Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес

Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард.

„СДСМ се грижи за сите граѓани, особено за пензионерите. Преку конкретни политики обезбедивме економска сигурност и подобрен животен стандард. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50 проценти, обезбедивме континуиран раст на пензиите. Го стабилизиравме Пензинскиот фонд, обезбедивме сигурност“, изјави денеска Јован Митрески, носител во ИЕ 5 од Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ.

Тој додаде дека во време на Ковид кризата пензиите беа исплаќани и предвреме со цел да се заштити здравјето на пензионерите. Во таа насока, нагласи Митрески, зајакнат е здравствениот сикстем, реновирани се повеќе клиники и ургентни центри низ државата, а 80 проценти од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се завршени.

„Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари. Ќе воведеме енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, како и зимски регрес за пензионерите, во износ од 3.000 до 6.000 денари. Највисока поддршка ќе има за пензионерите со пониски пензии“, изјави Митрески и додаде дека ќе се градат и нови домови за стари лица.

Митрески истакна дека ни треба системски пристап, мерки кои се одржливи и кои даваат резултати, а не популистички и наменски решенија, кои само го уриваат системот.

Тој ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ која има План има визија и знае како.

НАТО: Се интензивираат хибридните напади на Русија врз членките на Алијансата

Членките на НАТО се длабоко загрижени поради неодамнешните зголемени злонамерни хибридни напади на Русија на територијата на земјите од Алијансата, кои претставуваат безбедносна закана, соопшти денеска Алијансата.

Тоа, според соопштението објавено на веб-страницата на НАТО, вклучува напади кои резултираа со истрага и обвинение против повеќе лица во врска со непријателски активности кои ги засегаат Чешка, Естонија, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Велика Британија.

НАТО го осуди однесувањето на Русија и ја повика да ги почитува нејзините меѓународни обврски, велејќи дека постапките на Москва нема да ги одвратат членките на Алијансата да продолжат да ја поддржуваат Украина.

Во соопштението се наведува дека овие инциденти се дел од „интензивната кампања на Русија која продолжува да ја спроведува на целата територија на земјите членки на НАТО“.

Се наведува дека овие инциденти вклучуваат саботажа, акти на насилство, кибер и електронско попречување, кампањи за дезинформација и други хибридни операции.

НАТО ја нагласува солидарноста со земјите-членки погодени од руските хибридни напади и истакнува дека ќе дејствува колективно за да ги реши таквите акции.

Се нагласува дека Алијансата ќе продолжи да се спротивставува на руските хибридни напади. /MИА

Папата Фрањо упати честитка до монсињор Стојанов по повод 25-годишниот бискупски јубилеј

25-годишен јубилеј од хиротонијата на Киро Стојанов.

Апостолскиот нунциј во земјава монсињор Лучано Суријани, придружуван од првиот советник во нунцијатурата монсињор Џорџо Кеца, вчера во бискупската резиденција на Водно лично му ја предаде честитката од папата Фрањо на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов по повод неговиот 25-годишен јубилеј од хиротонијата.

- Наполнуваш дваесет и пет години од твојата епископска хиротонија. Ви го честитаме овој јубилеј и пастирската служба која грижливо ја извршуваше. Тоа всушност е служба на постојано проповедање на Евангелието и посветено толкување на христијанската вистина. Преку застапништво на Пресвета Богородица, која се вознесе на небо, Го молиме Господа за ведрина на духот и добро здравје. Исто така упатуваме благослов до Тебе и твоето стадо, со понизна молба да упатувате молитви, па така – зајакнати со верата, надежта и љубовта – посветено да ја извршуваме петровата служба, се наведува во честитката.

Редовната седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во БИХ ќе се одржи на 15 мај

Редовната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Босна и Херцеговина ќе се одржи на 15 мај, соопшти Советот за безбедност на ОН.

Засега не се објавени дневниот ред и времето на одржување на седницата.

На 30 април на барање на Русија се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

Владата на Република Српска претходно до Советот за безбедност на ОН достави извештај за состојбата во БиХ, со посебен осврт на последиците од евентуалното усвојување на резолуцијата за Сребреница, која беше поднесена до Генералното собрание без согласност од сите три конститутивни народи во БиХ.

Редовни седници на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина се одржуваат двапати годишно. /МИА

притисни ентер