Генералното собрание на ОН повторно ќе расправа за кандидатурата на Палестинците за членство

Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе одржи седница  на која ќе расправа за нацрт-резолуцијата за повторно разгледување на кандидатурата на Палестинците за членство во организацијата и доделување дополнителни права.

Според агенциите, Обединетите Арапски Емирати предлагаат нова резолуција, која ќе биде претставена на гласање пред Генералното собрание.

Осврнувајќи се на правото на Палестинците на самоопределување и државност, резолуцијата го повикува шефот на ОН, Антонио Гутереш, да ги преземе неопходните чекори за спроведување на одлуката. Во анексот се бара право „Палестина да биде меѓу земјите-членки по азбучен ред и право да влезе во листата на говорници за точките на дневниот ред, освен палестинските и блискоисточните прашања“. Исто така, се бара право на Палестина на целосно и ефективно учество на конференциите на Обединетите нации и меѓународните конференции и состаноци.

Палестинците во 2011 година поднесоа барање за полноправно членство во ОН, но не ја добија поддршката од Советот за безбедност, па во 2012 година добија „статус на постојан набљудувач“ во ОН.

Џоана: Русија нема намера или воена можност да нападне некоја од земјите-членки на НАТО

Русија нема намера или воена можност да нападне некоја од земјите-членки на НАТО, но води хибридна војна.

Русија нема намера или воена можност да нападне некоја од земјите-членки на Северноатлантската алијанса (НАТО), но води хибридна војна против Западот, изјави заменик-генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана.

„Очигледно, Русија во овој момент нема ниту намера ниту можност воено да нападне која било земја на НАТО, но против нас е започната тотална хибридна војна и се соочуваме со сајбер напади, дезинформации, хибридна војна, проблеми поврзани со саботажа, акти на насилство и атентати“, оцени Џоана.

Тој рече дека е благодарен што Романија е членка на НАТО сред, како што вели, криза и сложени технолошки и социјални трансформации, пренесува Диги ФМ. Тој нагласи дека НАТО е во процес на промени, особено кога се во прашање одбранбените планови и зголемувањето на военото производство.

Кремљ соопшти дека Руската Федерација никому не се заканува, но дека нема да игнорира дејствија кои се потенцијално опасни за нејзините интереси. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Москва останува отворена за дијалог со НАТО на рамноправна основа и дека Западот мора да се откаже од милитаризацијата на Европа.

Најмногу дожд на Попова Шапка во изминатите 24 часа

 Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал на Попова Шапка, каде според мерењата на УХМР се регистрирани 43 литри на метар квадратен. 

Врнежи имало и во Куманово - 31 литар, во Дебар - 23, во Крива Паланка - 21, во Пожаране - 16, во Тетово - 12, во Струмица и Гевгелија - 10, во Претор, Охрид и Виница осум, во Маврови Анови седум, во Крушево пет, во Лазарополе, Штип и Дојран четири, во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Битола два и во Берово и Велес еден литар.

ОД УХМР информираат дека времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во јужните делови каде повремено ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во североисточните делови повремено засилен ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 20 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд и со слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.

притисни ентер