Вработените на ФЗО излегоа на предупредувачки протест

Усогласување на платите со минималната плата, задржување на вредноста на бодот за пресметка на платите и разрешување на Управниот одбор на ФЗО, побараа денеска на предупредувачки протест вработените од Фондот. 

Тие порачаа дека доколку до 15 мај надлежните не преземат ништо во врска со нивните барања, ќе започнат со неколкучасовни протести низ целата држава, а доколку барањата целосно не им се исполнат, од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.

-Со оглед на тоа дека самите најавиле дека до формирање на нова Влада немаат во план да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто постои Управниот одбор, би било поетички да си отидат и да се изберат нов. После 31.05 немаме бод, немаме плата и не знаеме за што ќе работиме, така е нашиот Закон, така се пресметува платата,- Бранко Аџигогов – претседател на синдикална организација на ФЗО.

Аџигогов објаснува дека станува збор за усогласување на платите од 2400 денари за околу 800 вработени во Фондот. Претседателот на УПОЗ Трпе Дејаноски ги повика надлежните институции што поскоро да ги исполнат барањата на вработените, со оглед на тоа што штрајкот на ФЗО би ги ставил во неизвесност услугите на граѓаните како здравствени осигуреници, како и платите на вработените во јавното здравство.

-Да не дозволиме овие вработени позади нас да ги затворат вратите, бидејки ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од ФЗО, помагаме и работиме за најлошите случаи во државата,- Трпе Деаноски- претседател на УПОЗ.

Претходно, вработените во Фондот штрајкуваа три дена во февруари и работеа само на итни случаи. Штрајкот беше прекинат откако беше постигнат договор платите да се пресметуваат со истиот бод до крајот на мај, па најавата за штрајк доаѓа токму по истекот на овој договор.

Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело, одлучи Апелациониот суд во Скопје.

Како што соопштија од судот, ова решение е по жалбата на мијалков на одлуката на Основен кривичен суд Скопје, а го донеле на нејавна седница одржана на 14 мај годинава. Мијалков издржува казна во затворот во Струга, откако по признанието на вина беше осуден на три години затвор во предметот „Империја“.

Денеска предизборен молк, утре се прегласува на седум избирачки места

Денеска е изборен молк, а утре ќе има прегласување на седум избирачки места во петата и шестата изборна единица за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај.

Во периодот од 7 до 19 часот ќе се прегласува на по две избирачки места во Крушево и во Долнени и на по едно избирачко место во Струга, Охрид и Желино. Одлуката за прегласување на сите седум избирачки места ја донесе државната изборна комисија откако Управниот суд ги одби како неосновани сите седум тужби против решенијата на Државната изборна комисија.

На сите овие избирачки места, комисијата ги разреши и претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Еден ден пред изборниот молк пак, вчера Државната изборна комисија информираше дека е подготвена за прегласување на седумте избирачки места како од технички и организациски аспект, така и во однос на надзорот.

Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за сезонската авиолинија меѓу Скопје и Крф

Грчкиот авиопревозник Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина - Скопје - Крф - Скопје - Атина, објави порталот exyuaviation.com.

Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а авиолинијата Скопје - Атина да се реализира во среда и недела наутро.

Според ревидираниот распоред, се чини дека Ејџијан Ерлајс целосно откажува два неделни лета, намалувајќи ја вкупната фреквенција меѓу Скопје и Атина од секојдневни летови на пет лета неделно, почнувајќи од 4 јуни.

Компанијата не исклучува и дополнителни промени во редот на летање, наведува exyuaviation.com.

Како што објави ТАВ Македонија на 2 април годинава, сезонска авиолинија меѓу Скопје и Крф требаше да почне од 1 јуни.

притисни ентер