Видео: Експлозија во најголемата романска нафтена рафинерија Петромидија, нема повредени

Експлозија се случи утринава во најголемата романска рафинерија и една од најголемите во источна Европа - Петромидија, лоцирана во Наводари, округот Констанца, на брегот на Црното Море, јавија локалните медиуми.

Властите велат дека нема жртви. Во моментов се вршат мерења за утврдување на степенот на загаденост на воздухот.

Густи облаци од црн чад се издигнуваат во областа и се видливи од градот Констанца и од одморалиштето Мамаја.

Активиран е таканаречениот „план за црвена интервенција“. На местото на настанот се испратени шест противпожарни возила, две со високи скалила и три возила на брза помош. Дополнителна помош се очекува да пристигне од Слобозија и Фетешт.

На почетокот на јули 2021 година, експлозија во Петромидија резултираше со смрт на тројца работници. Во јуни 2023 година, пожарникар беше повреден по пожар во фабриката за дестилација на дизел гориво во Петромидија.

Финансиска полиција со кривична пријава против три физички и едно правно лице

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднела кривична пријава против три физички и едно правно лице.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднела кривична пријава против три физички и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „измама” по чл. 247 и „фалсификување исправа” по чл. 378 од Кривичниот Законик, за сторена штета во вкупен износ од 214.411.861 денари.

Како што се наведува во соопштението од Финансиска полиција, првопријавеното физичко лице во својство на вработено и третопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице, заедно со второпријавеното физичко лице вработено кај оштетеното правно лице, со намера да се стекнат со противправна имотна корист со лажно прикажување на факти, го довеле во заблуда оштетеното правно лице, неосновано да исплати значителен износ на парични средства по основ на откуп на стари акумулатори.

- Првопријавеното и третопријавеното лице во свое име и за сметка на пријавеното правно лице изготвувале и употребувале лажни формулари за отпад на стари акумулатори, кои второпријавеното физичко лице како вработено во оштетеното правно лице ги потпишувало и ги одобрувало лажните испратници и откупните белешки, иако истото знаело дека робата не била испорачана и примена, со што овозможило оштетеното правно лице неосновано да исплати вкупен износ од 214.411.861 денари, се појаснува во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Градоначалникот на Киев ја повика владата да вложи повеќе напори во борбата против корупцијата

 Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко ја обвини украинската влада дека прави премалку во борбата против корупцијата во земјата, јави ДПА.

Кличко даде интервју за германски медиуми од групата Функе, кое беше објавено денеска. Запрашан дали владата е на вистинскиот пат во својата борба против корупцијата, тој одговори: „Можете да го поставите тоа прашање на секој граѓанин и сигурен сум дека тој ќе одговори со не“. Кличко изјави дека и тој е „на истото мислење“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано најавуваше дека води тешка битка против корупцијата и злоупотребата на средства во државниот апарат. Пред само неколку дена министерот за земјоделство поднесе оставка поради обвинувања за корупција.

Во врска со односите со Зеленски, Кличко изрази жалење за недостигот на кохезија меѓу водечките политичари во Украина. „За жал, во овој период на војна, нема единство меѓу политичките сили“, рече Кличко. Тој истакна дека од почетокот на војната, постојано се обидувал да се сретне со Зеленски.

„Но, за жал, немав можност лично да се сретнам со Зеленски“, рече Кличко.

Градоначалникот на Киев укажа на штетата предизвикана од руските беспилотни летала и повика на поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на Украина

По две години војна, штетите во Киев се огромни. Повеќе од 800 згради беа оштетени и уништени од воздушните напади. Повеќе од 200 луѓе загинаа, меѓу кои седум деца. /МИА

Десетици торнада поминаа низ централниот дел на САД, најмалку петмина загинати

Најмалку пет луѓе загинаа, вклучувајќи четиримесечно бебе, откако десетици торнада помина низ централниот дел на САД, предизвикувајќи сериозни штети. Д

есетици илјади луѓе останаа без струја откако бурите почнаа во петокот. Досега е потврдено дека четири лица загинаа во сојузната држава Оклахома, а едно во Ајова. Националната метеоролошка служба објави дека некои торнада имале налети од 218 километри на час. Особено тешко е погоден градот Сулфур во Оклахома, каде што цели домови се срамнети со земја. Во оваа сојузна држава има и повеќе од 100 повредени. Ова уследи откако повеќе од 70 торнада ги погодија небраска и Ајова во петокот. Најголем дел од нив биле околу градот Омаха.

притисни ентер