Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. 

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите.

Како што информираше денеска Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

- И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, истакнуваат од Централната банка.

Оттаму посочуваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носење на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.

- Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4 проценти на годишно ниво (3 проценти во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата, се наведува во соопштението.

Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесувало 4.287,1 милион евра, што, според Народната банка, е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава, според последните расположливи податоци од надворешниот сектор, е малку повисок од очекувањата со октомврискиот циклус проекции, а остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година и за целата година, како што посочува Народната банка, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март годинава, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата, а од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.

Белорусија ќе настапи на Олимпијадата без знаме и химна- Лукашенко со порака: Претепајте ги

Белорускиот претседател Александар Лукашенко им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимпијадата во Париз под неутрален статус да ги победат своите противници.

„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, претепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко, цитиран во соопштението за медиумите.

За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство. "Спортистот треба да избере. Ако одлучи да учествува на Олимпијадата, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот. Вие сте Белоруси и кога сте победници, тоа е добар начин да ги удриме политички“.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи го мирното масовно движење во 2020 година, нарекувајќи ги „стаорци“.

Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската војска за да може да ја нападне Украина од север. Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.

Огненовски: Обединување со народот, не со партии што учествувале во штетни процеси за државата

„Изборниот законик е криминален, донесен нелегално во Собранието“

Кандидатите што влегоа во втор круг за претседателски избори не се квалитетни, доаѓаат од две криминални и злосторнички здуженија, двете партии 33 години ја уништуваат државата и не работат за добро на народот. Сите политички партии треба да имаат исто право за учество на Претседателските избори, итна промена на законот и да нема лимит дека треба да се соберат десет илјади потписи. Изборниот законик е криминален, донесен нелегално во Собранието. Да се обединиме со народот, не со партиите што учествувале во штетни процеси за државата, за жал такви партии што не учествувале во криминалот се многу малку, рече Јорго Огненовски во Само Вистина.

Мицкоски до Ковачевски: Немаш право да збориш за режим, зашто ако било тоа, ти му аплаудираше

Од народниот митинг во Струмица претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање пред присутните граѓани, меѓу другото, кажа неколку збора и за претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски .

Од народниот митинг во Струмица претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање пред присутните граѓани, меѓу другото, кажа неколку збора и за претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски кој, како што рече, вината за големиот пораз и дебакл на изборите на 24 април ја бара секаде, само не во себе и во своите луѓе.

„Тој секаде и во сите ја бара вината за својот пораз и дебакл само не во себе си и своите луѓе. Многу погрешно потсетува на некои минати времиња, вика и се надвикува на полупразни митинзи дека ќе се врател режимот и не знам уште што. Па сакам да му одговорам. Тој може да се навраќа и за тоа што било пред 10 или 15 години, за тоа што било и пред 50 и сто години, но народот е незадоволен и револтиран затоа што сега лошо живее и затоа што нема пари да си плати сметки за струја, затоа што животниот стандард е уништен“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа што Ковачевски го нарекува режим, Мицкоски го потсети на снимките од пред за време на отворањето на новата зграда на МНТ, каде што тој аплаудираше и се восхитуваше на тоа.

„А што се однесува до тоа што тој го нарекува режим, мислам дека нема право да збори, затоа што ако тоа било режим, тогаш тој му аплаудираше на тоа и се восхитуваше на тоа, што и впрочем го видовме на снимките при отворање на МНТ во Скопје пред петнаесетина години. Па токму тој е измеќар на ДУИ партијата која беше соучесник во сите влади овие 20 години. Како ДУИ не е режим и како таа соработка не му пречеше? Но, Димитар доаѓа време кога треба да се стави крај на таквата лицемерна политика, а тој крај е 8 мај кога народот масовно и во голем број ќе излезе на избори и ќе каже доста е“, порача Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер