Анкета на ИРИ: Западен Балкан го губи трпението поради чекање за влез во ЕУ

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

Земјите од Западен Балкан се строго поделени меѓу Западот и Русија, а некогаш силната поддршка за пристапување во Европската Унија сега се намалува, покажува неодамнешната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Резултатите од анкетата февруари-март, која истражувачката група со седиште во Вашингтон ја спроведе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, доаѓаат во време кога регионот се соочува со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ и пораст на проруски чувства.

Анкетата покажа дека огромно мнозинство во Албанија и Косово сакаат нивните земји да следат недвосмислено проевропска унија и прозападен курс, додека само 10 отсто од испитаниците во Србија го дале истиот одговор.

Мнозинството од анкетираните Срби посочија дека сакаат Србија или да ги задржи врските со Русија или да води проруска надворешна политика.

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

„Генерално, прозападниот тренд во регионот е силен, со неколку забележителни исклучоци“, изјави Пол Мекарти, директор на Меѓународниот републикански институт за Европа, за Гласот на Америка.

„Србија оди спротивно од другите пет земји во регионот; таа е повеќе проруска, го обвинува Западот за конфликтот во Украина, има многу низок рејтинг за приклучување кон Европската Унија“.

Мекарти рече дека прозападните тенденции се омекнати и во Црна Гора и Македонија, и покрај тоа што станаа членки на НАТО, како и во Босна, каде Турција ги замени САД како клучен сојузник на босанските муслимани.

И Србите се против членството во НАТО: само 3 отсто од испитаниците во Србија рекоа дека го поддржуваат.

„Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина е поканета и други земји, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија“, рече Мекарти.

„Поддршката за пристапувањето во ЕУ почнува да омекнува во оние земји каде што беше многу, многу силна“.

Сепак, анкетата на ИРИ покажа дека, со исклучок на Србија, големо мнозинство во петте балкански земји сепак ќе гласаат за пристапување во ЕУ.

Во Србија, 40 отсто од испитаниците во анкетата рекле дека ќе гласаат за членство во ЕУ, додека 34 отсто би гласале против, а 17 отсто нема да гласаат.

Мекарти рече дека анти-ЕУ ставот во Србија ја поттикнува нејзината влада, која ги користи медиумите за да ги охрабри луѓето да ги напуштат надежите за членство во ЕУ и „да ги нагласи односите со странските авторитарни актери како Русија и Кина“.

Геополитичките поделби на Западен Балкан беа очигледни и во анкетата за ставовите на испитаниците кон руската инвазија на Украина.

Анкетата покажа дека 43 отсто од Србите, 27 отсто од Македонците и 25 отсто од Црногорците го обвинуваат Западот за војната меѓу Русија и Украина.

Мнозинството од испитаниците во Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија рекоа дека акциите на Русија во Украина се „донекаде“ или „целосно“ неоправдани, став што го делат 37 отсто од испитаниците во Србија.

Кој се смета за сојузник, а кој за непријател?

Долгогодишните несогласувања и етнички спорови продолжуваат да фрлаат сенка врз Западен Балкан повеќе од три децении откако распадот на Југославија доведе до крвави војни.

Осумдесет и три отсто од Косовците ја гледаат Србија, која ја отфрла независноста на Косово, како закана, додека 68 отсто од Албанците во Албанија ги сметаат Србија и Русија како главна опасност за нивната земја.

Мнозинството во Косово и Албанија ги гледаат САД, кои се заслужни за водењето на 78-дневната интервенција на НАТО во 1998-1999 година за да се запре етничкото чистење на Србија на албанското мнозинство во Косово, како клучен сојузник на нивните земји.

Во Босна, Турција се смета за најголем сојузник, а Србија како најголема закана, додека 34 отсто од Македонците ја гледаат Србија како свој главен сојузник, додека Бугарија, која го блокираше пристапот на Македонија во ЕУ, ја гледаат како нивен главен непријател.

Во Црна Гора, 32 отсто од испитаниците во анкетата на ИРИ ја навеле Србија како најважен сојузник на нивната земја, додека 19 отсто ги навеле САД како најголема закана.

Во Србија, 36 отсто од испитаниците ги навеле САД како главна закана на земјата и Русија како нејзин клучен сојузник. /МИА

Шпанија не дозволи брод со оружје за Израел да се закотви во Картагена

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Албарес истакна дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид да не го извезува своето оружје во Израел од почетокот на војната во Појасот Газа.

- Одбивме да дадеме дозвола за закотвување и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што превезува израелско оружје, а сака да се закотви во шпански пристаништа, посочи Албарес.

Додека шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија.

Јокиќ: Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова

Кошаркарите на Денвер Нагетс го доживеаја најтешкиот пораз во историјата на франшизата кога е во прашање НБА плеј-офот.

Минесота Тимбервулвс го совлада тимот на Колорадо со 115:70 и со тоа го доби седмиот натпревар од полуфиналната серија.

Никола Јокиќ мечот го заврши со 22 поени, девет скока и две асистенции. Сепак, најголем проблем на Денвер е фактот што „двоцифрени“ беа само Арон Гордон (12) и Џамал ​​Мареј (10).

-Мораме да прифатиме дека ова е голем пораз. Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова. Мораме да почитуваме се што направија. И, погледнете, имавме резултат 9-2 на почетокот. Не изгледаше така добро за нив. Од тој момент играта стана еднотимско шоу, изјави Јокиќ по поразот.

Трикратниот МВП истакна и како од почетокот најави интересна серија против Минесота.

-Оваа серија е многу интересна, тоа го кажав и пред почетокот. Секој може да победи како гостин и тоа е она што го гледаме во моментов. Не се појавивме на овој натпревар, тие беа подобри од нас во секој сегмент. Дадовме едвај 70 поени, нивната одбрана беше фантастична. Бројките зборуваат сами за себе, објасни српскиот центар.

Одлучувачки фактор за ваков пораз беше очајниот шут од поле. Нагетс погодија само 30 проценти од нивните удари, што е навистина премногу ниско за плејоф натпревар.

-Покажаа дека се одличен одбранбен тим, тие се најдобрата одбрана во лигата со причина. Имавме свои шанси, но не ги искористивме, рече Јокиќ.

Остин ќе се сретне со Донг во Сингапур

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се очекува да се сретне со кинескиот колега Донг Џун на конференција во Сингапур во текот на овој месец, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименнуван американски официјален претставник.

Тоа ќе биде прва значајна средба меѓу двајцата во изминатите две години, иако Остин и Донг телефонски разговараа минатиот месец.

Во меѓувреме, портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави дека САД веруваат дека Кина ефикасно ја реконструирала руската одбранбена индустриска база, нарекувајќи ја „длабоко проблематична“ и истакнувајќи оти Вашингтон ќе преземе соодветни мерки по ова прашање кога тоа ќе биде неопходно.

Изјавата на Пател уследи по средбата помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, кои најавија „нова ера“ во партнерството меѓу двата најмоќни американски ривали. Тие ги нарекоа САД хегемон од Студената војна што предизвикува хаос низ целиот свет.

притисни ентер