Активен е и пожарот кај местото викано Фрлогоец на Бистра Планина. На терен се наоѓа екипа на Шумското стопанство и се работи на негово локализирање.

Од ЦУК информираат, активни пожари има во атарот на селата Растеш, Заград и Волче. Гори и во близина на село Крушевица во високиот непристапен терен. Ангажирани се лица од Јавното Претпријатие „Црн Бор“ и од месното население, велат од Центарот. Во карпест и непристапен терен гори и месноста Мушов Гроб. За негово гасење ангажирани се вработени на Шумското стопанство.

Пожарот во село Корито, општина Гостивар, каде е зафатена сува трева и нискостеблести жбунести растенија, не е целосно изгаснат, но е под контрола, соопштува ЦУК. Направен е појас околу огнот, со цел да не се прошири.

Пожарот кој вчера од подрачјето на општина Прилеп навлезе на подрачјето на општина Чашка во атарот на селата Смиловци и Попадија, во делот на село Смиловци е изгаснат. Опожарената површина е со сува трева и нискостеблеста шума. Под контрола е и пожарот во село Гугурница.

Македонија гори веќе еден месец. Од ЦУК смируваат, пожарите будно се следат и се под контрола.


Датум на објава: сабота, 12 август 2017 во 14:21
Катерина Капкоска
Обновено во: 15:45

коментари

остави коментар