новинарите ја соопшти веста за повлекувањето на мировниците.

Според договорот за прекин на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија од 2020 година, во регионот беа распоредени вкупно 1.960 руски војници, како и неколку стотици оклопни возила. Нивниот мандат беше да го зачуваат мирот до крајот на 2025 година, но во меѓувреме официјална Москва ги насочи сите расположливи воени ресурси кон Украина.

Планинската област во меѓународно признатите граници на Азербејџан била населена со етнички Ерменци кои, по војната по распадот на СССР, ја основале немеѓународно признатата Република Нагорно-Карабах. Сепак, руската војска не интервенираше кога Азербејџан почна да ги блокира линиите за снабдување во регионот во декември 2022 година, што доведе до хуманитарна криза. Во септември минатата година, руските војници се повлекоа од своите позиции на линијата на поделба меѓу двете страни непосредно пред Азербејџан да започне ненадејна офанзива за преземање целосна контрола врз спорниот регион. Наскоро, речиси сите од околу 100.000 Ерменци го напуштија Нагорно Карабах.

Во декември, Валери Герасимов, рускиот министер за одбрана, рече дека руските мировници ќе продолжат да ја извршуваат својата мировна мисија за враќање на раселените Ерменци во регионот. Сепак, сè уште не е воспоставен механизам за враќање.

Повлекувањето на војниците е логично продолжение на распадот на историскиот сојуз меѓу Москва и Ереван кој траеше со децении. Ерменија неочекувано ја изненади Русија со замрзнување на нејзиното членство во ОДКБ, воен сојуз во кој главниот збор го има Москва и кој ги собира поранешните членки на СССР. Во исто време, Ереван најави свртување кон Запад, одржувајќи заеднички воени вежби со САД. Од Ереван најавија и поголема интеграција кон Европската унија.

Во февруари оваа година, премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, рече дека неговата земја „повеќе не може да се потпира на Русија како главен одбранбен и воен партнер“, бидејќи Москва постојано не успевала, па Ереван мора да размисли за воспоставување поблиски врски со САД и Франција.

ДКСК: Вишиот управен суд ја одби жалбата на АСЈО, приемот на нови слушатели во мирување

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека Вишиот управен суд ја потврдил одлуката во врска со приговорот од организатор на изборна кампања за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. 

- Вишиот Управен суд донесе пресуда со која се одби жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители, со што ја потврди пресудата на Управниот суд, и постапката за прием на 130 нови слушатели во почетна обука ја стави во мирување, се до завршување на изборите. Жалбата е одбиена како неоснована, се наведува во соопштението од ДКСК.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата посочуваат дека за овој предмет и за сите наредни предмети, постапила и ќе постапува врз основа на пропишаните закони и прописи, во насока на зајакнување на владеење на правото, како врвен приоритет кон кој цели државата.

-Оваа одлука на Вишиот Управен суд не охрабрува и ни дава поттик уште попосветено да ја вршиме работата за која ја добивме довербата, истакнуваат од ДКСК. Пресудата е достапна на следниот линк

Управниот суд на 22 април ја отфрли како неоснована тужбата на Академијата за судии и јавни обвинители против Државната комисија за спречување на корупцијата, откако претходно ДКСК расправаше по втор пат и одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите.

Принцот Вилијам проговори за здравствената состојба на Кејт Мидлтон

Принцот Вилијам денеска за време на јавен настан во Њукасл проговори за здравствената состојба на неговата сопруга Кејт Мидлтон, која пред повеќе од еден месец откри дека боледува од рак.

При посетата на принцот на овој град се собраа голем број граѓани кои сакаа да го видат и поздрават идниот крал на Велика Британија.

Меѓу неговите поддржувачи била и Џули Кеј (60), која го прашала принцот како е неговата сопруга и децата.

„Сите се добро, благодарам. Добро ни е“, рекол Вилијам.

Принцот Вилијам полека се враќа на кралските обврски откако направи пауза поради лекувањето на неговата сопруга Кејт Мидлтон.

Двајцата вчера прославија 13 години брак, а на социјалните мрежи објавија приватна фотографија од нивната венчавка.

Кејт во видео минатиот месец откри дека боледува од рак. Во споменатото видео, таа ги замоли луѓето да ѝ дадат време и приватност за време на лекувањето.

Таа исто така им се заблагодари на сите за поддршката за време на нејзиното лекување и за сите пораки што ги добиваше од обожавателите на кралското семејство.

Поранешен шеф на дипломатија доби 32 месеци затвор поради продажба на стан во Монте Карло

Италијанскиот суд го осуди поранешниот министер за надворешни работи на Италија, Џанфранко Фини на две години и осум месеци затвор за неговата улога во продажбата на стан во Монте Карло што неговата партија го продавала.

Елизабета Тулијани, партнерката на Фини, е осудена на пет години затвор, додека нејзиниот брат Џанкарло Тулијани доби шест, а нивниот татко Серџо Тулијани пет години затвор, објави Ројтерс.

Обвинителството го обвини Фини, поранешниот лидер на десничарската Национална алијанса (АН) и другите обвинети за перење пари.

Во коментарите по пресудата, Фини рече дека е ослободен од главното обвинение, но сепак е осуден за авторизирање на договорот, што тој негира дека го сторил.

„После толку разговори, толку расправии и обвинувања, толку политички осуди, за што се сметам себеси за одговорен пред новинарите?

Тој додаде дека причината е што ја одобрил продажбата.

„Навистина не разбирам што е кривичното дело“, нагласи Фини.

Фини, кој беше клучен играч во италијанската политика во 1990-тите и 2000-тите, и сите обвинети ќе се жалат на пресудата и нема да одлежат затворска казна додека жалбите не се исцрпат.

Тој го предводеше крајно десничарското италијанско социјално движење (МСИ) во владата во 1994 година како дел од коалицијата предводена од поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Подоцна ја претвори МСИ во помејнстрим АН и служеше како министер за надворешни работи и шеф на Долниот дом на парламентот.

Актуелната премиерка на Италија, Џорџа Мелони, се искачи низ рангот на MSI и AN под водство на Фини.

Нејзината партија, Браќата од Италија, влече корени од двете партии. Фини има 72 години и повеќе не се занимава со политика.

притисни ентер