Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. 

Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на останата опрема за транспорт, Производство на мебел, Останата производствена индустрија и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.9 %, Капитални производи за 4.8 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 15.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %

Предизборни калкулации околу составот на идната влада

Откако ги прозваа дека за да му се допаднат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се откажале и од условот за уставни измени, албанските опозиционери ги повторија нивните барања за  учество во новата влада. 

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Според Гаши, тие се обврзани да бидат дел од идната влада во која ќе водат важни институции од секторот за внатрешни работи. Со ВМРО-ДПМНЕ, вели, се уште не разговарале за темата уставни измени, но оти за тоа е потребен поширок консензус и дебата.

Позициите од кои не планираат да се откажат ги повтори и потпретседателот на ДУИ, Османи - усвојување на уставните измени, почитување на договорите како и ветинг, се условите за коалицирање на „интегративците“. На Мицкоски му одговори дека тој не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во новата влада туку народот, а скандирањето „УЧК“ од лидерот на ДУИ Ахмети на митинг среде Скопје, според Османи, е реакција на националистичката реторика од Мицкоски која ги иритирала Албанците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митинг синоќа од Битола упати порака до Мала Речица, како што рече, да не праќаат емисари да го премислат, бидејќи партнерот за новата влада ќе го бара во албанската опозиција, а на ДУИ време и е за опозиција и одговорност.

Отворена врата за коалицирање Мицкоски остави и за движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски и во партиите со кои ќе споделуваат исти принципи и вредности и чии гласови ги очекува на контото на Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори.

МФ-Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките

Министерството за финансии пред малку информираше дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледала извештајот за зголемените цени на осигурителните полиси за возилата. 

Од таму велат дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување. Пред Минситерството за финансии е Игор Манасиевски, целосниот извештај погледнете го во видеото.

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во Европската унија на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

притисни ентер